Исчезната (англиски: Gone Girl) е американски психолошки трилер од 2014 година, режиран од Дејвид Финчер. Сценариото на Џилијан Флин било засновано на нејзиниот истоимен роман. Главните улоги во филмот ги играат Бен Афлек и Розамунд Пајк. Поставена во Средниот запад во САД, приказната во филмот почнува како мистерија која ги следи настаните околу Ник Дан (го игра Афлек), кој станува главен осомничен за ненадејното исчезнување на неговата жена, Ејми (ја игра Пајк).
Филмот ја имал својата светска премиера на првата вечер на 52. издание на Њујоршкиот филмски фестивал на 26 септември2014, а од 3 октомври бил достапен во киносалите ширум светот, во кои поминал одлично, заработувајќи преку 368 милиони долари. За улогата на Ејми, Розамунд Пајк добила позитивни критики и добила номинации за „Оскар“ за најдобра глумица во главна улога, „БАФТА награда“ за најдобра глумица во главна улога, „Златен Глобус“ за најдобра глумица во главна улога во драма, како и номинација од страна на здружението на филмски глумци за најдобра глумица во главна улога. Понатаму, Финчер добил номинација за „Златен глобус“ за најдобар режисер, а сценаристката Флин била номинирана за најдобро сценарио за наградите „Златен Глобус“ и „БАФТА“, како и за наградата на филмските критичари, која подоцна ја добила.[3]
Содржина
Брачниот пар њујоршки писатели, Ејми (Розамунд Пајк) и Ник (Бен Афлек) е приморан да се пресели во мал град во Мисури поради финансиската криза и поради болеста на мајката на Ник. Од хармоничен и среќен пар, тие стануваат несреќни и оттуѓени. На денот на нивната петгодишнина, Ник се враќа дома и затекнува превртена маса и неред во дневната соба, кој укажува на знаци на борба. Тој сфаќа дека неговата жена е исчезната и ја известува полицијата. Набрзо неговите лаги, измами и чудно однесување ги принудуваат сите да си го постават истото мрачно прашање: дали Ник ја убил жена си?[4]
Афлек и Пајк на премиерата на фестивалот во Њујорк.
Исчезната го отворил 52. издание на Њујоршкиот филмски фестивал, добивајќи позитивни критики уште на почетокот. На 3 октомври 2014 година, филмот ја имал својата премиера во 3.014 кино сали во Северна Америка. Освен во Северна Америка, филмот бил издаден во 5.270 кино сали во 39 држави во првиот викенд на прикажувањето.[5]
Заработка
Филмот имал заработка од 167,8 милиони долари во САД и Канада и 200,3 милиони долари во кината ширум светот, т.е. вкупна заработка од 368 милиони долари, наспроти буџетот од 61 милион долари.[2] Пресметувајќи ги сите трошоци, Deadline.com пресметал дека филмот имал профит од 129,99 милиони долари.[6] Филмот заработил 13,1 милиони долари на првиот ден на прикажувањето во Северна Америка.[7][8][9][10] Во првата недела на прикажувањето, филмот имал најголема заработка во САД од 37,5 милиони долари, оставајќи го на второто место хоророт „Анабела“ на „Warner Bros./New Line Cinema“, кој имал заработка од 37,1 милиони долари. Филмот имал најдобро отворање во кариерата на Финчер, соборувајќи го отворањето на трилерот „Панична соба“. Во кариерата на Афлек, филмот имал трето најголемо неделно отворање и се нашол веднаш зад „Перл Харбор“ кој имал почетна заработка од 59,1 милиони долари и „Дердевил“ со заработка од 40,3 милиони долари, додека пак во кариерата на Пајк, филмот се нашол на второто место зад „Умри некој друг ден“ кој имал почетна заработка од 47 милиони долари. Филмот „Исчезната“ и во втората недела на прикажувањето останал на врвот и покрај конкуренцијата од „Дракула“,[11] но во третата недела бил престигнат од „Бес“.[12]
Надвор од Северна Америка, филмот заработил 24,6 милиони долари во првата недела на прикажувањето, што било многу повеќе од очекуваното.[5] Висока заработка била забележана во Обединетото Кралство (6,7 милиони долари),[13]Австралија (4,6 милиони долари),[13]Франција (3,65 милиони долари)[14]Русија (3,4 милиони долари),[13] и во Германија (2,6 милиони долари).[13]
Филмски критики
Исчезната добил главно позитивни ревизии од филмските критичари кои најголемите пофалби ги упатиле за изведбата на Пајк. На „Rotten Tomatoes“ филмот има рејтинг од 88%, врз основа на 281 ревизија, со просечен рејтинг од 8/10. Описот на мрежното место гласи: „Мрачен, интелигентен, и стилски до грешка, Исчезната игра на силата на режисерот Дејвид Финчер и го вади најдоброто од Бен Афлек и Розамунд Пајк.“[15] „Metacritic“ му дава на филмот рејтинг од 79 од можни 100, врз основа на 49 критики, укажувајќи на „генерално позитивни критики“.[16] Публиката анкетирана од „CinemaScore“ го оценила филмот со оценка 4 од можни 5.[17][18]
Продолжение
Во интервју во октомври 2014 година, Розамунд Пајк изјавила дека таа би глумела во евентуално продолжение доколку Џилијан Флин повторно би го напишала сценариото.[19]
Во јануари2015 година, Флин изјавила дека е отворена кон идејата за продолжение, но тоа би се случило во иднина кога целата екипа би била повторно слободна.[20]
Наводи
↑„GONE GIRL (18)“. British Board of Film Classification. September 25, 2014. Посетено на September 25, 2014.