Јулија Ефимова
Јулија Андрејевна Ефимова (руски: Юлия Андреевна Ефимова), (родена на 3 април 1992 г.) — руска пливачка. Ефимова пливала за Русија на Летните олимписки игри во 2008, 2012 и 2016 година. На игрите во 2012 во Лондон таа го освоила бронзениот медал во дисциплината 200 метри градно, а на игрите во 2016 во Рио таа ги освоила сребрените медали на 100 и 200 метри градно. Ефимова го соборила светскиот рекорд на 50 метри градно на Светското првенство 2013, а исто така ги освоила златните медали во дисциплините 50 и 200 метри градно на истото првенство. Таа била сопственик на светските рекорди на 50 и 200 метри градно во мали базени.[2][3] Во 2014 година таа паднала на допинг тест и била суспендирана од натпреварувањата околу една година, со што и биле избришани двата светски рекорди во мали базени.[4] Личен животЕфимова е родена во Грозни, и по Првата чеченска војна таа заедно со свето семејство се преселила во Волгодонск. Таму, Ефимова тренирала во едно од локалните училишта раководени од нејзиниот татко Андреј Михаилович. До 2011 година, таа живеела во Таганрог, каде била тренирана од Ирина Вјачанина. Во март истата година, таа се преселила во Калифорнија, САД, каде нејзин тренер е американецот Дејв Сало.[5] Пливачка кариераПрвото значајно остварување на Ефимова било освојувањето на трите златни медали во дисциплините 50, 100 и 200 метри градно на Европското првенство во мали базени во 2007 година. На Европското првенство 2008 во Ајндховен таа го освоила златниот медал на 200 метри градно и сребрениот медал на 50 метри градно. Таа учествувала на Летните олимписки игри 2008 во Пекинг, завршувајќи на четвртото место на 100 метри градно и на петтото место на 200 метри градно. Таа година, руската пливачката федерација ја прогласила за „откритие на годината“. Во 2010 година, Ефимова освоила златни медали на Европското првенство 2010 во дисциплините 50 и 100 метри градно. Во 2012 година, Ефимова го освоила бронзениот медал во дисциплината 200 метри градно на Летните олимписки игри 2012, со нов државен рекорд од 2:20.92. Една година подоцна на Светското првенство 2013 во Барселона таа победила на 200 метри градно, повторно поставувајќи државен рекорд од 2:19.41. Во квалификациите на 50 метри градно, таа поставила нов светски рекорд од 29.78 кој потоа бил соборен од Рута Мејлутите во полуфиналната трка. Во финалето, Ефимова го освоила златниот медал со време од 29.52 кое било нов државен рекорд. На Светското првенство 2015 во Казањ, русинката за првпат освоила златен медал од трките на 100 метри градно победувајќи со време од 1:05.66. Во дисциплината 50 метри градно таа го освоила бронзениот медал, а во дсциплината 200 метри градно таа изненадувачки не успеала да влезе ниту во полуфиналето, завршувајќи на 17. место во квалификациите. Допинг скандалиВо 2014 година, Ефимова паднала на допинг тест. Нејзиниот тест бил позитивен на дехидроепиандростерон, ендоген стероиден хормон забранет во професионалниот спорт.[6] На 13 мај 2014 година, таа добила суспензија која траела до 28 февруари 2015 година.[7] Нејзините медали и резултати од Светското првенство во мали базени во 2013 година биле избршани. Постигнатите два светски рекорди на првенството исто така биле избришани. Ефимова исто така била позитивна на супстанцата мелдониум во март 2016 година. Таа привремено била казнаета од страна на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА).[8] Оваа суспензија подоцна била ставена на чекање додека Светската анти-допинг агенција ја испитува супстанцата.[9] Летни олимписки игри 2016Учеството на Ефимова на Летните олимписки игри 2016 било контроверзно во поглед на тековниот скандал за допинг на рускиот олимписки тим.[9] На Ефимова првично и било забрането учеството на игрите поради претходните допинг суспензии,[10] но оваа казна била укината од страна на Судот за спортска арбитража,[11] кој и дозволил да се натпреварува. За време на игрите, таа била исвиркувана од страна на публиката за време на своите трки. Таа исто така била критикувана од други пливачки, вклучувајќи ја Лили Кинг, која го освоила златниот медал во дисциплината 100 метри градно. Ефимова го освоила сребрениот медал во таа дисциплина, и за време на конференцијата за медиуми, таа била „на работ на солзи од прашањето за исвиркувањата упатени кон неа“.[12][13] Три дена подоцна, таа го освоила сребрениот медал во дисциплината 200 метри градно, завршувајќи зад Рие Кането од Јапонија. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia