Автостоперски водич низ галаксијата „Автостоперски водич низ галаксијата“ (англиски: The hitch hiker's guide to the galaxy) — роман во пет книги на англискиот писател Даглас Адамс.
Содржина
Прва книга: „Автостоперски водич низ галаксијата“
Првиот дел се состои од вовед и 35 глави.
- Вовед: Во овој дел, авторот накратко објаснува дека луѓето на Земјата биле несреќни, дека на Урса Минор се појавила книгата „Автостоперски водич низ галаксијата“ и попатно ја споменува катастрофата што се случила на Земјата.[1]
- 1-3 глава: Во едно село во Англија живее трисетгодишниот Артур Дент кој три години претходно се иселил од Лондон. Еден четврток, општинската власт испраќа булдожер со намера да му ја урне куќата на чие место треба да помине автопат. Артур се спротивставува така што легнува пред булдожерот, но тогаш се појавува неговиот пријател Форд Префект кој, всушност, пред 15 години дошол на Земјата од далечната планета Бетелгез и кој е соработник на книгата „Автостоперски водич низ галаксијата“. Форд го носи Артур во блиската крчма каде му соопштува дека набргу ќе се случи пропаст на Земјата. И навистина, во мигот кога булдожерот ја урива куќата на Артур, на небото се појавуваат огрмоните вселенски бродови на Вогоните кои ја уништуваат Земјата за да направат место за вселенскиот автопат.[2]
- 4-13 глава: На другиот крај од галаксијата, претседателот на царската галактичка влада, Запход Библброкс пристига на планетата Дамограм за свечено да го пушти во погон вселенскиот брод „Златно срце“. Во меѓувреме, по уништувањето на Земјата, Артур и Форд се качуваат на вогонскиот брод со кој управува капетанот Јелц при што Форд го запознава Артур со „Автостоперскиот водич“. Јелц ги открива, за казна им ја чита својата поезија, а потоа ги исфрла во вселената. Но, наеднаш се случува чудо и Артур и Форд се наоѓаат на бродот „Златно срце“ кој во меѓувреме го грабнале Библброкс и неговата девојка Трилијан. Притоа, Артур го препознава Библброкс од еден маскенбал на Земјата, а Трилијан е Триша Мекмилан, девојката која тогаш му ја презел Библброкс.[3]
- 14-35 глава: Вселенскиот брод се спушта на митската планета Магратеа која ја бара Библброкс. Библброкс, Трилијан и Форд влегуваат во подземни простории каде се онесвестуваат поради дејството на некој гас. Артур, кој останува надвор на стража, го среќава старецот Слартибартфаст, кој го носи во внатрешноста на планетата чии жители се будат откако спиеле пет милиони години. Таму му го покажува местото каде во минатото тамошните жители произведувале планети. Притоа, тој му кажува дека дека Земјата ја создале жителите на Магратеа по нарачка на глувците. Имено, во минатото најмоќниот компјутер создал уште помоќен компјутер за да го постави вистинското прашање за смислата на животот, вселената и сè друго. Новиот компјутер ја проектирал Земјата која потоа ја направаиле Магратејците. Во меѓувреме, Форд, Библброкс и Тилијан се остестуваат, а двата бели глувци на Тилијан сакаат да му го земат мозокот на Артур за да го побараат одговорот на прашањето за смислата на животот. Тогаш, на планетата слегува вселенски брод со полицајците кои го бараат Библброкс и така четворицата успеваат да им избегаат на глувците, а потоа и на полицајците и ја напуштаат Магратеа.[4]
Втора книга: „Ресторанот на крајот на Вселената“
Втората книга се состои од вовед и 34 глави.
- 1-12 глава: Земјата, која е уништена од Вогоните, всушност била само џиновски компјутер направен на планетата Магратеа наменет да даде одговор на прашањето за смислата на животот и вселената. Артур Дент и Триша Мекмилан (Трилијан) се единствените преживеани луѓе, кои заедно со Форд Префект и Запход Библброкс пловат низ вселената. Во пресрет им доаѓа вогонскиот вселенски брод со кој управува капетанот Јелц, кој работи по налог на психијатарот Гег Халфрунт. Вогоните го напаѓаат бродот „Златно срце“, а Библброкс го повикува на помош духот на прадедо му, а тој прави дупка во простор-времето и така се спасуваат од нападот на Вогоните, иако Гег мисли дека бродот е уништен. Во таа прилика, од бродот исчезнува Библброкс. Неговиот предок му помага за да ја оствари задачата — да го пронајде оној кој раководи со вселената. Всушност, психијатарот Гег им дал налог на Вогоните да ја уништат Земјата за да го спречи одговорот на поставеното прашање за смислата на животот и вселената. Библброкс и неговиот робот Марвин се појавуваат на Урса Минор Бета, каде се наоѓа седиштето на издавачката куќа на „Автостоперскиот водич“. Кога влегуваат во зградата на издавачката куќа, неа наеднаш ја бомбардира полицијата која е во потера по Библброкс. Полицијата го грабнува Библброкс заедно со целата зграда и го спушта на една планета на Жабјата ѕвезда која е најнепријатното место во галаксијата. Таму го спуштаат во Вителот на целосната перспектива, каде тој се соочува со бесконечноста на вселената, но и со сознанието дека е најважен во целата вселена. Библброкс наоѓа стар вселенски брод во кој се наоѓа Зарнивуп, директорот на „Автостоперскиот водич“ кој го намамил Библброкс да му го донесе „Златното срце“ чија малечка макета се наоѓа кај Библброкс без тој да биде свесен за тоа. Тогаш, макетата се претвора во бродот „Златно срце“, а Библброкс го удира Зарнивуп по главата.[5]
- 13-22 глава: „Златно срце“ повторно проработува и во него Библброкс пак се среќава со своите сопатници — Артур, Форд и Тилијан. Тогаш, на бродот се случува голема експлозија и тие паѓаат во огромен понор, а потоа патуваат низ времето и се појавуваат во ресторанот „Миливајс“. Во ресторанот се прикажува претстава за крајот на вселената, а по нејзиното завршување, четворицата по грешка се качуваат на вселенскиот брод на рок-групата „Зона на Катастрофата“ кој треба да удри во сонцето на една планета, како дел од рок-концертот. Сепак, во последен миг, четворицата патници успеваат да се телепортираат, а во бродот го оставаат роботот Марвин.[6]
- 23-34 глава: Артур и Форд се будат на непознат вселенски брод, но без Трилијан и Библброкс. На бродот се наоѓаат 15 милиони ковчези со замрзнати луѓе. Артур и Форд дознаваат дека се наоѓаат на вселенски брод кој е испратен на патување кон друга планета и навистина, набргу бродот паѓа на непозната планета. Трилијан и Библброкс, пак, се будат на „Златното срце“, а таму се наоѓа и Зарнивуп кој управува со сите настани со намера да го сретне оној кој управува со вселената. „Златно срце“ слетува во близината на трошна колиба во која живее старецот за кого Зарнивуп мисли дека е Господарот на вселената, но кога му поставува прашања за смислата на животот, тој добива само неодредени и бесмислени одговори. Тоа го искористуваат Библброкс и Трилијан кои го грабнуваат „Златно срце“ и бегаат. За тоа време, Артур и Форд ја истражуваат планетата на која се спуштаат, заедно со смрзнатите луѓе од вселенскиот брод. Подоцна, тие среќаваат и предисториски луѓе со кои не можат никако да се разберат. Истражувајќи ја планетата, Артур и Форд го наоѓаат потписот на Слартибартфаст, кој ја создал Норвешка, и така сфаќаат дека се наоѓаат на Земјата, но во далечното минато (пред два милиони години). Тие повторно се среќаваат со луѓето од вселенскиот брод, кои постојано одржуваат бескорисни состаноци, но не се способни да преземат ништо практично. Форд започнува кавга со нив и им кажува дека по два милиони години планетата ќе биде уништена, но тие не го слушаат. Тогаш, за да ја промени историјата, Артур се обидува да ги цивилизира примитивните луѓе, но без никаков успех.[7]
Трета книга: „Животот, Вселената и сè останато“
Третата книга се состои од 33 глави и епилог.
- 1-11 глава: Пет години подоцна, Артур живее на Земјата, а веќе четири години е разделен од Форд. Тој живее осамен во една пештера, а едиствено пред две години накратко го посетил непознат вонземјанин со намера да го навреди. Меѓутоа, еден ден, неочекувано се појавува Форд, кој открил дека се отворила дупка во простор-времето. Двајцата во полето здогледуваат една софа, се качуваат на неа и веднаш се префрлаат во 1980-тите, на теренот во Лондон каде што е во тек важен натпревар во крикет, два дена пред уништувањето на Земјата. Тогаш, на теренот се појавуваат вселенски бродови од кои излегуваат робото кои ги убиваат гледачите. Сепак, Артур и Форд успеваат да се спасат така што друг вонземјанин (Слартибартфаст) ги зема на својот вселенски брод за да му помогнат да ја спречи пропаста на вселената. Во меѓувреме, роботот Марвин се наоѓа оштетен на пуста планета, каде разговара со еден душек. Библброкс, пак, шета низ галаксијата со „Златното срце“, осамен и потиштен откако претходно се задлабочил во својата душа. Наеднаш, на неговиот брод доѓаат роботите од древната планета Крикет, кои го застрелуваат. Артур, Форд и Слартибартфаст заминуваат на планетата Крикет.[8]
- 12-24 глава: Артур, Форд и Слартибартфаст заминуваат на планетата Крикет чии жители своевремено направиле вселенски брод и така откриле дека постои вселената која решиле да ја уништат. По некое време, нивната огромна флота ја нападнала галаксијата, започнувајќи војна која траела две илјади години. Откако биле поразени, галактичкиот суд ја затворил планетата Крикет со непробоен слој и оттогаш тие се обидуваат да го пронајдат клучот за да ја отклучат својата планета. Слартибартфаст ги убедува Артур и Форд да му помогнат во борбата против роботите од Крикет по што тие се телепортираат и Артур доаѓа во пештера каде едно чудовиште се заканува да го убие зашто Артур неколкупати ги убил неговите претходни реинкарации. Сепак, наместо тоа, Артур случајно го убива чудовиштето, а по излегувањето од пештерата, наеднаш планината се урива, но тој успева да полета и така се спасува. На небото, Артур се судира со летечка зграда и така повторно се среќава со Форд и со Слартибартфаст. Во зградата се одржува забава на која присуствува и Трилијан во друштво на богот Тор. На забавата наеднаш упаѓа група роботи кои земаат еден дел од клучот за ослободување на планетата Крикет. Артур успева да го надитри Тор и да му ја земе Трилијан, а потоа сите бегаат со бродот на Слартибартфаст.[9]
- 25-33 глава: Артур, Форд, Трилијан и Слартибартфаст пристигаат на планетата Крикет, но таму роботите веќе го ставаат клучот во бравата. Таму се појавува и Библброкс кого го заробиле роботите од Крикет, но за чудо не го убиле. Артур и останатите се опколени од жителите на Крикет и тогаш Библброкс ги остава и си заминува на својот брод, но воден од совеста пак се враќа во орбитата на Крикет при што го наоѓа роботот Марвин кого, исто така, го заробиле роботите така што сега работи за нив. Трилијан се обидува да ги убеди заповедниците на Крикет да не ја уништуваат вселената, а Библброкс тајно го слуша разговорот. Потоа, Трилијан разговара со Хактар, џиновски компјутер од далечното минато, кој ги наговорил жителите на Крикет да ја уништат вселената. Хактар умира, уверен дека конечно ќе се оствари неговиот план, а останатите со бродот „Златно срце“ се враќаат на Земјата. На игралиштето за крикет, Артур посакува да ја фрли топката која чека да ја удри еден робот од планетата Крикет. Тогаш, Артур сфаќа дека топката, всушност, е малата бомба, изум на Хактар, која треба да ја уништи вселената. Затоа, тој полетува, ја фрла топката во далечината и го убива роботот.[10]
- Епилог: Животот, Вселената и сè останато: Сведокот од еден судски процес им раскажува на вселенските патници за божјата порака која стои запишана на една планета, но Артур не може да го запамети името на планетата, а во меѓувреме сведокот умира. Затоа, тој се повлекува на планетата Крикет со намера да живее мирен живот.[11]
Четврта книга: „До гледање и благодариме за сите риби“
Оваа книга се состои од вовед, 39 глави и епилог.
- Вовед: Воведот е речиси ист како оној во првата книга, односно, авторот накратко објаснува дека луѓето на Земјата биле несреќни, дека на Урса Минор се појавила книгата „Автостоперски водич низ галаксијата“, попатно ја споменува катастрофата што се случила на Земјата и напоменува дека во оваа книга е прикажана приказната на една девојка.[12]
- 1-17 глава: Еден четврток, на Земјата слетува вселенски брод, а од него излегува еден човек кој автостопира по силно невреме. Конечно, застанува еден автомобил, а во него се наоѓа девојка во бесознание. Автостоперот дознава дека таа се вика Фени која, според кажувањето на нејзиниот брат (возачот на автомобилот) полудела по случката кога над земјата се појавиле вселенски бродови. Всушност, автостоперот е Артур, кој се враќа дома и во куќата наоѓа необичен поклон — мал аквариум. На пријателите и на соседите тој им кажува дека во изминатиот период бил во Калифорнија, но тие не му веруваат. Истовремено, Форд се наоѓа во еден бар и, бидејќи нема пари, се обидува да ја плати сметката со картичка. Поради тоа, сопственикот на барот сака да го убие, но во последен миг, Форд се спасува благодарение на „Автостоперскиот водич“. Два месеца подоцна, Артур случајно ја среќава Фени додека стопира на автопатот. Таа му кажува дека се вика Фенчрч при што му го дава својот телефонски број. Меѓутоа, несмасниот Артур го фрла ливчето и поради тоа не може да стапи во контакт со девојката. Тој купува компјутер за да ја пронајде пештерата во која живеел при посетата на Земјата од предисториската ера, но неговите погрешни пресметки го водат во Лондон во станот на Фенчрч.[13]
- 18-39 глава: Фенчрч му раскажува на Артур за своите необични чувства при што му го дава „Автостоперскиот водич“ кој го заборавил во автомобилот на брат ѝ. Артур забележува дека Фенчрч не ја допира земјата со нозете, а тој пак ѝ покажува дека може да лета. Фенчрч му се придружува во летот и тие водат љубов високо над облаците. Набргу, весниците пишуваат за нивите летови, а Артур бара податоци за човекот кој живее во Калифорнија и кој тврди дека знае зошто наеднаш исчезнале делфините. Тој се вика Џон Вотсон и Артур и Фенчрч го посетуваат при што гледаат дека и тој има ист аквариум како Артур и како Фенчрч. Вотсон им кажува дека аквариумот му го дале делфините за разделба. Артур ѝ кажува на Фенчрч за планетата каде се наоѓа последната божја порака. Тогаш, во Лондон доаѓа Форд, како слеп патник на еден вселенски брод. Со неговата помош, Артур и Фенчрч се качуваат на бродот пред тој да ја напушти Земјата. Тие пристигаат на планетата каде се наоѓа божјата порака, а таму го среќаваат роботот Марвин кој е стар и тешко оштетен. Носејќи го на раце, тие пристигаат до местото и, откако ја чита пораката (која гласи: „Се извинуваме за пречките.“), Марвин умира.[14]
- Епилог: На крајот од оваа книга се раскажува за вонземјанинот Бларт Верзенвалд III, кој прави супер-муви за одбрана од освојувачите на неговата планета. Тие, сепак, пристигаат на планетата, но се воодушевуваат од неговиот изум и потпишуваат договори за трговска и културна размена.[15]
Петта книга: „Претежно безопасни“
Последниот дел се состои од вовед и 25 глави.
- 1-5 глава: Триша Мекмилан е тв-водителка од Лондон, која се наоѓа во Њујорк со цел да бара работа. Таа се среќава со астрологот Гејл Ендрјус која изутрината ѝ дала интервју. Триша ѝ кажува на Гејл за средбата со двоглавиот вонземјанин на една забава, кој потоа ја напуштил Земјата, а таа не ја прифатила неговата покана да му се придружи. Бидејќи не успева да се вработи, Триша се враќа во Лондон. Во дворот на нејзината куќа слетува вселенски брод со вонземјани, кои ја носат на планетата Руперт, на работ на Сончевиот систем, со молба да им помогне да го средат хороскопот.[16]
- 6-14 глава: Форд тајно влегува во зградата на „Автостоперскиот водич“ и открива дека Водичот има нов сопственик, со нова управа и нов главен уредник. Форд влегува во компјутерскиот центар на Водичот, а кога се враќа во канцеларијата на главниот уредник, него го напаѓа обезбедувањето и тој е принуден да скокне низ прозорецот. Сепак, некако успева да се задржи на работ на прозорецот од 13. кат на зградата, каде се наоѓа забранетиот сектор за истражување и развој. Таму, Форд сфаќа дека контролата над Водичот ја презеле Вогоните. Притоа, тој го наоѓа новиот Водич кого го испраќа по пошта, а во тој момент, него пак го напаѓа обезбедувањето и тој уште еднаш се фрла низ прозорецот. Во меѓувреме, за време на нивното вселенско патување, наеднаш исчезнува Фенчрч, а Артур пристига на една планета која не му се допаѓа, така што веднаш ја напушта. Оттаму, тој заминува на друга планета, населена со пророци и мудреци од кои бара совет, но без никаков успех. Барајќи планета која е слична на Земјата, тој се населува на планетата Бартлдан, но тамошниот живот нема никаква смисла, така што ја напушта и неа по што бесцелно патува низ вселената. При едно патување, вселенскиот брод се урива на планетата Лемјуела, а тој е единствениот преживеан патник. Таму, Артур води спокоен живот, правејќи сендвичи за селаните и ја носи титулата Творец на сендвичи. Меѓутоа, еден ден, на планетата слетува вселенски брод од кој излегуваат жена и девојка.[17]
- 15-20 глава: Жената која доаѓа на планетата Лемјуела е Трилијан, а девојката е нејзината ќерка. Трилијан му кажува на Артур дека забременила со помош на спермата која тој своевремено ја оставил во една банка на сперма. Таа му ја остава ќерката и си заминува, а наскоро Артур добива пакет адресиран на Форд. Еден ден, ќерката на Артур ја краде кутијата и бега во шумата, на местото каде паднал вселенскиот брод со кој своевремено пристигнал Артур. Во кутијата се наоѓа црн диск од кого излегува мала птица, а тоа е новиот „Автостоперски водич“. Птицата ѝ прикажува на девојката холограмски слики, а тогаш, наеднаш се појавува вселенски брод и девојката ја напушта планетата непосредно пред пристигнувањето на Артур. Од бродот излегува Форд кого го онесвестува девојката. Артур му помага да се освести, а Форд му кажува за новиот Водич, кој е многу опасен за вселената. Двајцата го пречекуваат стадото диви животни за време на редовната сезонска преселба и го напуштаат местото на грбот на едно животно.[18]
- 21-25 глава: Триша пристигнуав на планетата Руперт, каде се среќава со водачот на вонземјаните, кој ја замолува да направи пресметки за нивниот хороскоп. Таа ги снима патувањето и престојот на планетата, но снимките се со лош квалитет и неупотрбливи, така што е свесна дека никој нема да верува во вистинитоста на нејзината приказна за средбата со вонземјаните. Меѓутоа, тогаш во Лондон слетува вселенски брод од кој излегува една девојка која, ан големо изненадување на Триша, ја нарекува мајка. Во меѓувреме, Артур и Форд заминуваат во непознат пустински крај, каде се наоѓа барот „Кралската земја“ во кој пее Елвис Пресли. Форд намерно прави огромни трошоци на сметка на новиот сопственик на Водичот, а Елвис им го поклонува својот вселенски брод со кој се спуштаат во Лондон, каде на телевизија ги гледаат Триша и ќерката на Артур. Додека вонземјаните од Руперт ја набљудуваат Земјата, истовремено, на другиот крај од Сончевиот систем се наоѓа вселенски брод на Вогоните кои се подготвуваат да ја уништат Земјата. Форд и Артур влегуваат во клубот „42“. Таму ги среќаваат ќерката на Артур и Трилијан (Триша) меѓу кои започнува кавга. Незадоволната девојка пука со пиштол и случајно го погаѓа сопственикот на клубот, Ставро, кој веднаш исчезнува, а во него Артур го препознава чудовиштето со кое своевремено се соочил во една пештера. Во тој миг се слуша огромна експлозија, а капетанот на вогонскиот брод забележува дека ја извршил својата задача.[19]
Наводи
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 7-8.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 8-23.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 23-59.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 59-108.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 111-152.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 153-188.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 188-226.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 229-271.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 271-310.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 311-332.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 332-339.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 3438.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 343-385.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 385-433.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 433-434.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 437-459.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 459-506.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 507-541.
- ↑ Daglas Adams, Autostoperski vodič kroz galaksiju. Polaris, Beograd, 1996, стр. 541-561.
|