Војничев ракопис
Војничев ракопис (англиски: Voynich Manuscript) — таинствена, неразјаснета книга (кодекс), напишана во XV век од непознат автор, на непознат јазик и со непознато писмо. Според некои истражувања, ракописот бил создаден во периодот меѓу 1404 г. и 1438 г., а како можен автор се спомнува алхемичарот Никола Фламел (1330 — 1418). Содржината најверојатно опишува алгоритам за создавање на камен на мудроста — еликсирот на бесмртноста.[1] Во текот на целото познато постоење, ракописот бил предмет на интензивно проучување од страна на многу професионални и љубителски криптографи, вклучувајќи некои од најпознатите американски и британски криптоаналитичари од Втората светска војна, но никој од нив не успеал да дешифрира ниту еден дел од текстот. Овој постојан неуспех го претворил Војничевиот ракопис во познат предмет на историската криптографија, но воедно дал поттик и на теоријата дека книгата претставува вешто составена, но бесмислена низа од случајни симболи. Книгата го носи името по американскиот книжар од полско потекло Вилфрид Војнич, кој ја набавил во 1912 г. Денес се чува во Библиотеката за ретки книги и ракописи „Бејнеке“ на Јејлскиот универзитет. ОписСпоред последните проценки, книгата првично содржела 272 страници, распоредени во 17 колони од по 16 страници. До денес се сочувани околу 240 страници направени од тенок пергамент. На кориците нема никакви натписи или цртежи. Големината на страниците изнесува 15 × 23 см, а дебелината на книгата е помала од 3 см. Пропустите во бројките на страниците (кои очигледно се понови од самата книга) укажуваат дека некои страници биле изгубени пред таа да стане сопственост на Војнич. За пишување на текстот и за контурите на илустрациите било користено писмено перо, а илустрациите се обоени (понекогаш доста грубо) со боја, веројатно подоцна. ИлустрацииОсвен на завршниот дел од книгата, на сите страници има илустрации. Судејќи според нив, книгата содржи неколку различни раздели, разликувани по содржина и стил:
Текст![]() Текстот е јасно напишан од лево кон десно, со малку нерамна десна маргина. Подолгите делови се поделени во пасуси, понекогаш со ознаки во левиот раб. Во ракописот нема видлива интерпункција. Ракописот е рамномерен и мазен, оставајќи впечаток дека писмото било познато на писарот и дека тој разбирал што пишува. Во книгата има над 170.000 одделни знаци, обично одвоени едни од други со мали празнини. Повеќето знаци се напишани со едно или две едноставни движења на перо. Целиот текст на ракописот е составен со азбука од 20 до 30 букви. Исклучок се неколку десетици необични знаци што се појавуваат само еднаш или двапати низ книгата. Поголемите празнини меѓу знаците го делат текстот на околу 35.000 „збора“ со различна должина. Изгледа дека се потчинети на некакви правописни или фонетски правила. Некои знаци мораат да се појават во секој збор (како самогласките), некои никогаш не стојат еден по друг, некои можат да се удвојуваат, а други не. Статистичката анализа на текстот покажала структура карактеристична за природните јазици. На пример, повторливоста на зборовите соодветствува со Ципфовиот закон, а вербалната ентропија (околу 10 бита по збор) е слична на онаа кај англиските или латинските текстови. Некои зборови се појавуваат само во одредени делови на книгата или само на неколку страници, додека други се повторуваат низ целиот текст. Меѓу стотиците натписи до илустрациите има многу малку повторувања. Во „Ботаничкиот“ раздел, секој прв збор на секоја страница се јавува само на таа страница, и веројатно претставува име на растението. Од друга страна, јазикот на Војничевиот ракопис е многу различен од постојните европски јазици. На пример, во книгата речиси и да нема зборови подолги од десет „букви“, и речиси нема едно- и двобуквени зборови. Внатре во зборовите, буквите се распределени на својствен начин: некои знаци се појавуваат само на почетокот на зборот, други само на крајот, а некои секогаш во средината — распоред што е карактеристичен за арапската, но не и за латиницата, грчката азбука или кирилицата. Во текстот има повеќе повторувања отколку што е типично за европските јазици. Постојат случаи кога ист збор се повторува трипати по ред. Зборови што се разликуваат само по една буква исто така се појавуваат невообичаено често. Целиот „речник“ на Војничевиот ракопис е посиромашен отколку што би се очекувало од статистичка гледна точка. ИсторијаБидејќи азбуката на ракописот нема визуелна сличност со ниту еден познат систем за пишување и текстот сѐ уште не е дешифриран, единствената насока за утврдување на староста и потеклото на книгата се илустрациите. Поточно, облеката и изгледот на нацртаните жени, како и видот на некои од дијаграмите. Сите овие подробности се карактеристични за Европа, и книгата датира меѓу 1450 г. и 1520 г. Ова посредно се потврдува и преку други знаци. Во научно-популарниот филм „Војничевата шифра“, прикажан на Viasat History, времето на создавање на книгата е утврдено со јаглеродна анализа — околу 1420 г. Единствениот препознатлив цртеж во текстот е ѕид со брановидни бедеми и кула зад него. Околу 1420 г. такви бедеми постоеле само во Северна Италија, иако подоцна се прошириле низ цела Западна Европа, што е основа за заклучокот дека книгата била напишана токму во Северна Италија. Првиот точно познат сопственик на книгата бил Георг Бареш (Georg Baresch), алхемичар што живеел во Прага на почетокот на XVII век.[2][3] Бареш изгледа бил збунет од таинствената книга во неговата библиотека. Откако дознал дека Атанасиј Кирхер (Athanasius Kircher), познат исусовец и научник од Римскиот колеџ (Collegio Romano), објавил коптски речник и (наводно) ги дешифрирал египетските хиероглифи, тој препишал дел од ракописот и му испратил примерок на Кирхер во Рим (двапати), молејќи го за помош во дешифрирањето. Писмото од Бареш до Кирхер од 1639 г. денес е пронајдено од Рене Зандберген (Rene Zandbergen) и претставува најраното познато спомнување на ракописот. Останува нејасно дали Кирхер одговорил на молбата, но е познато дека сакал да ја купи книгата, иако Бареш веројатно одбил да ја продаде. По смртта на Бареш, книгата преминала кај неговиот пријател Јоханес Маркус Марци (Johannes Marcus Marci), ректор на Прашкиот универзитет. Марци веројатно му ја испратил на Кирхер, негов стар пријател. Придружното писмо од 19 август 1666 г. (можеби и 1665) е прикачено кон ракописот. Во писмото се тврди дека книгата првично ја купил Рудолф II за 600 дукати и верувал дека авторот е Роџер Бејкон. Следните 200 години од историјата на ракописот се непознати, но најверојатно книгата се чувала со другите списи на Кирхер во библиотеката на Римскиот колеџ (денешниот Грегоријански универзитет). Веројатно таму останала сѐ до 1870 г., кога војниците на италијанскиот крал Виктор Емануел II го освоиле градот и ја припоиле папската држава кон Италија. Новата италијанска власт конфискувала голем дел од имотот на Католичката црква, вклучувајќи ја и библиотеката. Според истражувањата на Хавиер Чекалди (Xavier Ceccaldi) и други, пред тоа многу книги од универзитетската библиотека биле итно префрлени во факултетските библиотеки, кои не биле конфискувани. Списи на Кирхер биле меѓу нив, како што очигледно бил и Војничевиот ракопис, бидејќи книгата има запис од Петрус Бекс (Petrus Beckx), кој тогаш бил водач на исусовците и ректор на универзитетот. Библиотеката на Бекс била пренесена во вилата Мондрагон во Фраскати (villa Borghese di Mondragone a Frascati) — голем дворец во близина на Рим, кој исусовците го стекнале во 1866 г. Во 1912 г., Римскиот колеџ имал потреба од финансии и одлучил во строга тајност да продаде дел од својот имот. Вилфрид Војнич купил 30 ракописи, меѓу кои и оној што денес го носи неговото име. Во 1930 г., по смртта на Војнич, неговата вдовица Етел Лилијан Војнич ја продала книгата на друг трговец со ракописи, Ханс Краус (Hanse P. Kraus). Бидејќи не нашол купувач, во 1969 г. Краус го донирал ракописот на Јејлскиот универзитет. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia