Ема Роуз Робертс (англ. Emma Rose Roberts; родена на 10 февруари 1991 година)[1] ― американска глумица, пејачка и продуцент.[2] Најчесто глуми во филмови на ужасите и трилери, а за нејзините улоги добила различни признанија, меѓу кои: Награда за млад глумец, Награда за филм и ТВ од MTV и награда „ShoWest“.
Живот и кариера
Рани години
Ема Роуз Робертс била родена на 10 февруари 1991 година во Рајнбек, Њујорк.[3] Нејзин татко е глумецот Ерик Робертс,[4] кој се развел со нејзината мајка, Кели Канингам, кога Ема имала седум месеци. Глумиците Џулија Робертс и Лиза Робертс Гилан се нејзини тетки.
2001–2010: Почетоци на кариерата, од детска ѕвезда до тинејџерски идол
Ема Робертс дебитирала на филмското платно на деветгодишна возраст во филмот „Удар“ (англ. Blow) (2001). Во филмот ја глумела Кристина Јунг, ќерка на ликовите кои ги толкувале Џони Деп и Пенелопе Круз. Потоа била статист во сцени во филмот „America's Sweethearts“ во кој глумела нејзината тетка Џулија Робертс.[5] Ема Робертс имала помали улоги во два филма: Големиот шампион од (2002) и Spymate (2006).
Робертс потпишува автограми во 2008 година
Во 2004 година, почнала да го глуми главниот лик Ади Сингер во Никелодеоновата комедија Unfabulous,[6] премиерно емитуван во септември истата година. За улогата, Робертс била номинирана за Награда по избор на тинејџерите и за Награда за млад глумец.[7] Серијата се емитувала три сезони (2004–2007). По нејзиното појавување на Unfabulous, Никелодеон размислувале да ѝ овозможат почеток на музичка кариера на Робертс.[8] Во 2005 година, Робертс го издала првиот албум под наслов Unfabulous and More. Албумот бил издаден на 27 септември 2005 година преку Columbia Records и Nick Records и послужил како саундтрак за телевизиската серија Unfabulous. Албумот содржел неколку авторски песни (меѓу нив биле „Dummy“ и „I Wanna Be“ за кои биле објавени музички спотови).
Истата година, Робертс ја снимила песната „If I Had It My Way“ за саундтракот од Дизниевиот филм од 2005 година Ледена принцеза. Во 2006 година, Робертс ја преработила песната „Island in the Sun“, првично снимена од Визер во 2001 година. Во 2006 година Робертс се вратила на филмското платно, глумејќи во Аквамарин.[9][10] Во 2007 година ја добила „Наградата за млад глумец“ за најдобра споредна млада глумица во игран филм за нејзината улога во филмот Аквамарин.[11]
Во 2007 година глумела во филмот Ненси Дру, а во 2008 година ја имала главната улога во филмот Бунтовничка во интернатот (англ: Wild Child)[12] и глумела во: Семејството Бартлет (англ. Lymelife) и Лет пред Божиќ (англ. The Flight Before Christmas) во кој дебитирала како гласовна глумица.[13] Во 2009 година, Робертс заедно со Џејк Т. Остин глумела во Хотел за кучиња (англ. Hotel for Dogs),[14] заснован на романот од Лоис Данкан. Истата година глумела во Победничка сезона (англ. The Winning Season). Во 2010 година, Робертс глумела во филмот Денот на вљубените во кој се појавила и нејзината тетка, Џулија Робертс, иако тие никогаш не биле заедно на екранот. Таа година глумела во Дванаесет, Сеќавањата на тинејџерот со амнезија; 4 девојки, 3 дена, 2 града и една шанса; Една смешна приказна; и Вирџинија (соодветно англ. Twelve, Memoirs of a Teenage Amnesiac, 4.3.2.1. , It's Kind of a Funny Story и Virginia).[15]
2011–2019: Позрели улоги и пофалби од критиката
Робертс на настанот Denim Habit Event во Њујорк (октомври 2011 година)
Во 2011 година, заедно со Фреди Хајмор глумела во романтичната комедија Уметноста на препуштањето (англ. The Art of Getting By).[16][17] Исто така, ја играла улогата на Џил Робертс во филмот „Вресок 4“.[18][19] Во 2012 година Ема Робертс глумела во филмот Селест и Џеси засекогаш. Робертс во едно интервју рекла дека нејзината улога во филмот ја искушувала да напише албум со песни користејќи го нејзиниот лик од филмот како алтер его.[20]
Робертс заедно со Џон Кјузак и Еван Питерс глумела во комедијата Светот на возрасните, (англ. Adult World) објавен на 18 април 2013 година. Робертс глумела штотуку дипломирана девојка која работи во секс-шоп за да врзе крај со крај. Следниот месец гостувала како Аманда Барингтон во анимираниот ситком Семеен човек, во епизодата „No Country Club for Old Men“.[21] Робертс потоа глумела во комедијата Ние сме Милерови (англ. We're the Millers), во кој глумеле и Џенифер Анистон и Џејсон Судеикис. Филмот добил мешани критики од критичарите, но бил успешен на кино-благајните, заработувајќи над 269 милиони долари наспроти буџет од 37 милиони долари.[22] Робертс ја имала главната улога во режисерското деби од Џиа Копола, Пало Алто, базиран на истоимената збирка раскази од Џејмс Франко. Филмот бил објавен на 29 август 2013 година и добил претежно позитивни критики, а особено била пофалена изведбата на Робертс.[23][24]
Робертс и Џејми Ли Кертис во Сан Диего во 2015 година
Робертс имала главна улога во третата сезона од антологиската хорор серија, Американска хорор приказна. Робертс глумела една проститутка по име Медисон Монтгомери, која исто така е телекинетичка вештерка.[25] Потоа ја глумела Меги Есмерелда, измамничка која се претставува како гатачка, во Американска хорор приказна: Изроди.[26] Во 2015 година, Робертс глумела заедно со колешката од Пало Алто, Нат Волф во филмот Ешби, (англ. Ashby).[27][28] Робертс потоа глумела во филмот на ужасите Февруари (англ. The Blackcoat's Daughter) и заедно со Џејми Ли Кертис и Леа Мишел глумела еден од главните ликови во хумористичната хорор-серија Кралици на вресокот (англ. Scream Queens). Серијата била откажана по две сезони.[29][30]
Робертс, заедно со Дејв Франко, глумела во адаптацијата на романот за млади Храброст (англ. Nerve).[31] Филмот заработил 85 милиони долари наспроти буџетот од 19 милиони долари.[32][33] Во 2017 година, Робертс ја глумела Џес во драмата „Кои сме сега“ (англ. Who We Are Now), премиерно прикажан на 9 септември 2017 година на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.[34] Подоцна, Робертс се вратила во Американска хорор приказна, гостувајќи како репортерката Серена Белинда, во седмата сезона, „Култ “, во епизодата „11/9“. [35] Во март 2018 година, било објавено дека Робертс ќе глуми во „Духот на Ања“ (англ. Anya's Ghost), натприродна комедија заснован на истоимениот наградуван графички роман од Вера Бросгол објавен во 2011 година.[36] Од април до август 2018 година, Робертс глумела во три филма: Во врска, Клуб на момчиња-милијардери и Мала Италија (соодветно англ. In a Relationship, Billionaire Boys Club, Little Italy).[37][38][39]
Потоа се појавила во Американска хорор-приказна: Апокалипса, каде што ја повторила нејзината улога на Медисон Монтгомери.[40] На 8 октомври 2018 година, било објавено дека Робертс е дел од актерската екипа на анимираниот музички филм UglyDolls, во кој ќе го позајми гласот на ликот Веџхед. Филмот бил објавен на 3 мај 2019 година.[41] Во 2019 година, Робертс глумела во филмот Парадајз Хилс, како Ума.[42] Филмот ја имал светската премиера на филмскиот фестивал Санденс на 26 јануари 2020 година.[43][44] Од септември до ноември 2019 година, Робертс глумела во деветтата сезона од Американска хорор приказна, со поднаслов 1984, во улогата на Брук Томпсон.
2019-сега: Нови улоги
Во март 2019 година, било најавено дека Ема Робертс ќе глуми во романтичната комедија Holidate,[45] кој бил објавен на 28 октомври 2020 година.[46][47] Робертс глумела во контроверзниот трилер-филм од 2020 година „Лов“ (англ. The Hunt).[48][49][50][51] Во септември 2020 година, било објавено дека потпишала прв телевизиски договор со Hulu.[52] Во 2022 година, Робертс глумела во романтичната комедија За судбината, (англ. About Fate) во режија на Мариус Балчиунас-Вајсберг.[53][54] Истата година глумела и го продуцирала трилер-филмот Abandoned.[55] Во 2022 година била избрана да глуми во Мадам Веб (2024).[56] Во 2024 година глумела и била продуцент на филмот Вселенски кадет (англ. Space Cadet).