Тринитротолуен (ТНТ) е хемиско соединение со формула CH3C6(NO2)3CH3. Тоа е во цврста агрегатна форма, со жолта боја и е најдобро познато како експлозивен материјал со практични одлики за ракување. Експлозивната моќ на ТНТ се користи како стандардна мерка за силата на бомбите и на другите експлозиви.
Подготовка
ТНТ се синтетизира во процес од три чекори.[4] Прво толуенот се нитрира со мешавина на сулфурна киселина и азотна киселина и се добива мононитротолуол; потоа се повторува постапката уште двапати за да се добие ТНТ. Киселините што се употребуваат за нитрација се рециклираат и повторно се користат во производството.
Примени
ТНТ е еден од најчесто користените експлозиви за воени и индустриски намени. Ценет е бидејќи е многу инертен и отпорен на триење и температура, па затоа е безбеден за користење. Се топи на 80 °C, далеку под неговата точка на вриење од 295 °C, и затоа може да се топи и лие во калапи или меша со други експлозиви.
Експлозивни особини
По експлозијата, ТНТ се распаѓа на следниов начин:
2 C7H5N3O6 → 3 N2 + 5 H2O + 7 CO + 7 C
Реакцијата е егзотермна, но има висока енергија на активација. Поради продукцијата на јаглерод, експлозиите на ТНТ имаат чадлив изглед.
Историја
ТНТ првпат бил произведен во 1863. од Германскиот хемичар Јозеф Вилбранд[5] кој го корисtел како жолта боја. Неговиот потенцијал како експлозив не бил користен неколку години потоа бидејќи било многу тешко да се детонира. Германските вооружени сили го усвоиле како полнење за нивната артилерија во 1902. Британците ги следеле во 1907.
Токсичност
ТНТ е отровен и допирот со кожата може да предизвика иритација и промена на бојата на кожата во светложолто-портокалова. Луѓе кои се подолго време изложени на допир со ТНТ може да добијат анемија, пореметена функција на црниот дроб, зголемување на слезината и други крвни промени и пореметувања на имуниот систем. Постојат и докази дека ТНТ е штетен за машката плодност, а се смета и за можен канцероген.[6]
Некои воени полигони се контаминирани со ТНТ. Отпадните води од производните погони за муниција исто ги загадуваат водите и тие може да имаат црвеникава боја. Чистењето на контаминацијата со ТНТ е скапо и тешко.