Црква „Св. Димитриј“ - Буково
„Свети Димитриј“ – православна црква во битолското село Буково. Административно, црквата е дел од Буковската парохија, на Битолското архијерејско намесништво, на Преспанско-пелагониската епархија на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.[1][2] Црквата е централниот храм на селото. Градбата претставува трикорабна базилика, архитектонски тип популарен по 1830-тите години. На источната страна има тристрана апсида, а на запад се издига црковната камбанарија. По должината на јужната фасада има припрата со помошни простории. Внатрешноста на градбата е поделена со два реда од по четири столбови, кои во горниот дел се лачно поврзани. На запад со ниска преграда издвоен е наосот од нартексот. Занимливост за оваа црква е што има катна галерија само над јужниот кораб на црквата, што е реткост.[2] Ѕидно сликарство постои во полукружните конхи од централната апсида и во протезисот. Според стилските одлики ѕидното сликарство соодвествува со еден дел од иконите на иконостасот кои се датирани кон крајот на 19 век. Иконостасот во црквата е конструиран со два реда на икони и според испишаните натписи врз нив, тие се изработени во текот на 1895, 1896 и 1907 година. Од истиот зограф најверојатно се насликани и иконите на амвонот, на еден од северните столбови од наосот.[2] Во црквата зачувани се украси од постара црква, мала колекција на икони и царски двери од четвртото десетлетие на 17 век. На царските двери има старословенски натпис „Благовѣщенїі Богородице“.[1] Царските двери веројатно се од стар иконостас од соседниот Буковски манастир или некоја постара црква во селото.[3] Меѓу иконите од 17 век има две престолни. На едната, на Свети Меркуриј, има словенски натпис ЗРМД (1635/1636). Другата е на Свети Архангел Михаил која иконографски и стилски е слична со иконата од Слепченски манастирСлепченскиот манастир, која денес се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје.[3] Иконите од XVII век и царските двери веројатно се дело на мајстори од Линотопската уметничка школа.[4] Галерија
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia