Тенитра Мишел Вилијамс (англ. Tenitra Michelle Williams; родена на 23 јули 1979 година)[1] ― американска пејачка и глумица. Стекнала слава на почетокот од 2000-тите како член на женската R&B група Destiny's Child. Додека била член на групата, добила неколку признанија, вклучувајќи Греми награда и ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.
Подоцна започнала соло-кариера насочена првенствено на госпел-музиката, театарски мјузикли и ТВ-настапи.
Рани години
Тенитра Мишел Вилијамс е родена на 23 јули 1979 година во Рокфорд, Илиноис.[2] Првите музички чекори ги направила на седумгодишна возраст пеејќи госпел во месната црква.[3] Подоцна пеела во госпел-групите United Harmony и Chosen Expression.
По завршувањето на средно училиште, Вилијамс почнала да студира кривично право на Државниот универзитет во Илиноис, но наскоро сфатила дека сака да направи кариера како професионална пејачка. Музичката кариера ја продолжила како придружен вокал за други пејачки како Моника.[4]
Кариера
1999–2003: Член на Destiny's Child и почетоци на соло-кариера
Во 1999 година, 20-годишната Вилијамс се запознала со членовите на групата Destiny's Child: Бијонсе Ноулс и Кели Роланд во фоаје на хотел во Атланта.[5] Вилијамс и Фара Френклин официјално се приклучиле на групата на почетокот од 2000 година, заменувајќи ги Летоја Лакет и Латавија Роберсон. Поттикнати од почетниот успех на групата, Лакет и Роберсон кон крајот на 1999 година се обиделе да се разделат со менаџерот на групата Метју Ноулс, тврдејќи дека задржал непропорционален дел од профитот на групата и дека неправедно ги фаворизирал Ноулс и Роуланд.[6]
Во мај 2001 година, Destiny's Child го издале третиот студиски албум, Survivor. Албумот бил многу успешен и од него произлегле хитовите „Bootylicious“ и насловната песна „Survivor“, за кој групата добила Греми награда за најдобра R&B изведба од дуо или група. Во 2002 година, Destiny's Child објавиле дека привремено се распаѓаат за да продолжат со соло-проекти.[6]
На 16 април 2002 година, Вилијамс станала прва членка од Destiny's Child која објавила соло-албум, Heart to Yours.[7][8][9] Овој госпел-албум бил добро прифатен од критичарите и дебитирал на второ место на Билбордовата топ-листа за госпел-албуми, каде што подоцна се искачил на прво место.[10][11]
За албумот Heart to Yours, Вилијамс добила награда MOBO за „Најдобар госпел-изведувач“,[12][13][14] а била номинирана и за многу други награди, вклучувајќи номинација за Ѕвездена награда за „Нов уметник на годината“, номинација за наградата за извонредност од GMWA за „Пејачка на годината“[15][16] и GMA Dove награда за „Традиционална госпел-песна на годината“ за нејзината соработка со Ширли Сизар на „Steal Away To Jesus“ која за првпат била претставена на албумот Сизар, Hymns.[17][18]Билборд ја навел Вилијамс како петти најдобар госпел-изведувач за 2002 година.[19]
Во 2003 година, Вилијамс дебитирала на театарската сцена заменувајќи ја колешката Тони Брекстон за главната улога во Аида, Бродвејски мјузикл со музика од Елтон Џон и текст од Тим Рајс.[20][21] Таа била прва и е единствена членка од Destiny's Child која глумела на Бродвеј.
2004–2007: Последни проекти на Destiny's Child и почеток на глумечка кариера
Destiny's Child за време на прошталната концертна турнеја, Destiny Fulfilled ... And Lovin' It, 2005 година
Нејзиниот втор госпел-албум, Do You Know, бил објавен во јануари 2004 година и стигнал до 120-то место на Билборд 200 и покрај топлиот прием од критичарите кои го пофалиле талентот на Вилијамс за пишување песни.[22][23]
По тригодишна пауза, Destiny's Child повторно се обединиле и во 2004 година го издале албумот Destiny Fulfilled.[6] За поддршка на албумот, Destiny's Child во 2005 година ја започнале светската турнеја Destiny Fulfilled ... And Lovin' It. На концертот во Барселона, групата најавила дека ќе се распушти по последниот концерт од турнејата.[6][24] Destiny's Child добиле ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд во март 2006 година. Тие се женска група со најголема продажба во светски рамки на сите времиња.[25]
По распуштањето на Destiny's Child на почетокот од 2006 година, Вилијамс имала телевизиско деби во комедијата Half & Half, каде што ја играше улогата на Наоми, директорка на издавачка куќа која е ХИВ позитивна.[26] Истата година се појавила во реалното телевизиско шоу Celebrity Duets, во дует со глумците Алфонсо Рибеиро и Хаи Родригез.[27] Од април 2007 година, Вилијамс глумела на турнејата на Бродвејскиот мјузикл, The Color Purple.[28][29]
2008–2010: Поп и R&B-кариера
Во октомври 2008 година, Вилијамс го објавила нејзиниот трет студиски албум Unexpected.[30] Албумот, за разлика од нејзините први два соло-албума, отстапил од госпел-музиката и содржел секуларни поп/R&B песни.[31] Во јуни 2008 година, Вилијамс го издала водечкиот сингл „We Break the Dawn“ и тоа е нејзин најуспешен сингл досега.[10][10][32][33]
Во јули 2009 година, Вилијамс започнала со ограничен шестнеделен ангажман во театарот Кембриџ во Чикаго, со што станала прва Афроамериканка која добила улога во мјузикл од Вест Енд.[3] Во јануари 2010 година, Мишел се разделила со нејзиниот менаџер Метју Ноулс и Music World Entertainment.[34] Во февруари 2010 година, Вилијамс се вратила на Бродвеј со седумнеделен ангажман во мјузиклот Чикаго.[35][36][37]
2011–2014: Враќање кон госпел-музиката и други улоги
Во јануари 2011 година, Вилијамс се појавила во популарната хумористична панел-претстава на Би-Би-Си„Never Mind the Buzzcocks“.[38]
Вилијамс на Гала во Драмската лига во февруари 2012 година
Во 2014 година, Вилијамс го издала албумот Journey to Freedom кој дебитирал на дваесет и деветтото место на американскиот Билборд 200. Journey to Freedom бил номиниран за најдобар госпел-албум (традиционален или современ) на 46-те NAACP Image Awards,[39] а песната „Say Yes“ ја освоила наградата за музичко видео на годината на 30-тите Stellar Awards, каде Вилијамс добила вкупно четири номинации и повторно се обединила со Ноулс и Роуланд за изведба на песната во живо.[40]
2015-денес: Подоцнежна кариера
Вилијамс на шоуто на полувремето на Super Bowl XLVII
Во мај 2021 година, Вилијамс ги објавила нејзините мемоари, Исповед: Како соочувањето со депресијата го спаси мојот живот – а може да го спаси и вашиот.[41] На 29 октомври 2021 година, Вилијамс глумела во божиќниот ТВ-филм на Халмарк, Божиќ во хармонија.[42] Во 2022 година, Вилијамс се натпреварувала како „Рокхопер“ во третата сезона од британската верзија на <i id="mwArY">Маскираниот пејач</i>.[43] Подоцна се натпреварувала како „Микрофон“ во четвртата сезона на Маскираниот пејач Австралија, со што станала прва славна личност која се натпреварувала во три верзии од шоуто.[44][45][46][47] Исто така, глумела во филмот Wrath: A Seven Deadly Sins Story, кој премиерно се емитувал на 16 април 2022 година.[48]
Во јануари 2024 година, Вилијамс се појавила во тв-серијата „Ние сме семејство“ на Фокс.[49] Во март 2024 година, Вилијамс добила улога во музичката адаптација на Смртта ѝ прилега, играјќи ја Виола Ван Хорн (Лисле фон Руман во филмската верзија).[50]