Александар Синве[1] (француски: Alexandre Synvet или Sinvet; ? - 1886) — француски[2][3][4] географ и картограф. Историографијата го памети по неговата етнографска карта Балканот, насловена како „Les Grecs de l’Empire Ottoman. Etude Statistique et Ethnographique“ (Грците во Османлиското Царство. Статистичко и етнографско проучување), издадена во 1878 г. во Цариград, кога учителствувал во Галатасарајскиот лицеј. Неговите трудови се познати по изразено гркомански ставови, застапувајќи ја тезата за грчкиот или „грко-бугарски“ идентитет на голем дел од населението на Егејска Македонија.
Животопис
Корицата на „Les Grecs de l’Empire Ottoman. Etude Statistique et Ethnographique“.Карта „Ethnographique de la Turquie d'Europe“ на која Синве врши масовно претставување на Македонците и другите народности како Грци
За неговиот живот се знае малку. Во литературата најчесто се среќава како A. Synvet и поретко како Al. Synvet.[5][6] Роден е на подрачјето на Финистер во Бретања и студирал физика на Ренскиот универзитет, која ја завршил на 10 октомври 1866 г. Потоа учел во Високата посебна школа во Клини, Бургундија и е назначен за стажант на 4 јули 1868 г. Во следниот период се вработил како наставник во отоманскиот Галатасарајски лицеј во Цариград,[1][7][8] каде предавал географија.[9][10] За време на престојот во Цариград Синве издал разни трудови и пишувал за градскиот печат. Посетувал разни делови на Османлиското Царство, особено Македонија и Тракија и изразувал силен интерес за опишување на демографските групи во царството.[11][12] Во 1872 г. го издал трудот „Traité de géographie générale de l`Empire Ottoman“ (Општа географија на Османлиското Царство), а во 1874 г. и неговото дополнение, „Description succincte de l'Arabie: Pour servir d'appendice à la géographie générale de l'Empire ottoman“ (Краток опис на Арабија како прилог кон општата географија на Османлиското Царство).
Во 1874 и 1875 г. го основал францускиот весник „Иниверс“, кое според извадаштвото, е „ориенталистички, политички и книжевен преглед“, a статиите му излегувале во турската верзија на списанието „Џихан“. Во 1877 г. го завршил проучувањето и ја издал книгата „Carte ethnographique de la Turquie d'Europe et dénombrement de la population grecque de l'Empire ottoman“ (Етнографска карта на европска Турција и набројување на грчкото население на Османлиското Царство), а во следната 1878 г. го издал второто издание на „Les Grecs de l’Empire Ottoman. Etude Statistique et Ethnographique“, повикувајќи се на неточни и тенденциозни грчки податоци. Книгата претставува обид за попишување на Грците во Османлиското Царство според населените места. Според авторот, податоците му се „доставени од мухтарите по барање на Цариградската патријаршија, која сакала да наложи еден лесен данок на грчките семејства“.
Книгата е полна со запрепастувачки неточности и тенденциозно третирање на податоците со цел во голема мера да се преувеличи бројот на Грци во царството. Во првото издание, Синве вели дека во царството живеат 3.750.000 Грци, а во второто бројката пораснува на 4.324.369. Синве влегол во полемика со бугарофилскиот францускиот цариградски весник „Курје д'Орјан“, кој како одговор на делото на Синве во истата 1878 г. ја издал книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“.[13]
Во првата година од Руско-турската војна Синве бил обвинет во заговор со драгоманот на руската амбасада и оптуштен од наставничката работа од новиот директор Али Суави. Кога османлиските власти разбрале за ова, се обиделе да го вратат во лицејот, за што се заложил и самиот министер за образование Мехмед Тахир Муниф-паша, кој бил пријател на Синве и се обидувал да го убеди директорот да го прими назад на работа.[11]
Синве бил претставник за Османлиското Царство на многу географски конференции во Европа барем до 1880 г.[14] Ја претставувал Високата порта на Светскиот конгрес за географски науки во Париз, како и претставник во Цариград на Институот за етнографија на Франција.[15][16] Бил редовен член на Научниот комитет на грчкто Национално филолошко здружение во Цариград,[5] и одговорен за рецензија на научната литература која се вршела на редовните средби на колегиумот[17] и негов член почнувајќи од 1875 г.[18] Во 1878 г. го објавил истражувањето „Carte ethnographique de la Turquie d'Europe et dénombrement de la population grecque de l'Empire ottoman“ (Етнографска карта на европска Турција и набројување на грчкото население на Османлиското Царство), направено со помош од членовите на научниот комитет на Вселенската патријаршија и Образовното здружение на грчката дијаспора во царството.[19] На 21 октомври 1881 г. го напуштил Цариград и станал професор на лицејот во Ница,[20] каде се задржал до 1884 г. како наставник-стручњак по предметите историја, книжевност и граматика.[21][22] Потоа бил назначен во лицејот во Сент Етјен, каде станал учител-стручњак по историја и географија, книжевност и граматика.[23] Кон крајот на 1884 г. соопштил дека зема одмор до крајот на учебната 1884-85 година[24] и побарал долг одмор и во текот на следната учебна година.[25]
Трудови
Ова е список на некои од трудовите на Синве кои се наведуваат во други текстови.[26]
„Traité de géographie générale de l`Empire Ottoman“, Librairie internationale Lorentz et Keil, Цариград, 1872[27][28]
„Description succincte de l'Arabie: Pour servir d'appendice à la géographie générale de l'Empire ottoman“, Цариград: L'Orient Illustré, 1874.
„Traité de géographie générale de l'Empire Ottoman“, Цариград: Typographie centrale, 1872.
„Carte ethnographique de la Turquie d'Europe et dénombrement de la population grecque de l'Empire“ ottoman, прво издание, Цариград: L'Orient Illustré, 1877.
„Les Grecs de l’Empire Ottoman: Étude statistique et ethnographique“, второ издание, Цариград: L'Orient Illustré, 1878.
↑"...bien connu par ses recherches scientifiques et par ses missions en Orient, surtout en Thrace et en Macédoine."Nikola V. Mikhov (1918). La Bulgarie et son peuple: d'après les témoignages étrangers. Бугарија: Librairie centrale des nationalités. стр. 88. Посетено на 10 јануари 2014.
↑Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 5, 200.