Синовите на Адам

„Синовите на Адам[1] е роман на македонскиот писател Михајло Свидерски кои се бави со транзициското македонско општество, пропаѓањето на моралните кодови на луѓето обземени од транзициското секојдневие, проблеми и општествени, социјални и политички неправди, кои водат до општа општествена и културна декаденција, која пак резултира со екстреми. Во општество во кое старите норми веќе не важат а новите се уште не може да се имплементираат, се раѓаат различни моќници кои од позиција на сила можат непречено да ја практицираат својата моќ, без да бидат спречени во тоа. Но централното место во романот не го заземаат оние кои злоупотребуваат, туку оние херои, обичните луѓе, малите луѓе, кои смело се извлекуваат од мракот и чекорат кон светлината. Приказната нѐ води низ најпотресните случувања на македонското транзициско општество, и укажува на последиците што обично ги понедуваат недолжните. Романот обработува потресна, вистинска животна приказна за страдањето на едно дете, кое паѓа во мрежите на настраните забави како објект на мрачните уживања на елитите. Во големите куќи на елитните населби на Скопје, во темните соби се носат деца заради забава. Рајот за оние што можат да си дозволат сѐ што ќе посакаат станува пекол за оние што излегуват оттаму. Станува збор за роман кој ги обработува односите во едно дисфункционално семејство, кое го испраќа своето дете, четиринаесетгодишниот син, во средно уметничко училиште, од провинцијата во главниот град. И тука започнуваат неговите културни, социјални, и лични потреси и превирања. Македонската критичарка Елизабета Јончиќ, во поговорот на книгата за романот наведува дека романот „Синовите на Адам“ тргнувајќи од ова становиште, ги срочува, обелоденува и конципира нивните особености. Со силна и длабока поврзаност на значењето, убедувачки уметнички јазик и стабилен раскажувачки тек нè воведува во општествениот и индивидуалниот свет на приказната за едно разрушено детство и уништен сон. Интересен е моментот од прологот во книгата кога авторот нагласува: „Сите приказни раскажани во оваа книга зборуваат за непобитни вистини…“, и „ја напишав оваа книга која претставува вистинска животна приказна“. Соочени сме со фактот дека низ нејзините страници читателот има привилегија да соработува со текстот и да биде сеприсутен во неговата реалност. Самата премисла во однос на лексемата „приказна“ дава простор за дополнително аспектно гледиште. Зошто авторот не ја употребил лексемата „прикажување“? Уметноста е трезвен додворувач. Убедливо знае да улови во својата мрежа. Оваа игра на зборови ги разграничува фиктивниот и реалниот свет. Стиховите на Руми упатуваат на силна но префинета монолошко-психолошка порака во однос на менталниот сетинг на главниот лик, неговите чувства, психолошките бури, судбината, страдањата, немоќта пред посилните, самооправдувањето, тишината и молкот. Наративната поставеност во романот е изградена во две доминантни сижејни линии  што следат два тека. Првата сижејна линија се движи напред низ времето и дава податоци од раѓањето на главниот лик до неговото полнолетство. Додека втората следи концепција на емотивни ретроспективни наврати кои го опишуваат ликот на мајката[2].

Романот е изграден од 15 поглавја. Од граматичките времиња во нарацијата се истакнува прво лице еднина овозможувајќи му на читателот да биде поблиску до текот на настаните. Иако имаме отсуство на антропонимска сема, и празно семантичко поле на главниот лик (јас немам име), во почетокот на романот,  сепак  постапката за градба на ликот (тој што нема име, нема идентитет) едновремено е будна и се исполнува со предикативни карактеристики. Провокативниот концепт на генеалогијата на ликот предизвикува општествен крик помеѓу колективното и индивидуалното, нешто што не треба да се премолчи, да се потчини и занемари… Со насилно одземање на невиноста и грубо наметнување на пороците четиринаесет годишното дете предвреме влегува во прегратките на спознанието и светот на возрасните. Мислата  да се нацрта грешниот Адам, прогонет од рајот и зад него Ева горда и полна со самољубие метафорично укажува на неговата предметната стварност на болката од ненамерните грешки направени под туѓо влијание. Како во него да е втиснат кодот на исконскиот грев, и нема помош, таа е туѓа и нема дури и пред молитвата. Но оваа мисла спасоносно станува предлошка неминовност: „Не, ќе ги нацртам синовите на Адам, едниот зол, а другиот наивен, едниот убиец, а другиот праведник. Едниот што трпи и другиот што ја нанесува болката. Едниот пред часот на смртта, а другиот исправен како го убива својот брат.“, (стр.71). Овој дуализам на елементите зол/наивен, убиец/праведник, истрајност/болка, смрт/убиство, е обострано растргнување на себството. Сите ние сме деца, синови на Адам. Неодговорените прашања остануваат замрзнати длабоко во душата закопани во страв и молчење, „Молчењето ужасно ме плаши, оти и јас молчам кога сум уплашен“, (стр.134). Тоа е моментот кога тишината се претвора во лик, амбиентален сетинг, што иако молчењето е празнина се добива впечаток на силна натежнатост во наративниот исказ. Главниот лик е близок со Емил Синклер, ликот во романот „Демијан“ од Хесе, со слични судбини што ги претрпуваат потресните трауми толку стварно и бескомпромисно превдомени во жестокоста на општествените проблеми. Деградирани сите вредности, прво вредностите на системот со нагли промени во општеството, па потоа на младите кои „стануваат дезориентирани, насилни и агресивни“. Авторот ја рефлектира и болката од осакатеноста на душата,  што ја причиниле „оние кои што можат да имаат се што ќе посакаат“ таму каде што „времето застанува“ притоа давајќи ѝ можност да се надева на веројатност, можност за остварување и продолжување со животот : „сè што поминува морало да се случи онака како што било“. Уметничкото единство на хронотопот е со висок степен на емоционално вредносна напрегнатост. Пресвртот на дејството е нов почеток на крајот од делото. Заборавајќи на гневот и омразата, на болката и огорченоста, стравот и незадоволството, страдањето од причинетите болки и погрешните постапки, сепак „Богоугодно е да се простува“, (стр. 136). Со простувањето Михајло Свидерски ја запечатува доблеста над нечовечноста и гневот и отвора нов хоризонт на согледување. Иако „Сите ние сме синови на Адам “, и го носиме го праисконскиот грев во себе, сепак сме „деца на рајот“ во кои душите на праведните живеат во блаженство. Надминувајќи ги сите гревови, помирувајќи си ја совеста, главниот лик со отсуство на антропонимска сема  ја прифаќа топлината на смиреност, доминирајќи со исполнетост и осамостоеност, жртвувајќи се со својата приказна да ја прикаже суровата општествена стварност, и последиците од општествените обезличувања на човекот.[3]

Наводи

  1. „„Синовите на Адам" на Свидерски – роман што се чита брзо, но долго преживува“. Радио Слободна Европа. 2022-05-04. Посетено на 2025-05-26.
  2. Свидерски, Михајло (2022). Синовите на Ада,. Битола: Восток. ISBN ISBN - 978-608-4885-57-3 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  3. Јончиќ, Елизабета (2022-12-13). „„Синовите на Адам", потресно креативно четиво, мотивирано од општествените обезличувања на човекот“. reper.net.mk (англиски). Посетено на 2025-05-26.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya