Виола Дејвис
Виола Дејвис (родена на 11 август 1965 г.)[1] — американска глумица и продуцент. Таа е единствената црнка која трипати била номинирана за наградата Оскар, добивајќи еден, и е единствената црнка која ги има добиено трите најпрестижни награди за глума, Оскар, Златен глобус и Награда Тони.[2][3][4] Во 2012 и 2017 година, таа била именувана на списокот „сто највлијателни луѓе во светот“ кој го изготвува списанието Тајм.[5][6] Откако дипломирала на престижната школа „Џулијард“ во 1993 година, Дејвис ја започнала својата кариера во театар. Таа играла споредни и мали улоги во неколку филмови и телевизиски серии на крајот на 1990. години и почетокот на 2000. години, и тоа во филмовите Кејт и Леополд (2001) и Далеку од рајот (2002) и во серијата Закон и ред: Одделение за посебни жртви. Во 2001 година таа добила Награда Тони за најдобра театарска глумица за изведбата на Тоња во претставата Кралот Хедли II. Дејвис направила пробив во филмската индустрија во 2008 година кога нејзината споредна улога во драмата Сомнеж ѝ донела неколку номинации, и тоа номинација за Златен глобус, номинација за наградата која ја доделува здружението на филмски глумци, и номинација за Оскар за најдобра споредна глумица. Во 2010 година, Дејвис добила Награда Тони за најдобра главна театарска глумица за нејзината изведба како Роуз Максон во обновената претстава Огради.[7] За улогата на куќната слугинка Ејблин Кларк во комичната драма Слугинки (2011), таа добила номинација за Оскар за најдобра глумица и ја добила наградата за најдобра глумица која ја доделува здружението на филмски глумци.[8][9] Од 2014 година, Дејвис ја игра улогата на адвокатот Аналис Китинг во телевизиската серија Како да се извлечеш со убиство, улога која ѝ донела Еми награда за најдобра главна глумица во драмска серија, со што станала првата црнка која ја добила оваа награда.[10] Во 2016 година, Дејвис глумела во суперхеројскиот филм Одред на отпишаните и ја повторила улогата на Роуз Максон во филмската адаптација на Огради,[11] за која ги освоила наградите Оскар, Златен глобус и БАФТА за најдобра споредна глумица.[12] Дејвис и нејзиниот сопруг, Џулијус Тенон, се основачи на продукциската компанија JuVee Productions. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia