Росалија Вила Тобеља (шпански: Rosalia Vila Tobella; родена на 25 септември 1992 година), естрадно позната како Росалија ― шпанска пејачка.[1][2] Се смета за „нетипична поп-ѕвезда“ поради различните музички стилови кои ги пее.[3] Во нејзините песни комбинира традиционално фламенко со модерни жанрови како поп, регетон, хип-хоп и електронска музика. Заслужна е за популаризација на музичкиот жанр „ново фламенко“ во Шпанија и во светски рамки, притоа „претворајќи ја мачната музика од Андалузија во светски феномен“.[4]
Росалија се смета за една од најуспешните и највлијателните шпански пејачки на сите времиња.[5][6] Во текот на нејзината кариера единаесет пати се искачила на врвот на шпанската топ-листа за синглови што е рекорд за шпански музичар. Освоила многу музички награди и била прв изведувач на песни на шпански јазик номиниран за Греми за најдобар нов изведувач.[7]
Живот и кариера
1992–2016: Рани години и почетоци на кариерата
Росалија Вила Тобела е родена на 25 септември 1992 година во Барбера дел Ваљес, Каталонија.[8] Во семејството се зборувало каталонски јазик. Нејзините родители се развеле во 2019 година.[9] Со музика се занимавала од седумгодишна возраст, а професионалното музичко образование го започнала во Taller de Músics во Барселона.[10] Откако завршила шестгодишен курс на академијата, почнала да следи настава во училиштето Равал, но поради високите оценки и многубројните препораки, се преселила во Вишата музичка школа на Каталонија за да ги доврши студиите.[11]
Го засакала фламенкото на тринаесет годишна возраст кога нејзините другари свиреле песни од Камарон де ла Исла додека се состанувале во парк после училиште.[12] Росалија започна да настапува во таблао (места каде се изведува фламенко) во 2007 година и постепено станувала добро позната фламенко-пејачка во Барселона. Во 2012 година, станала пејачка во фламенко-групата Kejaleo.[13] Тие издале албум, Alaire, во 2013 година. Додека настапувала на каталонската фламенко-сцена, се запознала со месниот музичар Хозе Мигел Вискаја познат под името „Ел Чики де ла Линеа“, кој ѝ предложил да студира музика [14][15] „Ел Чики“ бил нејзин учител во следните осум години, додека Росалија студирала фламенко пеење на Вишата музичка школа на Каталонија (каталонски: Escola Superior de Música de Catalunya, ESMUC).[16] ESMUC прифаќа само еден студент од оваа дисциплина годишно, а Росалија била избрана во 2014 година.[17] Росалија го опишала „Ел Чики“ како централна фигура во нејзината кариера, кој ја охрабрил да го истражува жанрот.[18]
Во меѓувреме, работела како гостин-музичар и воведен изведувач за различни музичари, вклучувајќи ги Чикуело, Енрик Паломар, La Fura dels Baus, Мигел Поведа и Росио Маркез, настапувајќи низ Германија, Сингапур и Панама и учествувала на настани организирани од Primavera Sound и Здружението на професионалци во изведувачки уметности во 2015 година.[19][20]
2016–2017: Издавање на првиот студиски албум
Росалија и Раул Рефре за време на турнејата Los Ángeles во јули 2017 година
Во 2016 година Росалија потпишала договор со Universal Music и се преселила во Калифорнија.[21] На 10 февруари 2017 година го издала албумот Los Ángeles.[22] Албумот бил заснован на фламенко и содржел преработки на класични фламенко-песни. Los Ángeles бил концептуален албум во кој централна тема била смртта.[23][24] Росалија била номинирана за најдобар нов изведувач на 18-тите Латино Греми награди. Албумот ја освоил наградата „Албум на годината“ на Time Out наградите и Premio Ruido, меѓу другите.[25] Во 2017 година, RTVE стапиле во контакт со Росалија за да учествува во предизборот за претставување на Шпанија на Изборот за песна на Евровизија во 2017 година, но таа ги одбила поради конфликти во распоредот.[26][27]
2018–2020: Издавање на албумот El mal querer и меѓународен успех
Во мај 2018 година, Росалија го издала водечкиот сингл од нејзиниот втор албум, „Malamente“. Синглот го привлекол вниманието на меѓународно познати личности како Кортни Кардашијан и Дуа Липа и многу музички критичари.[28][29] Песната била номинирана за пет Латино Греми награди, а освоила две: за најдобра алтернативна песна и за најдобра урбана фузија/изведба. Следниот сингл, „Pienso en tu mirá“, бил објавен во јули. Песната била номинирана за најдобра поп-песна на Латино Греми наградите во 2019 година. Со третиот сингл, „Di mi nombre“, објавен три дена пред издавањето на албумот, Росалија за прв пат се искачила на прво место на топ-листата во Шпанија.[30]
Албумот El mal querer бил објавен на 2 ноември 2018 година и дебитирал на второ место на шпанската топ-листа PROMUSICAE. Претставен како експериментален и концептуален, албумот бил заснован врз токсичната врска опишана во анонимниот окситански роман од 13 век, Flamenca.[31] Албумот добил претежно високи оценки од музичките критичари.[32]El mal querer бил ставен во над дваесет списоци на албуми за крајот на годината и крајот на деценијата од публикации како: Pitchfork, Billboard и The Guardian.[33][34]Ролинг Стоун го ставил на 315 место на нивниот список од 500 најдобри албуми на сите времиња, со што бил највисоко пласиран албум на шпански јазик на списокот.[35][36]El mal querer подоцна бил номиниран за неколку награди, вклучувајќи: четири Латино Греми, Латино <i id="mwAUQ">Билборд</i> награда, Латиноамериканска музичка награда и Музичка награда LOS40. Добитник бил на Латино Греми награди за албум на годината, најдобар современ поп вокален албум, најдобро аранжиран албум и најдобра пакет-снимка. Добитник бил и на Греми награда за најдобар латино-рок, урбан или алтернативен албум.[37]
Во 2019 година Росалија глумела во филмот од Педро Алмодовар„Болка и слава“.[38][39] Во март 2019 година, Росалија ја започнала нејзината прва светска концертна турнеја, под името El Mal Querer, при што одржала концерти во Јужна Америка, Северна Америка, Европа и Африка.[40][41][42]
Росалија на настап во Примавера Саунд во 2019 година за време на турнејата El Mal Querer Tour
За време на турнејата, на 28 март 2019 година, Росалија објавила втора соработка со Балвин, „Con altura“. Песната се нашла на врвот на топ-листите во Аргентина, Колумбија, Доминиканска Република, Мексико, Венецуела и Шпанија. Спотот за песната станало најгледано музичко видео од пејачка на YouTube за 2019 година.[43][44] За песната „Con altura“ Росалија освоила две Видеомузички награди од MTV: за најдобро латино-видео и најдобра кореографија.[45] На Европските музички награди од MTV во 2019 година, Росалија ја освоила наградата за најдобра соработка, а истата година на Латино Греми наградите и наградата за најдобра урбана песна.[46] Песната досега е продадена во над седум милиони примероци.[47]
За песната „Aute Cuture“, објавена во мај 2019 година,[48] Росалија била номинирана за Латино-Греми за запоис на годината.[49] Росалија ја добила наградата „Ѕвезда во подем“ на наградите „Жени во музиката“ во организација на <i id="mwAaI">Билборд</i>.[50] Со изведбата на песната „Juro Que“ на 62-те Греми награди Росалија станала прва шпанска музичарка која настапила на церемонијата на доделување на наградите. Таа, исто така, станала прв шпански пејач во историјата номиниран за наградата „Најдобар нов изведувач“.[7] Музичкото видео за „TKN“ освоило Латино Греми награда за најдобро кратко музичко видео,[51] а било номинирано за најдобра режија на Берлинските музички видео награди.[52]
2020–2023: Соработки и албумот Motomami
Поради пандемијата на КОВИД-19, Росалија се преселила во Мајами, каде што продолжила да работи на нејзиниот трет албум, а истовремено пеела повеќе песни во соработка со други музичари.[53][54][55] Била гостин-пејачка на песната од Сех, „Relación“, заедно со Деди Јенки, Фаруко и Џеј Балвин[56] и на песната „La Noche de Anoche“ од Bad Bunny.[57][58] Соработувала со Weeknd на ремиксот на песната „Blinding Lights“, а во јануари 2021 година со Били Ајлиш на песната „Lo Vas a Olvidar“.[59][60]
Албумот Motomami го издала на 18 март 2022 година преку Columbia Records. На албумот му претходеле три синглови и промотивните синглови „Hentai“ и „Candy“. Водечкиот сингл „La Fama“, во соработка со Weeknd, е експериментална бачата и забележал голем комерцијален успех. Во февруари 2022 година, Росалија го издала „Saoko“ како втор сингл од албумот.[61] Придружното музичко видео за песната, во режија на Валентин Пети, било снимено во Киев, претежно на мостот Подилски.[62] Видеото освоило видеомузичка награда од MTV за „Најдобра монтажа“. На 24 февруари, Росалија го издала „Chicken Teriyaki“ како трет сингл од албумот.[63]
Росалија на нејзината светска турнеја Мотомами
По објавувањето, албумот Motomami добил совршена оценка од различни публикации, вклучувајќи ги: Телеграф, Индипендент и Варајати и добил четири или повеќе ѕвезди од Clash, Ролинг Стоун, Rockdelux, Гардијан итн. Албумот станал најдобро оценет и најдискутиран албум за 2022 година на Метакритик.[64] На Spotify, поставил рекорд за највисока деби-позиција за албум на шпански јазик од пејачка во историјата на платформата, со 16,3 милиони стримови во првиот ден.
Во јули 2022 година, Росалија ја започнала нејзината втора светска концертна турнеја, Motomami World Tour, со концерти во Европа, Јужна Америка и Северна Америка. Росалија подоцна учествувала во проекти од Ромео Сантос, Нињо де Елче и Wisin & Yandel.[65][66][67]
На 23-тото доделување на Латино Греми наградите во ноември 2022 година, Motomami победи во сите четири категории за кои бил номиниран: Албум на годината, Најдобар алтернативен музички албум, Најдобро аранжиран албум и Најдобра пакет-снимка. Росалија станала прва пејачка и шести изведувач севкупно кој двапати ја освоил наградата за албум на годината како главен изведувач.[68] Таа, исто така, била номинирана на 65. годишни награди Греми за најдобар латино-рок или алтернативен албум и најдобар музички филм.
Росалија и нејзината танцова група на настап во Мексико Сити на 28 април 2023 година
Во 2023 година како дел од фестивалската турнеја, Росалија настапила на многу фестивали, вклучувајќи ги: Коачела, Лолапалооза и Примавера Саунд. На 24 март, издала мини-албум под наслов RR, во соработка со нејзиното тогашно момче, пејачот Рав Алехандро.
2024 – денес
На 16 август 2024 година, Росалија соработувала со тајландската раперка Лиса на синглот „New Woman“.[69] Песната дебитирала на 15-то место на Billboard Global 200[70] и на 97-то место на американскиот Billboard Hot100. [71]
↑Parker, James (21 December 2019). „How Flamenco Went Pop“. The Atlantic (англиски). Архивирано од изворникот 1 September 2021. Посетено на 1 September 2021.
↑Puni, Michael (7 May 2019). „Rosalia, one of modern flamenco's forefront leaders“. The Cane Tassel. Архивирано од изворникот на 17 July 2019. Посетено на 17 July 2019. [...] Los Angeles was the singer's own rework of flamenco classics from traditional artists in this genre, including Manuel Vallejo's "The Catalina" and Juan Talega's "Malaguena."