Веројатно најважните политички настани во овој период се освојувањата на Александар III Македонски, кои предизвикале колапс на некогашната моќна и застрашувачка Персиска империја и ширење на грчката култура далеку на исток.[2] Александар Македонски сонувал за сојуз на истокот и западот, но кога завршил неговиот краток живот, неговата огромна империја била втурната во граѓанска војна, бидејќи генералите кои ја наследиле почнале да исцртуваат мапи на нивни посебни кралства. Така започнал Хеленистичкиот период, кој бил карактеризиран со апсолутистички пристап кон владеењето, при што грчките кралеви се окитувале со кралски одбележја и воспоставиле наследна сукцесија. Бидејќи одреден степен на демократија сè уште се одржал во некои од преостанатите независни грчки градови, многу историчари го гледаат овој период како крај на класичната Грција.
Во Индија, Мауријска империја била основана во 322 г. п.н.е. од страна на династијата Нанда и брзо ја проширила својата моќ кон централна и западна Индија, искористувајќи ги несогласувањата на локалните сили, по заминувањето на армиите на Александар Македонски.[3]
Кина во 4 век п.н.е. влегла во период на постојана војна позната како Периодот на завојуваните држави.[4] Овој периодот го одбележува брзиот подем на големите држави (како на пр. Чу) во однос на помалите, благодарение на технолошкиот напредок. Иако овој период историчарите обично го карактеризираат како премногу насилен во споредба со Периодот на пролет и есен, сепак имало подем во некои културни и општествени подрачја со ширењето на различни секти на конфуцијанството и таоизмот.
Откритија
Едикт на Ашока испишан на голем столб, во Лаурија Арарај, Бихар, Индија.
Најстариот запис напишан на Брами писмото датира од овој период. Брами е зачетокот на индиското писмо кое се користело во поголем дел од Индија и Југоисточна Азија.
Кинезите за првпат го користеле рачниот самострел.
Првиот самострел во Европа, гастрафетот, бил измислен во Сиракуза (околу 421 г. п.н.е.).
Во Грција, Аристотел ја предложил поделбата на познатите науки.
Била направена торква (вид на накит) кој на краевите имал глава од лав. Откриен е примерок кој потекнува од Суза (современ Иран), а денес се наоѓа во Музејот Лувр во Париз.
Почнувајќи од 309 г. п.н.е., подоцнежниот кинески историчар Сима Киан (145 г. п.н.е. – 90 г. п.н.е.) запишал дека инженерот Би Линг од скоро освоената држава Шу, во Сечуан, го пресекол работ на една планина, со што го создал „Одделениот рид“ при што се снижило коритото на реката Мо и ископал два канала во рамнината на Ченгду. Ова овозможило создавање на нов систем за наводнување за површина од околу 60 × 80 км, населена со над пет милиони жители, кој е до ден денес во употреба.[5]
Кинескиот астроном Ган Де ја поделил небесната сфера на 365 ¼ степени, а тропската година на 365 ¼ дена, во време кога повеќето астрономи ја користеле вавилонската поделба на небесната сфера на 360 степени.[6]
Александар III Македонски, р. Пела, 20 јули, 356 п.н.е. — Вавилон, 10 јуни, 323 п.н.е., бил е крал на Македонија (336-323 г. п.н.е.). Тој е еден од најуспешните војсководци во историјата на човештвото. Александар ја покорил моќната Персиска Империја, вклучувајќи ја Анадолија, Сирија, Египет и Месопотамија, и ги проширил границите на Македонија дури до Авганистан и Индија. Александар кон освоените култури се однесувал со почит, интегрирајќи немакедонци во неговата војска и администрација, воден од мислата да создаде светска држава.