Проѕирни нешта

„Проѕирни нешта“ (англиски: Transparent things) — роман на американскиот писател Владимир Набоков од 1972 година.

Содржина

Романот се состои од 26 глави.

  • 1-8 глава: Хју Персон пристигнува во местото Вит на швајцарските Алпи и се сместува во хотелот „Аскот“ каде што престојувал еднаш во минатото. Тогаш, Хју патува со татко му, кој ненадејно умира во една продавница, а тој заминува во Женева каде ги троши татковите пари. По завршувањето на студиите, Хју работи различни работи за најпосле да заврши како уредник во една издавачка куќа. Така, по повод соработката со еден славен писател, тој повторно доаѓа во Швајцарија, што го наведува да се присети на својот живот.[1]
  • 9-21 глава: Додека патува, во возот ја среќава Армана и веднаш се заљубува во неа. Утредента, тој ја посетува Армана во нејзината вила, но таа е отсутна. Потоа, неколкупати оди заедно со неа на планинарски прошетки и дури по неколку обиди успева да да се искачи на врвот. Тогаш, додека се враќаат кон Вит, Армана му се подава, но дури потоа му дозволува да ја бакне. Така започнува нивната љубовна врска која завршува со брак во кој Армана цело време се однесува необично. Во една прилика, за време на нивното патување во Европа, Хју повторно го посетува писателот Р. Една ноќ, во нивниот стан во Њујорк, Хју несвесно ја дави Армана и поради тоа завршува в затвор и во лудница, а потоа е упатен на домашно лекување. Истовремено, Р. е смртно болен и набргу умира по неуспешната операција на црниот дроб.[2]
  • 22-26 глава: За време на второто доажање во Вит, Хју повторно ја посетува вилата на Армана и шета по планината на која своевремено се искачувал со сопругата. Меѓутоа, не може да ги долови некогашните чувства и повторно се враќа во хотелот. Таму успева да ја добие истата соба во која престојувал пред осум години и таму умира во пожарот што го зафаќа хотелот.[3]

Осврт кон делото

Како во апсурдна бајка, судбината го носи главниот лик, Хју Персон, во едно швајцарско планинско место каде се случуваат пресвртните настани во неговиот живот. Последното негово патување претставува ретроспектива на малите победи и на големите порази, на скандалозните односи и на сите мрачни детаљи кои го сочинуваат животот и кои лесно можат да воскреснат многу подоцна. Љубовната приказна меѓу вечно неприспособениот Хју и убавицата Армана, Набоков ја гради со помош на бројни микроистории на предметите, пределите и движењата. Истовремено, опишувајќи го секое ново враќање на главниот јунак во Швајцарија, авторот навлегува сè подлабоко во неговото сеќавање, во неговата потсвест и во прогресивното лудило. Благодарение на детаљните описи и на сложената наративна стуктура, сцените до ова дело добиваат речиси филмски карактеристики, а Набоков уште еднаш ја покажува својата мајсторска вештина: во внимателно компонираната приказна се испреплетуваат комплексните раскажувачки техники и едноставната фабула, универазлните теми и баналните детаљи, трагичното и комичното, минатото и иднината, свесното и потсвесното, а сето тоа го прави делото вистински скапоцен камен на модерната книжевност.[4]

Наводи

  1. Vladimir Nabokov, Prozirne stvari. Dereta, Beograd, 2015, стр. 5-32.
  2. Vladimir Nabokov, Prozirne stvari. Dereta, Beograd, 2015, стр. 33-104.
  3. Vladimir Nabokov, Prozirne stvari. Dereta, Beograd, 2015, стр. 105-129.
  4. Vladimir Nabokov, Prozirne stvari. Dereta, Beograd, 2015.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya