Ти (ТВ-серија)
Ти (англиски: You) — американска психолошка телевизиска серија со елементи на трилер заснована на романите на Керолајн Кепнес, развиена од Грег Берланти и Сера Гембл, а произведена од Berlanti Productions, Alloy Entertainment и A+E Studios во соработка со Warner Horizon Television, денес Warner Bros. Television.[2][3] Првата сезона, која е заснована на романот „Ти“, премиерно се прикажала на Lifetime во септември 2018 г., и ја следи приказната на Џо Голдберг — управител на книжарница и сериски убиец што се вљубува и развива крајна опсесија. Во оваа сезона глумат Пен Беџли, Елизабет Лејл, Лука Падован, Зак Чери и Шеј Мичел. Во јули 2018 г., Lifetime објавил дека серијата е обновена за втора сезона, заснована на следниот роман на Кепнес — „Hidden Bodies“. Подоцна, серијата се префрлила на Netflix, каде што втората сезона била објавена во декември 2019 г. Во оваа сезона, Џо се сели во Лос Анџелес и се вљубува во месната готвачка Лав Квин. Амбир Чајлдерс била унапредена во редовна улога, заедно со новите глумци Викторија Предети, Џејмс Скали, Џена Ортега и Кармела Зумбадо. Во јануари 2020 г., Netflix ја обновил серијата за трета сезона, која била објавена на 15 октомври 2021 г. Во оваа сезона, Сафрон Бароуз била унапредена во редовна улога, а се приклучиле и новите глумци Тревис ван Винкл, Шалита Грант, Тати Гејбриел и Дилан Арнолд. Во октомври 2021 г., пред премиерата на третата сезона, серијата била обновена за четврта сезона, која била објавена во два дела — на 9 февруари и 9 март 2023 г. Во оваа сезона глумат и Шарлот Ричи, Тили Кипер, Ејми-Ли Хикман, Ед Спилерс и Лукас Гејџ. Во март 2023 г., серијата била обновена за петта и последна сезона, која била објавена на 24 април 2025 г. Во последната сезона глумат и Грифин Метјуз, Ана Камп и Мадлин Бруер. СодржинаВо првата сезона, Џо Голдберг, управител на книжарница во Њујорк, ја запознава Гвиневер Бек, честољубива писателка, и се вљубува во неа до обземеност. Тој ја следи користејќи друштвени мрежи и технологија за да ја шпионира во нејзиниот дом и да ги отстрани пречките кон нивната романса — вклучително и нејзините пријателки и поранешното момче. Во втората сезона, Џо се преселува од Њујорк во Лос Анџелес за да побегне од минатото и започнува нов живот под лажно име, бегајќи од својата поранешна девојка Кендис, која сака одмазда затоа што тој ја закопал жива пред да биде со Бек. Таму ја запознава Лав Квин — страсна готвачка – и повторно паѓа во истите стари шеми на обземеност и насилство. Обидувајќи се да изгради нова љубов, Џо се труди по секоја цена да ја сочува врската со Лав и да не ја повтори трагичната судбина на претходните врски. Но без да знае, и Лав крие мрачни тајни. Во третата сезона, Џо и Лав се во брак и го одгледуваат својот новороден син Хенри во предградието Мадре Линда во Калифорнија. Додека нивниот однос добива нов облик, Џо повторно западнува во циклусот на обземеност, овој пат насочен кон соседката Натали и месната книжничарка Мериен. Но овој пат, Лав нема да дозволи нејзиниот сон за совршено семејство лесно да биде уништен од Џо и неговите натрапливи постапки. Во четвртата сезона, Џо се претставува како Џонатан Мур, живее во Лондон и работи како професор по англиски јазик на престижен универзитет. Тајно ја следи Мериен низ Европа во обид да ја пронајде. Се зближува со круг од богати елитни личности, кои почнуваат еден по еден да умираат, додека сериски убиец се насочува кон нивната група. Кога ќе биде наместен и уценет од вистинскиот убиец, Џо повторно паѓа во своите стари навики. Додека се обидува да ја скрие својата вистинска личност и да го пронајде убиецот, развива чувства кон уште една жена — Кејт. Во петтата и последна сезона, Џо, по долго време, се враќа во Њујорк, решен конечно да живее добар и спокоен живот. Но неговото мрачно минато и поривите што ги носи во себе ќе се судрат со новата иднина што се обидува да ја изгради. УлогиГлавен состав= Главна улога во сезоната = Споредна улога во сезоната = Гостинска улога во сезоната = Не се појавува
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia