Каинавелија
„Каинавелија“ — поетска збирка на македонскиот поет Славко Јаневски, објавена во 1968 година од издавачката куќа „Македонска книга“. Книгата има 60 страници, не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN. Уредник бил Ацо Шопов. Таа била испечатена тираж од 2000 примероци.[1] СодржинаЗбирката содржи три циклуса: Нож човек земја, Синаја и Анатомија. Првиот циклус „Нож Човек Земја“ започнува со двостихот: „Петелот во грло ќе ти го приколам ако ме искорениш од сонот на вековите.“ Првата песна насловена „Дланка“ го содржи стихот „оваа приказна соголена/ Како да ја раскажам со приклано грло“ навестувајќи јазична и поетска слика која ги содржи грозоморите на братоубиството. Во овој циклус е сместена и песната „Песна за иселеникот Каинавелски“ каде Каин македонски и Авел се едно, симболички насликани во умирањето и самоуништувањето.Во песната „Најпрвин нож“ во овој циклус поетот се обраќа до боговите да им подарат огнови од бронза за да го исковаат ножот, кој ќе го забуцаат на братот меѓу плешки,а познатата тема на братоубиството која се провлекува низ творештвото на Јаневски, тука е сублимирана во стих. Во кратката двостишна песна „Луња“ Јаневски историската идентитетска македонска трагедија ја сведува на прашањето: „Тоа Пирин ли брза да каже/ дека Егеј се влива во Вардарско море?“ Во последната песна од циклусот Нож, човек земја, со наслов „Тогаш ќе умре љубовта“ „Пред поетот лирски да запцуе/ срцето со заби ке си го сомеле/ и со нокти по мевот ќе загребе- Владо македонска каде ти се шумите?“ тој се осврнува на самодеструктивноста и уништувањето, кои ќе ја уништат и љубовта. Итарпејовскиот дух се наѕира меѓу стиховите, како на пример: „На српон небесен Пејо нозете си ги ниша. / Насмеан од Сатурн до Венера итрецот шашливо ме гледа / и мисли самите и в магла капка безизлез ќе вдишат“. Во вториот дел сместен е циклусот „Синаја“ со десетина песни од кои централно се распоредени песните Синаја 1,2,3,4,5 и 6 и 6+1. И тука, просторот каинавелски се идентификува со македонскиот простор. Игрите на зборовите во стиховите најизразени се во песната „Чедоморка“. Циклусот „Анатомија“ започнува со двостихот „ Потоа ми кренаа споменик љубов моја /за да не станам од под него.“ Секоја од четиринаесетте песни има наслов со одреден дел на човечкото тело од Мозок до Крв, и преку разигран ритам, следат своја интонација и излегуваат надвор од сите правила, звучејќи модерно и необично во времето кога се напишани овие стихови, а несомнено го надживеале и тестот на времето со својата современост денеска. Во сите свои стихови „тој длаби во лирската историска свест за опстојот на македонската нација, трага по македонскиот искон, пеејќи за легенди и преданија, личности и настани, митови и фантазми. Но, она на што наидува е една трагична визија на самоуништување, на пекол на раздор, на порази и братоубиства... Оттаму и го исковува името „Каинавелија“, како име на земја во чиј бит е врежано проклетството на каинавелштината. Во оваа стихозбирка се наоѓа и стихот што е преземен како наслов на најобемната и најзадлабочена студија за творештвото на Јаневски во македонската критика, студијата на Георги Старделов „Слушате ли, каинавелијци?“. Поетските слики на Јаневски се гротескно трагикомични, неочекувани и свежо-контрастни, а јазикот е раскрилен во вокабулари на оддалечени простори и сфери. [2]
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia