Шпанска армада
Шпанската армада (шпански: Grande y Felicísima Armada — „Големата и најсреќната морнарица“; позната и како Непобедлива армада) ― шпанска флота чија цел била да го врати католицизмот во Англија, да ја прекине англиската поддршка за Холандската Република и да ги спречи нападите од англиски и холандски гусари против шпанските интереси во Америка. Армадата кон крајот на мај 1588 година, командувана од Алонсо де Гусман ел Буено (шп. Alonso de Guzmán El Bueno), 7-ми војвода од Медина Сидонија, (аристократ без претходно поморско искуство назначен од Филип II од Шпанија) од пристаништето во Лисабон се упатила кон Ла Манш и во Фландрија требало да се поврзе со војводата од Пармаи да ја придружуваат инвазивната војска која ќе ја нападне Англија и ќе ја собори Елизабета I. На Шпанците отпор им пружила англиската флота со седиште во Плимут. Англиските бродови биле побрзи и пофлексибилни од шпанските галони, па ја нападнале Армадата додека пловела по Ла Манш. Неколку морнари го советувале војводата од Медина Сидонија да се закотви во Солент и да го окупира Островот Вајт, но тој одбил да отстапи упатствата да се поврзе со војводата од Парма. Иако Армадата речиси целосна стигнала до Кале, додека чекале воспоставување контакт со војводата од Парма, ноќта била нападната од англиски бродови и била принудена да се распрсне. Армадата претрпела дополнителна штета во битката кај Гравелајнс и била во опасност да се насука на холандскиот брег, но по промена на правецот на ветрот успеала да избега во Северно Море. Шпанските бродови, гонети од Англичаните, преку Шкотска и Ирска се вратиле дома. 24 нивни бродови биле уништени на патот кон дома. Оваа експедиција била најголема операција во необјавената Англо-шпанска војна. Следната година, Англија организирала сличен голем поход против Шпанија, англиската армада, понекогаш наречена „контра-армада од 1589 година“, кој исто така бил неуспешен. ЗаднинаКон средината на шеснаесеттиот век Хабсбуршка Шпанија на чело со кралот Филип II била доминантна политичка и воена сила во Европа, со царство распространето по цел свет кој станал извор на нејзиното богатство. Државата се залагала за католичката кауза и нејзините глобални поседи се протегаа од Европа, Америка и до Филипините. Шпанската колонијална империја била проширена во 1580 година по анексијата на Португалија, по што била создадена Ибериската унија. Филип станал првиот монарх кој владеел со империја во која сонцето не заоѓало, а сето тоа го направил од неговите одаи во палатата Ескоријал преку писмена комуникација.[4] За разлика од неа, Англија била само мала европска сила без колонијална империја. Кралот Хенри VIII ја започнал англиската реформација за да се разведе од неговата прва сопруга, Катерина од Арагон. Со тек на време, Англија станувала сè поусогласена со протестантската реформација која се одвивала во Европа, особено за време на владеењето на синот на Хенри, Едвард VI. Едвард умрел без деца, а неговата полусестра Марија се качила на престолот во 1553 година. Три години подоцна Марија се омажила за Филип II, станала кралица на Шпанија и почнала повторно да го наметнува римокатолицизмот. Нејзините обиди придонеле преку 260 луѓе да бидат запалени на клада, поради што го добила прекарот „Крвава Мери“.[5] По смртта на Марија во 1558 година, престолот во Англија го презела нејзината полусестра Елизабета. За разлика од Марија, Елизабет спровела многу реформите замислени од Едвард. Филип, кој повеќе не бил комонарх, ја сметал Елизабета за еретик и нелегитимен владетел на Англија. Во очите на Католичката црква, Хенри официјално никогаш не се развел од Катерина, и затоа Елизабета била нелегитимна владетелка. Се тврди дека Филип поддржувал заговори за соборување на Елизабета во корист на нејзината роднина со католичка вероисповест и претпоставена наследничка, Марија Стјуарт. Ваквите планови пропаднале откако во 1567 година Елизабета ја затворила Марија. Марија била принудена да абдицира од круната на Шкотска во корист на нејзиниот син Џејмс VI. Елизабета, поради многуте заговори против кралицата извршени во името на Марија, во февруари 1857 ја погубила Марија. Елизабета, исто така, му се одмаздила на Филип со тоа што го поддржала Холандскиот бунт против Шпанија, како и со финансирање на гусари кои требало да ги напаѓаат шпанските бродови кои пловеле по Атлантикот. Таа, исто така, преговарала за траен трговски и политички сојуз со Мароко. За возврат, Филип планирал експедиција која ќе ја нападне Англија за да ја собори Елизабета и, ако Армадата не успее во целост, барем да преговара за слобода на богослужба за католиците и финансиска компензација за војната во Ниските Земји.[6] Со овој потфат, требало да ја прекине англиската материјална поддршка на обединетите покраини (дел од Ниските Земји кои се отцепиле од шпанска власт) и англиските напади врз шпанските трговски бродови и населби [7] во Новиот свет. Филип добил поддршка од папата Сикст V, кој инвазијата ја сметал за крстоносна војна, и ветил субвенција ако Армадата успее.[8] Значителна поддршка за инвазијата се очекувало и од англиските католици.[9] Во нападот на Кадис, предводен од гусарот Френсис Дрејк во април 1587 година, околу 30 бродови и големо количество залихи биле уништени, што ги успорило подготовките за една година.[10][11] Исто така, постојат докази дека Елизабета се обидела да иницира маневри на флотата на Отоманската империја за вознемирување на Шпанците,[12] но нема докази за тоа дали планот успеал. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia