Есенцијален тремор (ET), исто така наречен доброќуден тремор или идиопатски тремор — медицинска состојба која се одликува со неволни ритмички контракции и релаксации на одредени мускулни групи во еден или повеќе делови од телото при која причинителот не е познат.[7] Вообичаено е симетричен, и ги зафаќа рацете, дланките, или прстите; но некогаш ги зафаќа главата, гласните жици, или други делови од организмот.[5] Есенцијалниот тремор може да биде или акциски тремор, кој се интензивира кога лицето ги користи афектираните мускули при волни движења како при јадење или пишување—или постурален тремор. Тоа значи дека тој се разликува од тремор во мирување, како тој предизвикан од Паркинсонова болест, и кој не е корелиран со движење.[8]
Есенцијалниот тремор е прогресивно[9][10][11]невролошко нарушување, и претставува најчестото нарушување на движењето. Вообичаено се јавува после 40-та година, но може да се јави на било која возраст.[1] Причинителот не е познат. Дијагнозата се поставува со набљудување на типичните обрасци на треморот и со исклучување на познатите причинители на истиот.
Иако есенцијалниот тремор се разликува од Паркинсоновата болест, која предизвикува тремор во мирување, сепак понекогаш погрешно се дијагностицира како Паркинсонова болест.[5] Кај некои пациенти е утврдено покрај есенцијален тремор да имаат и тремор во мирување.[5]