Падма (бенгалски: পদ্মা) — голема река во Бангладеш. Претставува источна и главна растока на Ганг и тече на југоисток во растојание од 356 км до нејзиниот влив во Мегна кај Бенгалскиот Залив.[1] На нејзините брегови е сместен градот Раџшахи.[2] Од 1966 г. наваму изгубени се над 66.000 хектари земја поради ерозијата на оваа река.[3]
Реката Падма ја образува државната граница помеѓу Бангладеш и Индија, двоејќи го округот Раџшахи од бангладешка страна од округот Муршидабад во Западен Бенгал, Индија.[5][6] Подрачјето на Џаланги во Муршидабад е тешко погодено од ерозија на брегот на Падма.[7]
Инфраструктура
Брана
По изградбата на регулативната брана „Фарака“ на реката Ганг во Западен Бенгал, максималниот проток на Падма заначително опаднал. Ова предизвикало многу проблеми во Бангладеш, како загуба на видови риби, пресушување на растоките на Падма, покачено надоаѓање на морска вода од Бенгалскиот Залив и штети врз мангровските шуми на природната област Сундарбан.[8]
Мост „Падма“
Мостот „Падма“ е најголемиот мост во Бангладеш, со цена на чинење од 3 милијарди долари. Пуштен е во употреба на 25 јуни 2022 г.[9] Првично намерата била да се пушти во 2013 г., но иднината на проектот станала неизвесна кога во јуни 2012 г. Светската банка го отповикала заемот од 1,2 милијарди долари поради обвинувања за корупција.[10] Во јуни 2014 г. владата на Бангладеш продолжила со работите без заемот и најмила кинеско претпријатие да го изгради главниот потег на мостот долг 6,15 км. Во октомври 2014 г. најмена е јужнокорејска фирма за надгледување на изградбата, со цел проектот да биде завршен до 2018 г.[11] Последниот (41-ви) потег на мостот е поставен на 10 декември 2020 г..[12][13] Последниот коловозен дел е поставен на 24 август 2021 г..[14][15]
Во 2009 г. владата имала намера да изгради и железнички пруги на обете страни на Падма, кои би биле поврзани со новиот мост.[16]
Понатаму спротиводно реката ја преминуваат и мостовите „Лалон Шах“ и Хардинговиот мост.
↑ 1,01,1Allison, Mead A. (лето 1998). „Geologic Framework and Environmental Status of the Ganges-Brahmaputra Delta“. Journal of Coastal Research. Coastal Education & Research Foundation, Inc. 13 (3): 826–836. JSTOR4298836.
↑Hossain ML, Mahmud J, Islam J, Khokon ZH and Islam S (eds.) (2005) Padma, Tatthyakosh Vol. 1 and 2, Dhaka, Bangladesh, p. 182.