Исцелител (филм)
Исцелител — македонски филм од 2017 година, во режија на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, како и монтажер на звукот. Снимател е Дејан Димески, а монтажата е дело на Мартин Иванов. За меѓународната распределба на филмот била задолжена француската агенција Wide.[1] Главните улоги ги играат: Благој Веселинов и Анастас Тановски.[2] Исцелител е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и општествен коментар. Најголем шарм на филмот се непретенциозноста и искреноста кои ги покриваат недостатоците и несигурноста во некои делови.[1] Престижното списание „Вараети“ (Variety) објавило рецензија на филмот, оценувајќи го како прекрасен филм кој „не само што ќе послужи како силна отскочна штица за кариерата на Ставрески, туку дури може да ја повлече напред и пошироката македонска филмска индустрија...“[1] СодржинаВеле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, меѓутоа е притиснат од криминалците што си ја бараат дрогата назад и соседите-душкала, кои во него гледаат нова надеж, исцелител.[3] Улоги
Некои од останатите улоги ги толкуваат: Игор Ангелов, Атанас Атанасовски, Симеон Мони Дамевски, Катарина Илиевска, Бобан Кулески, Јордан Симонов, Горан Стојановски, Наталија Теодосиева, Горан Трифуновски, Сенко Велинов и други.[2] ПроизводствоСпоред зборовите на режисерот Ставрески, филмот бил создаден во долг временски период: од првите напишани зборови во сценариото (2010) па до премиерата на филмот поминале дури седум години. Првите три верзии на сценариото биле напишани како семејна драма, но откако Ставрески го изработил краткиот комичен филм Скопски љубовџии во рамки на омнибусот Скопје ремикс (2012), се предомислил, и го напишал како црна комедија.[1][4] Идејата за филмот дошла од „пропаѓањето на рационалните вредности на кои треба да се заснова едно општество“, која според Ставрески, е во корелација со осиромашувањето на Република Македонија за време на транзицијата.[4] Првиот долгометражен игран филм на Ѓорче Ставрески е и првата македонско-грчка копродукција во која финансиски помогнал Грчкиот филмски центар. Соработката всушност почнала кога на работилница за продуценти на EAVE ја Ставрески запознал Константина Ставрианоу од копродукцијата GRAAL S.A. од Атина. Претходно филмот имал неуспешни обиди за кофинансирање од Словенија и Бугарија.[4] ПрикажувањеПремиерата на филмот била одржана на 9 ноември 2017 на Солунскиот филмски фестивал во рамките на програмата „Балкан Срвеј“ (Balkan Survey),[5] каде освоил награда од публиката, прв македонски филм со такво постигнување.[1][6] Македонската премиера се случила на 19 ноември 2017, на затворањето на 16-то издание на Фестивалот на европски филм Синедејс, каде бил дочекан со овации и воодушевување.[4] „Исцелител“ поминал исклучително добро кај македонската кино публика. На јавното прикажување во Градски парк Скопје, на 6 јуни 2018 филмот го погледнале околу 6.000 луѓе.[7] Награди и признанијаИсцелител е добитник на повеќе награди и признанија. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја добил наградата од публиката, со што станал прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жири за сценарио на 17-тото издание на Средоземниот филмски фестивал во Брисел.[2][6][8] Бил номиниран на повеќе престижни меѓународни филмски фестивали: филмскиот фестивал Црни Ноќи во Талин (2017, во категориите дебитантски филмови и специјална награда од жирито), Средоземниот филмски фестивал во Брисел (2017, категорија најдобар филм), меѓународниот филмски фестивал во Тромсе (2018, категорија - најдобар филм според публиката), меѓународниот филмски фестивал Санта Барбара (2018, категорија - најдобар меѓународен филм) и меѓународниот филмски фестивал во Обањ (2018, категорија најдобар филм).[2][8] Наводи
Надворешни врски |
Portal di Ensiklopedia Dunia