Змејовица
Змејовица (позната и како Змеоец[1] или Змејовец) — пештера во Македонија на планината Даутица, над селото Крапа во областа Порече. МестоположбаПештерата Змејовица се наоѓа високо на билото на западната падина на планината Даутица, веднаш над селото Крапа во областа Порече. Поточно, таа е сместена на највисокиот дел на западната падина на надморска височина од 1410 метри[2], веднаш под самиот срт на планината Даутица помеѓу селото Крапа на запад, манастирот „Св. Преображение“ - Зрзе на југ и врвот Мовнатец над селото Маргари на исток. До пештерата не постои јасно обележана патека, а се стигнува само со пешачење околу 40 минути од селото Крапа, или 1,5 час од манастирот над Зрзе. Иако се наоѓа на голо, тревно и непошумено место, сепак пештерата е тешко забележлива бидејќи таа претставува пропаст при што нејзиниот отвор е дупка во земјата обрасната со трева. Релјефни и спелеолошко-морфолошки одликиПештерата Змејовица има должина од 68 метри[2] и облик на една голема сала која е висока 15 метри и широка околу 11 метри. Непредно на влезот од оваа сала преку мал ходник се отвора и една помала сала со висина од 3 метри и широчина од 4 метри, од кој се отвора тесен и непрооден ходник кон југоисток. Од источниот ѕид на главната сала се отвораат четири ходници од кои два во источен и два во југоисточен правец кои најверојатно се спојуваат во голема сала на околу петнаесетина метри длабочина. Сите отвори на овие ходници се тесни и веднаш започнуваат со многу голема стрмнина чиишто камени ѕидови се многу мазни и секогаш влажни заради што се многу лизгави и опасни за спуштање. Поради овие одлики и неможноста за прикачување опрема на стрмните, мокри и меки гранитни ѕидови, пештерата Змејовица е најмалку истражена, со непозната целосна длабочина на внатрешноста. На североисточната страна во пештерата се наоѓа едно елипсовидно проширување што личи на долап, а вдлабнатината му е исполнета со вода.[3] Кладенците со вода во пештерата Змејовица, од месното население се сметаат за многу издашни и лековити, а исто така се смета дека нивната вода избива во познатиот силен извор во манастирот над Зрзе[4]. На почетокот на 90-тите, во 1992 година, вршени се испитувања за штедроста и издашноста на изворите во внатрешноста на пештерата Змејовица со цел да се реши проблемот за водоснабдување на градот Прилеп, при што со моторни пумпи на агрегат три дена непрестајно се црпела водата сè до нивното престанување со работа поради снемување гориво[4]. По билото на планината Даутица, на околу 800 метри јужно од главниот отвор на Змејовица, веднаш до сртот над Зрзескиот манастир, се наоѓа уште една јама - отвор, во која се забележува голем процеп кој води кон север, поради што може да се претпостави дека таа е поврзана со главниот систем на пештерата. Предание и легенда за пештерата ЗмејовицаМеѓу народот постои предание, односно легенда која се поврзува со пештерата Змејовица, за чиишто кладенци се смета дека имаат лековита вода. На Велигден играле девојки на оро, на сретсело, и наеднаш дувнал силен ветер и кренал една од девојките[5]. Никој не можел да ја најде, а мајка ѝ ја барала секаде и на крајот ја нашла в планина, во пештерата, кај змејот[1][5]. Додека змејот спиел, таа ја научила ќерка си да го праша од што му е умирачката и таа така направила, го прашала една вечер кога си дошол од облаци, уморен[5]. Змејот ѝ рекол дека умирачката му е во солта, ако испие еден кобел солена вода на часот ќе умре[1]. Кога разбрала мајка ѝ, донела сол и му турила во коблите, издлабени од камен[5]. Тие ниту секнувале, ниту прелевале, секогаш биле полни со вода[5]. Кога дошол змејот и ја испил солената вода, вчас умрел и се скаменил, но ја скаменил и девојката[5]. Народот верува дека камењата во пештерата навистина личат на змеј и на девојка[3][5]. Во верзијата на народната легенда за Змејовица запишана од Апостол Поп-Јовановски, се споменува дека не ветер, туку самиот змеј, од чиешто рикање и сила сите се плашеле, ја грабнал најубавата девојка од селото, која потоа сама дознала и му ставила сол во водата од која што тој се скаменил[3]. Во една друга запишана верзија на легендата, се споменува дека грабнатата девојка имала и машко дете со змејот[6]. Според верувањата на народот, лечењето поради кое се посетува пештерата Змејовица, е осигурано со доаѓање на Дуовден (Духовден), или пак, на Илигден (Илинден)[6]. Галерија
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia