Јужен Тирол
Јужен Тирол — автономна покраина во Северна Италија, една од двете кои го сочинуваат автономниот регион Трентино-Јужен Тирол.[4] Нејзиното официјално име е Автономна покраина Болцано-Јужен Тирол, односно на трите официјални јазици: Autonome Provinz Bozen – Südtirol на германски; Provincia autonoma di Bolzano – Alto Adige на италијански, и Provinzia autonoma de Bulsan – Südtirol на ладински, одразувајќи ги трите главни јазични групи на кои им припаѓа населението на покраината. Покраината се наоѓа во најсеверниот дел на Италија, таа е втора по големина, со површина од 7.400 квадратни километри и има вкупно население од 531.178 жители заклучно со 2019 година. Нејзин најголем и главен град е Болцано. Според податоци од 2014 година, засновни на пописот од 2011 година, 62,3% од населението се користи со германскиот како прв јазик (стандарден германски јазик во пишана форма и австро-баварски дијалект во говорна форма); 23,4% од населението се користи со италијанскиот како прв јазик, главно во и околу двата најголеми градови (Болцано и Мерано); 4,1% зборуваат ладински, реторомански јазик, и 10,2% од населението (главно неодамнешни доселеници) се користи со друг мајчин јазик. На покраината ѝ е доделено значително ниво на самоуправа, кое се состои од голем спектар на ексклузивни законодавни и извршни овластувања и фискален режим кој ѝ овозможува на покраината да задржи 90% од приходите, додека останува нето-придонесувач во националниот буџет. Во 2016 година, Јужен Тирол била најбогатата покраина во Италија и меѓу најбогатите во Европската унија. Во поширокиот контекст на Европската унија, покраината е една од трите членки на еврорегионот Тирол-Јужен Тирол-Трентино, кој речиси одговара со историскиот регион Тирол. Другите членки се државата Тирол во Австрија, на север и исток, и италијанската автономна покраина Тренто на југ. ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia