Евстатиј Кољов
Евстатиј е бугарски свештеник кој управувал со Нишавската и Одринската епархија на Бугарска егзархија. Евстатиј бил еден од најобразованите рани егзархиски владици, пратеник во Уставотворното и Првото велико народно собрание во 1879 година во Трново. БиографијаРани годиниРоден е околу 1832 година во село Гољамо Белово, кај Татар-Пазарџик, со световното име Георги Димитракиев Кољов во многудетното семејство на касапот Димитраки Кољов Бузјов. Негов внук е новинарот и писател Никола Владикин. Учи во ќелијното училиште во Гољамо Белово и во Филипополис (денешен Пловдив), по што три години работи во касапницата на својот татко. На 17 години ја прочитал книгата „Алексий, человек Божий“ и на 18 години заминал за Рилскиот манастир, каде што се замонашил под името Евстатиј. Во 1853 година се преселил во Зографскиот манастир на Света Гора, каде што работел во канцеларијата на манастирот. Игуменот Натанаил го пратил да учи на издршка на манастирот во богословското училиште на Халки. Потоа го придружувал Натанаил по работа во Влашко и Молдавија, и Натанаил го сместил да учи во Духовната семинарија во Јаши. Подоцна Евстатиј учел во Киевската духовна семинарија, каде што завршил средно образование, а во 1866 година завршил и богословие во Московската духовна академија како „магистер по богословие“ и заминал за Берлин, каде што една година слушал предавања по филозофија. Од 1867 до 1870 година завршил медицина во Париз. По враќањето во Османската Империја се населил во Зографскиот манастир, каде што отворил училиште и болница. Пелагониски митрополитСе вклучил во бугарската црковна борба и по прогласувањето на Бугарска егзархија, во јули 1872 година е повикан во Цариград и на 20 септември 1872 година Евстатиј е ракоположен за митрополит на Пелагониската епархија на Егзархијата, која ги опфаќа Прилепската, Битолската и Леринската каза со седиште во Битола. Евстатиј не добива берат од османските власти и до 1874 година останува во главниот град. Од Цариград тој управува со епархијата од далечина, одржувајќи постојана врска со Битолската општина. Нишавски митрополитВо 1874 година Евстатиј го наследил Партенија Зографски како митрополит на Нишавската митрополија, со седиште во Пирот. Тој со Митрополијата управувал во отежнати услови поради избивањето на Големата источна криза (1875-1878), и тука го дочекал ослободувањето од страна на српската војска. Град Пирот бил ослободен на 16 декември 1877, а по неколку дена биле ослободени и Трн и Брезник. Влегувањето на српската војска во Пирот било прославено од страна на народот, а митрополитот Евстатиј отслужил свечена литургија во чест на ослободувањетоо на градот, при што нагласил дека православните Бугари од Нишавската епархија се среќни што ја дочекуваат братската српска војска. Прво прашање кое било отворено од новите власти било неговото високо митрополско звање, бидејќи во Кнежевството Србија митрополит бил само еден (архиепископот на Белград), додека останатите архиереи имале чин на епископи.[1] Меѓутоа, митрополитот белградски, Михаило, сметал дека Евстатиј треба да го задржи своето звање, бидејќи во Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија ова звање го носеле скоро сите архиереи. Во почетокот на јануари 1878, во град Пирот, како испомош на митрополит Евстатиј, му бил испратен свештеникот Никола Ружичиќ. Негова должност била да му помага во извршување на епархиските работи, испраќање писма и контакти со српските црковни и државни власти. Ружичиќ редовно го известувал митрополитот Михаило за работата на Евстатиј, а несогласувањето кое се појавило помеѓу нив брзо станало видливо.[1] Во Пирот веќе постоеле изразени несогласувања меѓу верниците од просрпската и пробугарската струја. Во средината на јануари Евстатиј го напуштил градот, и се склонил во Хиландарскиот метох, кој се наоѓал во негова непосредна близина. Како што тврдел, тој не сакал да се врати во градот додека состојбата не биде јасна, бидејќи се плашел од интригите против него и последиците кои би произлегле од таквата состојба. Во периодот помеѓу Едренското примирје и Санстефанскиот договор било извесно дека може да се очекуваат одредени исправки во границите. Тогаш, основно територијално барање на српската власт бил Ниш и неговата околина, а ослободените области биле држени цврсто под српска управа. Евстатиј често се среќавал со пробугарски поддржувачи во својот дом, од каде испраќале писма во Софија, и ги молеле руските воени власти да ги присоединат кон Бугарија. ![]() По овие случувања, била донесена одлука на неопределено време да бидат повлечени митрополитот Евстатиј во Крушевац, а свештеникот Никола Ружичиќ и срескиот писар Симеон Христов во Ниш.[1] На ова патување со Евстатиј тргнал и свештеникот Иван Јевтиќ. За овој настан во историографијата се застапени различни мислења. Во бугарската историографија формирано е мислење, дека Евстатиј е затворен во Крушевац. Меѓутоа, фактите за неговиот престој во Крушевац се поинакви. Тој не бил уапсен, туку таму му е одредено привремено престојувалиште. Тоа, секако не било по негова согласност, ниту тоа му одговарало, но не станувало збор за било каков акт кој го нарушувал неговото достоинство. На протојерејот во Крушевац му било јавено да го прими со почит која му припаѓа, како и тоа сите во Крушевац да се погрижат тој да биде задоволен. Наредено било и да му се обезбедни простоен стан и храна. Самиот митрополит Евстатиј во писмо до митрополитот Михаило тврдел дека таков прием му помогнал да ја заборави причината за неговото доаѓање во Крушевац.[1] После 15-дневен престој во Крушевац, по склучувањето на Санстефанскиот договор, Евстатиј, добил одобрение од министерот за просвета и црковни работи, Алимпије Васиљевиќ дека може да се врати во Нишавската митрополија. Во бугарската историографија преовладува мислењето дека на митрополитот Евстатиј му било дозволено враќање поради интервенција на руската дипломатија, што секако има основа.[1] Руската дипломатија инсистирала на тоа, а за време на престојот во Крушевац, како израз на руската наклоност примил орден на Св. Ана од втор степен. На 11 март Евстатиј го известил митрополитот Михаило дека пристигнал од Крушевац во Пирот. Претходно, на 3 март бил потпишан Санстефанскиот договор, со чии одредби било предвидено Пирот, заедно со Врање, Брезник, Трн и Кула да и припаднат на Бугарија. Доколку тоа би се остварило, целата Нишавска митрополија би се нашла во состав на бугарската држава, и со самото тоа би останала дел од Бугарската егзархија. Меѓутоа, откако ја примила веста за склучување на договорот, српската влада одлучила да не ја повлече својата војска додека границите официјално не бидат обележани. Иако руската страна инсистирала на повлекување на српската војска, било донесено компромисно решение: во Пиротскиот округ останува моменталната состојба, се додека не биде донесена конечна одлука.[1] Со обзир дека против одлуките на Санстефанскиот мир биле другите големи сили, пред се Велика Британија и Австроунгатија, бил свикан Берлинскиот конгрес, на кој биле донесени важни одлуки за новите државни граници. По одлуките на овој конгрс, Пиротскиот округ и припаднал на Србија, но без Брезничкиот и Трнскиот срез, кои останале во составот на Бугарија. Така и практично бил одреден и крајот на сите врски на поголемиот дел од Нишавската митрополија со Бугарската егзархија. Набрзо после Берлинскиот конгрес, во почетокот на август 1878 година, митрополитот Евстатиј ја напуштил епархијата. Иако постојат мислења дека бил протеран, примарните извори укажуваат на тоа дека сам ја донел одлуката да замине, што не ја исклучува можноста дека постоел одреден притисок за донесување на таква одлука. Тоа се случило пред 12 август 1878, кога Агатангел, протосингелот на манастирот Свети Димитрија, јавил на митрополитот Михаило дека митрополит Евстатиј заминал и дека не знае каде е.[1] Во БугаријаМитрополит Евстатиј ја продолжил својата работа во Кнежевството Бугарија. Како угледен архијереј, бил учесник во Уставотворното собрание од 1879 година, а потоа станал ректор на Самоковската семинарија. Во 1883 година бил повикан во Цариград, каде што бил митрополит при средиштето на Бугарската егзархија, а во 1885 година ја добил на управа Одринската егзархиска митрополија. Истата година и умрел. Погребан е при бугарската црква во Одрин. Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia