Ц-реактивна белковинаЦ-реактивна белковина (или Ц-реактивен протеин, скратено ЦРП, англиски: c-reactive protein, CRP) е престенеста пентамерна белковина присутна во крвната плазма, чии нивоа се зголемуваат како одговор на воспаление. ЦРП се користи како неспецифичен воспалителен параметар, меѓу другото, за проценка на сериозноста на воспалителните болести. Општо земена, концентрацијата на ЦРП во плазмата ја следи активноста на болеста со задоцнување од 12 до 24 часа. Заедно со белковините церулоплазмин, фибриноген, хаптоглобин, феритин и други, ЦРП припаѓа на белковините на акутната фаза. Тоа се белковини во крвта чиишто концентрации во крвта се зголемуваат во контекст на воспалителни (инфективни и неинфективни) болести. Бактериските инфекции го формираат најсилниот стимул на реакцијата на акутната фаза. ЦРП е дел од имунолошкиот систем, како дел од неспецифичниот хуморален имунитет. Тој претставува опсонин, молекула која ги обележува микробите за да го олесни нивното препознавање и отстранување од страна на имуните клетки (пр. макрофаги) од неспецифичниот имунитет, како и активирањето на комплементниот систем. ЦРП се синтетизира од страна на црниот дроб[1] како одговор на факторите кои се ослободуваат од макрофагите и масните клетки (адипоцити), пред сѐ на интерлеукин 6.[2] Претставува член на фамилијата на пентраксини.[1] ИсторијаCRP бил откриен од Тилет и Франсис во 1930 година.[3] Механизам на дејствоЦРП се врзува за фосфохолин, кој се наоѓа на површината на мртвите клетки или клетките кои умираат (и некои видови бактерии). Врзаниот ЦРП го активира комплементниот систем и го олеснува препознавањето на микробите од страна на имуните клетки за чистење (пр. макрофаги) и на тој начин ги активира хуморалните и клеточните ефекторни механизми на вродениот имунолошки систем. Овој вроден одбранбен механизам е значително побрз од одговорот на адаптивниот имунолошки систем.[4] Со овој механизам, ЦРП се врзува и за исхемични/хипоксични клетки, кои би можеле да се регенерираат со текот на времето. Сепак, тие се отстрануваат предвреме со врзување на ЦРП.[5] Референтни вредности на ЦРП во крвтаЦРП е присутен во многу ниски концентрации во крвта и кај здрави луѓе. Вредностите до околу 5 mg/l (0,5 mg/dl) се сметаат за нормални кај возрасните; како што е вообичаено со медицинските референтни вредности, нормалната вредност варира поради влијанија како што се популацијата на пациенти која се испитува, методот на анализа и опремата, поради што секоја лабораторија ги специфицира своите гранични вредности. Индикација за одредување на ЦРП како биомаркер1. ЦРП е во меѓувреме најважниот неспецифичен акутен воспалителен параметар, пред зголемувањето на бројот на леукоцити и покачената температура (треска), на пример кај сомнителен апендицитис (воспаление на „слепото црево“), холециститис (воспаление на жолчното кесе), инфекција на респираторниот тракт, дивертикулитис или инфекција на уринарниот тракт. Сепак, ова важи секогаш само контекст со клиничките симптоми на пациентот. 2. Вредноста на ЦРП може да се зголеми во текот на болеста уште пред да дојде до силно покачена температура или до сомнително покачување на бројот на леукоцити, но сепак зголемувањето на ЦРП обично следи по неспецифично зголемување на леукоцитите. 3. Вредноста на ЦРП брзо се намалува до нормалната вредност по исчезнувањето на воспалението, за разлика од претходно користениот параметар на реакцијата на седиментација на крвта (т.н. брзина на еритроцитна седиментација). 4. Како параметар за активноста на болеста, се користи, меѓу другото, за да се направи разлика помеѓу акутни и хронични настани: за разлика од хроничните болести, акутните настани предизвикуваат поголемо зголемување на ЦРП, што обично одговара на степенот на воспалението. 5. За пребарување на ревматски воспалителни заболувања (земајќи ги предвид другите параметри, на пр. ревматоиден фактор) 6. За откривање на комплицирани инфекции, било да е тоа постоперативно, во егзацербации (влошувања) во контекст на хронични заболувања или инфекција на плодовата вода со предвремено кинење на мембраните. 7. За разликување помеѓу вирусни и бактериски инфекции - не е можно исклучиво со одредување на ЦРП 8. За рана потврда на успешна антибактериска или противвоспалителна терапија, бидејќи падот на концентрацијата на ЦРП често им претходи на клиничките симптоми. Зголемувањето или намалувањето на воспалителната реакција е индицирано со зголемување или намалување на ЦРП со задоцнување од околу 24 часа. Во последниве години, се користат високо чувствителни тестови за малку покачени вредности на ЦРП за да се идентификуваат нестабилни фази во рамките на артериосклероза. Тек на болестВо случај на инфекции (главно бактериски), по траума и операции, вредноста на ЦРП физиолошки се зголемува, достигнува највисока вредност на вториот до третиот ден и потоа се намалува доколку нема компликации. Нормални вредности потоа се постигнуваат по две до три недели. Колку потешка била траумата или интервенцијата, толку поголема е максималната вредност („врв“) по два до три дена. Постоперативно По хируршки третман на фрактури на бутот, во просек изнесуваат максималните вредности на ЦРП од 136 до 154 mg/l, кај некомплицирани фрактури на глуждот од 34 до 39 mg/l. Отворените фрактури на коските доведуваат до малку повисоки максимални вредности. И при абдоминални операции е присутен ист физиолошкиот тек на ЦРП, доколку нема компликации, при што средните максимални вредности изнесуваат од 140 до 159 mg/l. Со постоперативни компликации, особено инфекција на раната, ЦРП може да се зголеми или да остане висок по 3-тиот ден, но ова има мала специфичност. Од друга страна, ниската или опаѓачката вредност на ЦРП има висока негативна предиктивна вредност и може да исклучи инфекција на рана со висок степен на веројатност.[6] Исхемични настани ЦРП исто така се зголемува по исхемични настани како што се срцев удар или мозочен удар. Во двата случаи, ЦРП може да достигне максимални нивоа од 200 mg/L. Количината на ЦРП произведена по инфарктот значително корелира со настанатата штета. Неодамна се покажа дека и самиот ЦРП преку својот механизам на делување е во голема мера одговорем за штетата предизвикана од срцевите удари. Забележана е врска помеѓу доза-одговор. Новите терапии, како што е екстракорпоралното исцрпување на ЦРП со ЦРП афереза, го елиминираат ЦРП од циркулацијата пред тој да може го зголеми оштетувањето и лузната во исхемичното ткиво.[7] Забележано е дека намалувањето на ЦРП целосно го спречило создавањето на инфарктна лузна по миокарден инфаркт кај некои пациенти. КОВИД-19 Иако КОВИД-19 е предизвикан од вирус, ЦРП неочекувано се зголемува кај оваа болест и исто така е во корелација со сериозноста и текот на болеста. Текот на ЦРП е во корелација со степенот на оштетување на белите дробови.[8][9] Слично како и кај кардиоваскуларните заболувања, каузалната врска помеѓу ЦРП и оштетувањето на органите кај КОВИД-19 е постулирана и испитана.[10] Методи на определување на ЦРП и вредности во серумотОдредувањето на ЦРП во медицинската анализа може да се врши на различни начини.
„Нормален“ или „само малку покачен“ ЦРП не исклучува сериозна болест, на пример инфекција со Clostridium difficile.[11] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia