Црепна

Црепна

Црепна[1] или подница[2] – кружна тепсија изработена од непрочистена глина, дополнета со разни додатоци од органско и неорганско потекло. Изворно се изработувала на мошне архаичен начин: се моделирала со слободна рака и по сушењето се печела на отворено огниште (некаде, црепните воопшто не се печеле). Се употребувала така што, најпрво ќе се загреела на огниште, потоа во неа ќе се ставела храната и ќе се покриела со друга, исто така загреана црепна или со вршник. Во црепната, најчесто се печел леб, други производи од тесто, но и сосем поинаква храна.[3].

Историја

Со откривањето на посебните својства што глината ги стекнува кога се пече, во доцниот палеолит, пред околу 26.000 години, е создаден првиот синтетички материјал - керамиката. До масовно производство на употребни керамички предмети дошло многу подоцна, во Европа речиси 20.000 години подоцна.

Според некои етнолози, се верува дека црепната на Балканскиот Полуостров ја донеле Словените од нивната прататковина. Тие го заклучуваат ова врз основа на името од словенско потекло, кое се појавува во неколку варијанти, како што се црепња, црепна, черепња, црепуља, подница, а кое станало вообичаено и во несловенските јазици.

Сепак, историски факт е дека црепната се користела уште во младото камено време на Балканскиот Полуостров и пошироко. Откако поминала низ сите епохи (вклучувајќи го и средниот век) во речиси непроменет облик, црепната стигнала до нашите денови со истите функционални одлики, што ја доведува во прашање веродостојноста на тврдењата на некои етнолози дека црепната е од словенско потекло.

Во средишниот дел на Балканскиот Полуостров, првите керамички садови се појавуваат во неолитот, на преминот од 7 во 6 милениум пр. н. е. Оттогаш, керамиката не ја изгубила својата важност. Она што го прави единствена појава во технолошка смисла е фактот што со откривањето на нови техники и производствени процеси, старите, веќе усвоени и совладани, не биле напуштени, туку продолжиле да живеат и активно коегзистираат до денес.

Производството на грнчарски производи е карактеристично за Балканскиот Полуостров, особено неговиот источен и делумно средиштен дел. До средината на 20 век, црепните биле неопходен дел од кујнската опрема, особено во селските средини на планинските области на Романија, Бугарија, Македонија, Грција, Албанија, Црна Гора и Србија.

Црепната во средниот век

Црепни биле најдени на бројни средновековни локалитети, во Скопје, на Исар (Штип) и на многу други места.

Овие наоди недвосмислено ја потврдуваат непроменетата намена на садовите кои денес се идентификуваат како црепни.

Црепната како светилиште - митското значење на црепната во македонската иконографија

Во стручната литература, црепните се нарекуваат „садови за изнесување печена риба или живина на трпезата“. Во свеста на балканското население, црепната сè до средината на 20 век имала и длабоко симболично и духовно значење. Како хранителка на основната храна на семејството, грнчарството, особено она што се изработувало дома, уживало голема почит. Исто толку за жените што го направиле, колку и за сите во куќата. Имал карактер на свет предмет, па затоа многу обичаи и табуа биле поврзани со неговото производство и употреба.

Од горенаведеното, сосема е разумно дека садови од видот црепни се наоѓаат на средновековните фрески во сцени каде што е прикажана трпеза (Чесна трпеза, сцена со Рождество на Пресвета Богородица, Чудесен риболов, Јавувањето на Христос на апостолите, Свадба во Кана итн.).[4]

Црепните најчесто се прикажуваат на икони со риба и печена живина, што укажува дека, покрај печењето леб, се користеле и за печење помали количини месо, риба итн.

Со оглед на сознанието дека црепната симболично го претставува светот, нејзиното правење е симболично создавање на светот, а печењето леб во неа го симболизира телото Христово, со чии честички верниците се причестуваат, сосема е разумно да се претпостави дека црепните нашле место и на Чесната трпеза во средниот век, што е поткрепено и со фактот дека обредниот леб се печел исклучиво во црепни каде и да биле во употреба.[4]

Изработка

Традиционалната изработка на црепните, влегува во сферата на женските производствени дејности, во која сè до неодамна, биле зачувани бројни обредно-магиски активности и верувања. Станува збор за исклучително архаична дејност, на што упатува отсуството во неа на јасна диференцијација меѓу обредното и утилитарното. Сè до средината на 20 век, во средишниот и источниот дел на Балканот, црепни смееле да изработуваат главно жени, при што некаде ова се однесувало на уште поспецифичен дел од нив (девојки, односно девици; мажени жени; жени кои веќе правеле црепни кога биле девојки). Притоа, учесничките на овој обредно-производствен чин морале да исполнуваат и други услови. Еден од нив е нивната „чистота“, сфатена во неколку аспекти: да бидат искапени; да носат чиста, најчесто празнична облека; да не се во фаза на менструација; да не се бремени; да апстинирале од полов акт пред чинот на правењето црепни; да немале скорешен допир со покојник. При газењето на глината за црепни, жените го префрлале здолништето меѓу нозете за да го скријат мњѓуножјњро од глината, т.е. земјата. Во бројни случаи, при изработката на садовите, не било пожелно (па дури и забрането) присуството на мажи, и тоа не само на возрасните, туку и на машките деца. Црепни се правеле на одреден ден во годината (најчесто еден, но некаде и во два, па и повеќе термини). Во средишниот и источниот дел на Балканот, најчесто тоа е празникот Св. Еремија (прва половина на мај), или пак ден-два пред и после него. Во текот на сите обредно-производствени постапки, голема улога игралo начелото на непарност (непарен број изработувачи; месење на глината во непарен број пати; изработка на непарен број црепни итн.)[3]

Ваквото женско ритуализирано производство на црепни е особено добро евидентирано во етнографските традиции од Македонија, (вклучително со нејзините подрачја кои денес влегуваат во границите на соседните држави), потоа во Бугарија и во делови на Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Романија. Западната граница на овој ареал оди од Белград, преку Крагуевац, подрачјата западно од Сјеница и Бијело Поље, кон Никшиќ, Цетиње и натаму до Дубровничка Жупа.[3]

Употреба

Се употребувале така што најпрво црепната се загревала на огниште, потоа во неа ќе се ставела храната, ќе се поставела на пирустија и ќе се покриела со друга загреана црепна или почесто со вршник. Црепните најчесто се употребувале за печење леб и други производи од тесто, но и друга храна.

Галерија

Поврзано

Наводи

  1. „црепна“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „подница“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. 3,0 3,1 3,2 Чаусидис, Никос; Николов, Гордан (2006). „Црепна и вршник. Митолошко-семиотичка анализа“ (PDF). Посетено на 25 мај 2025.
  4. 4,0 4,1 „Српско средњовековно посуђе за кување - СРПСКА ИСТОРИЈА“ (српски). 2016-10-26. Архивирано од изворникот на 16. 02. 2023. Посетено на 2023-02-16. Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya