Папа Лав XIV
Лав XIV (латински: Leo PP. XIV; световно име: Роберт Франсис Превост; англиски: Robert Francis Prevost; р. Чикаго, САД, 14 септември 1955) — епископ на Римокатоличката црква и 267-ми папа на Рим, избран и прогласен на вториот ден од конклавата, на 8 мај 2025 г. Тој е поранешен американско-перуански куријален кардинал и член на Августинскиот ред, Августинец. Бил генерален настојник на Августинскиот ред од 14 септември 2001 г. до 4 септември 2013 г. Титуларен епископ на Суфар и апостолски администратор на епархијата Чиклајо од 3 ноември 2014 г. до 26 септември 2015 г. Епископ на Чиклајо од 26 септември 2015 г. до 30 јануари 2023 г. Апостолски администратор на епархијата Калао од 14 април 2020 г. до 26 мај 2021 г. Префект на Дикастериумот за епископи од 30 јануари 2023 г. Архиепископ ad personam од 30 јануари до 30 септември 2023 г. Кардинал-ѓакон со титуларно ѓаконство Санта Моника од 30 септември 2023 г. до 6 февруари 2025 г. Кардинал епископ на Албано од 6 февруари 2025 г. Римски папа од 8 мај 2025 г. Тој е првиот римски папа од Соединетите Американски Држави и од северноамериканскиот континент, втор папа од Новиот Свет (по папата Франциск) и втор од англојазичниот свет (по папата Адријан IV, 1154 — 1159). Ран животРоберт Превост е роден во Чикаго на 14 септември 1955 г., како син на Луј Мариус Превост и Милдред Мартинес. Неговиот татко, ветеран од Втората светска војна во Воената морнарица на САД и училиштен администратор, бил од француско и италијанско потекло, а мајка му била од шпанско потекло.[1][2] Средното образование го завршил во помалата семинарија на Редот на Св. Августин во 1973 г. Во 1977 г. дипломирал математика на Универзитетот Виланова и стекнал бакалауреатски степен по наука. Откако одлучил да стане свештеник, Превост се приклучил на Редот на Св. Августин во септември 1977 г. Првите завети ги дал во септември 1978 г., а свечените завети во август 1981 г. Следната година стекнал магистерски степен по богословие на Католичкиот богословски сојуз во Чикаго.[3][4] ПогледиПоглед кон светот и изборот на иметоСпоред аргентинскиот кардинал Фернандо Чомали, Лав XIV му открил дека го избрал тоа папско име воден од загриженоста за културните промени што се случуваат во светот — еден вид Коперникова револуција, поврзана со вештачката интелигенција и роботиката. „Го вдахнал папата Лав XIII, кој во време на Индустриската револуција го напишал 'Rerum Novarum' (буквално: ‘нови нешта’), со што започнал важен дијалог меѓу црквата и современиот свет.“ Денешниот свет, рекол тој, се наоѓа во состојба на „збунетост“. „Се случува револуција што мора сериозно да се сфати. Црквата може да придонесе преку својот морален авторитет и академска сила.“[5] Црковна политикаВо мај 2023 г., Превост изјавил дека епископското водство треба да ѝ даде предност на верата, а не на администрацијата. Прва задача била „да се пренесе убавината на верата, убавината и радоста од познавањето на Исус“. Во првото обраќање како папа, го истакнал поздравот на Воскреснатиот Исус: „Мир на вас“ — Исус, кој го даде својот живот за Божјото стадо, и кој донесе „мир без оружје, но силен со љубов“. Тој порачал дека сака да ја продолжи благословената порака на папата Франциск: „Бог се грижи за вас, Бог ве сака сите, и злото нема да победи! Сите сме во Божјите раце“. Темите во неговото прво обраќање биле: Исус како светлина што му е потребна на светот, црквата како мисионерска преку дијалог и отвореност, верност кон евангелието, синодален пат, заедничка работа за мир и правда, близина со страдалниците и молитва до Богородица, која ни е секогаш блиску. Двапати нагласил дека не треба да има место за страв — порака што често ја повторувал и светиот Јован Павле II. Лав XIV ја истакнал Божјата помош во „градење мостови“ за „да бидеме еден народ во мир“. Неговата епископска девиза е In illo uno unum („Во Оној Еден [Христос] сме едно“). СинодалностПревост е силен поддржувач на синодалноста — едно од главните наследства на папата Франциск. Верува дека учеството и заедничката одговорност на сите верници се клучни за надминување на поделбите во црквата. Тој верува дека „Светиот Дух нѐ води кон обновување“. Смета дека сите верници се повикани на „нова духовна состојба“ — пред сѐ да го слушаат Светиот Дух и да го следат она што Тој ѝ го кажува на црквата. ЖениПревост е против ракополагање на жени во ѓаконството, велејќи дека тоа „не мора да реши некој проблем“ и може да отвори нови. Коментирајќи го именувањето на три жени за членови на Дикастериумот за епископи од страна на папата Франциск во 2023 г. (кој Превост го предводел), тој забележал дека нивните гледишта често се совпаѓаат со другите членови, но истовремено носат свежа гледна точка.[6] Општествени и политички прашањаПревост се смета за умерен или центристички глас. Во април 2025 г., италијанскиот весник la Repubblica го нарекол „космополит“ и личност „ценета и од конзервативци и од прогресивци“. Тој е против евтаназија, абортус и смртна казна. Додека бил во Чиклајо, Перу, активно ги поддржувал венецуелските бегалци. На социјалната мрежа X (поранешен Твитер), Превост јавно ја поддржал вакцинацијата за време на Пандемијата на КОВИД-19, изразил сочувство за Џорџ Флојд и демонстрантите, и ја критикувал имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс. Исто така го критикувал и состанокот на Трамп со претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, кој понудил да ги затвора во своите затвори сите злосторници депортирани од САД. Превост гласал во округот Вил, Илиноис, на неколку избори, вклучувајќи и демократски и републикански избори. ЛГБТК-прашањаПревост изразил сомнежи околу „сочувство кон верувања и практики што се спротивни на евангелието“, и не дал целосна поддршка, но ниту отфрлил на декларацијата Fiducia supplicans за благослови на лица во истополови врски. Тој смета дека националните епископски конференции треба „да ги толкуваат и применуваат тие директиви според месниот културен контекст“. Во 2012 г., ја критикувал популарната култура за „фалење на хомосексуалниот начин на живот“ и истополовите семејства. Во април 2016 г., се спротивставил на вклучување на „родова идеологија“ во наставата во основните училишта во Перу, велејќи дека таа „промовира родови што не постојат“.[7][8] Климатски промениПревост се залага за посилен ангажман на црквата во борбата против климатските промени. Во семинар во ноември 2024 г., изјавил дека „господарството над природата“ не смее да биде „тиранско“. Општење и социјални мрежиВо интервју од мај 2023 г., Превост нагласил дека социјалните мрежи мораат да се користат со трезвеност и одговорност, за да не се поттикнуваат поделби и скандали, ниту да се нарушува црковното единство. Според новинарот Кристофер Вајт, ватикански дописник на National Catholic Reporter, Превост зборувал „со внимание и длабока промисленост“, но и „со цврстина и јасно видение“.[9] Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia