Логичко-филозофски трактат
Логичко-филозофски трактат или познат по латинскиот соодветник Tractatus Logico-Philosophicus е единственото филозофско дело објавено од австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн за време на неговиот живот. Главниот стремеж на делото е да ја открие врската помеѓу јазикот и стварноста, а преку нејзе да ги определи границите на науката[1]. Џ. Е. Мор е оној кој го предложува латинскиот наслов, оддавајќи му чест на Теолошко-политичкиот трактат (Tractatus Theologico-Politicus) од Барух Спиноза.[2] Витгенштајн го започнал пишувањето на Трактатот како војник во Првата светска војна, а го завршил како воен заробеник во Комо и подоцна Касино во август, 1918.[3] Прво е објавен на германски во 1921 како Logisch-Philosophische Abhandlung, а година подоцна следува англискиот превод со латинскиот наслов. Македонскиот превод излегува дури во 2002, изработен од Бранислав Саркањац[4]. Трактатот бил од огромна важност помеѓу логичките позитивисти на Виенскиот круг, како Рудолф Карнап и Фридрих Вајсман. Познатата статија на Бертранд Расел со име „Филозофија на логичкиот атомизам“ е напишана според многу идеи кои Расел ги добил читајќи го Витгенштајн.[5] Со други зборови, покрај тоа што е едно од најбитните дела на современата филозофија, особено е вреднувано од страна на аналитичките филозофи. Логичко-филозофскиот трактат е озогласен поради строго збиениот стил на кој е напишан. Делото не содржи аргументи, туку декларативни реченици кои се третираат како само-очигледни. Исказите се хиерархиски нумерирани, со седум основни искази на првото ниво (нумерирани од 1–7), додека секое под-ниво е образложение или коментар на исказот од повисокото ниво (на пример, 1, 1.1, 1.11, 1.12). Оваа книга во главно се проучува во областа на логиката и филозофијата на јазикот, но од неодамна понови толкувачи ја вреднуваат и нејзината етичка, но и естетичка димензија. Она што е особено популарно и ново е мистичното толкување, поттикнато од последниот, седми исказ. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia