Израелско-либанска војна од 2006 година
Израелско-либанска војна од 2006 г. позната во Израел како Втора либанска војна, и во Либан како Јулска војна — меѓудржавна војна помеѓу Израел и Либан. Војната се водeше на територијата на Либан и во северен Израел помеѓу израелската војска и вооруженото крило на Хезболах. Израел вршеше масовно воздушно бомбардирање на јужен Либан и Бејрут, поморска блокада на либанските пристаништа и копнени акции од помал обем во јужен Либан. Хизболах, пак, од своите упоришта во јужен Либан испалуваше ракети од типот „Катјуша“ врз цивилни мети во северен Израел, вклучувајќи ја и Хаифа. Бројот на жртвите изнесува: 1.191 убиени цивили и 80-700 убиени војници на либанска страна и 44 убиени цивили и 119 убиени војници на израелска страна. Војната започна на 12 јули 2006 г. и траеше до стапувањето насила на примирјето на 14 август, иако формално заврши на 8 септември, кога Израел ја повлече својата поморска блокада на Либан. Повод за војнатаНа 12 јули 2006 година, во знак на поддршка на борбата на Палестинците против најновата израелска офанзива во Газа и со цел ослободување на осудени либански затвореници во Израел, Хизболах прво испали ракети од типот „Катјуша“ врз воени позиции и села во северен Израел, а потоа и нападна израелска патрола на израелско-либанската граница, убивајќи тројца израелски војници и заробувајќи двајца (Ехуд Голдвасер и Елдад Регев). По нападот Хизболах упати повик до Израел за размена на заробениците. Почеток на војнатаПо нападот израелската влада категорично одби да преговара со Хизболах, кој според неа е терористичка организација. Бидејќи Хизболах оперираше од де јуре суверена либанска територија и бидејќи Хизболах имаше двајца министри во либанската влада, израелската влада го оцени нападот како „акт на војна“ и донесе одлука за итен напад од широки размери врз упориштата на Хизболах во Либан. При тоа, израелскиот премиер Ехуд Олмерт му се закани на Либан со „многу болен и далекусежен одговор“, а министерот за одбрана, Амир Перец изјави дека „Државата Израел се смета себеси слободна да ги употреби сите мерки што ќе ги смета за нужни и на израелските сили им се дадени наредби во таа насока.“ Веќе следниот ден Израел започна со своите воздушни напади врз Либан. Беше бомбардиран меѓународниот аеродром во близина на Бејрут, како и пристапните патишта до Сирија, со цел да се отежне евентуалната сириска интервенција. Својата очигледна воена надмоќ Израел ја искористи за доста лесно да воспостави воздушна и поморска блокада на Либан. Тврдејќи дека гаѓа упоришта на борците на Хизболах, кои наводно се криеле и мешале со цивилното население, при своите бомбардирања израелските сили речиси исклучиво гаѓаат цивилни цели во јужен Либан и Берјут, кои резултираат со тешки загуби помеѓу либанските цивили. Најтешкиот инцидент од почетокот на војната се случи на 30 јули кога израелската авијација погоди зграда во јужно-либанскиот град Кана, убивајќи 28 цивили од кои 16 беа деца. Поради меѓународната осуда на овој напад, Израел ги суспендира своите воздушни напади за 48 часа, но и ја промени стратегијата. Истовремено со привремениот прекин на воздушните напади Израел почна опсежна копнена офанзива во Либан, наведувајќи дека целта му е да стигне до реката Литани, на околу 30 км од израелско-либанската граница. При тоа тврдеше дека тоа го презема за да го намали дострелот на Хизболах. Во меѓувреме, Хизболах не престана со своите ракетни напади врз цивилни мети во северен Израел, кои ги врши со несмален интензитет и покрај опсежноста на израелската воена интервенција во Либан. Овој факт критичарите го толкуваат како потврда на тезата дека израелската инвазија е или неефикасна и покрај големиот интензитет на бомбардирањата или примарна цел на Израел не е сузбивање на Хизболах, туку разрушување на Либан. На 11 август, по речиси цел еден месец од почетокот на војната, Советот за безбедност на ОН конечно успеа да донесе резолуција (број 1701) со која се повикуваат завојуваните страни на прекин на огнот. Наспроти сите предвидувања дека оваа резолуција нема да биде почитувана, прекинот на огнот со мали нарушувања сепак го почитуваа и двете страни и всушност доведе докрај на војната. Меѓународната реакција на војнатаМеѓународната реакција на војната речиси изостана во почетните фази од војната. Сè до инцидентот во Кана, осудите на Израел беа благи, па и тогаш се тежнееше да се балансира, упатувајќи забелешки и до Хизболах. Дури ниту нападот на Израел врз постројка на Обединетите Нации и убиството на четворица набљудувачи на ОН на 25 јули не доведе до недвосмислена осуда на тој акт од страна на Советот за безбедност на ОН, во прв ред поради помалку или повеќе отворената поддршка на САД за Израел. Сепак, по инцидентот во Кана, напорите за донесување резолуција на Советот за безбедност за прекин на огнот се интензивираа и на 11 август вродија со донесувањето на Резолуцијата број 1701. Реакција во ИзраелНа 18 септември 2006 година, израелската влада ја лансира Виноградовата комисија да ги преиспита израелските одлуки во текот на војната и да извлече поуки од истата. Комисијата го достави својот воведен извештај на 30 април 2007, кој строго ги искритикува главните одговорни. Но, извештајот исто така беше пофален од неговите приврзаници како доказ за истрајноста на демократијата во Израел. Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia