Мадона Луис Чиконе (официјално Мадона, на англиски:
Madonna Louise Ciccone или Madonna), родена на 16 август1958 година, е американскапејачка, танчерка, текстописец, продуцент, актерка и писателка. Позната и како „Кралица на попот“, Мадона ја стекнала својата слава со нејзините иновативни музички спотови, изведби и често контроверзната употреба на сексуални и религиозни теми. Таа има добиено бројни награди во нејзината кариера и има издадено многу албуми.
Мадона се смета за една од најголемите музички икони во историјата на популарната музика, како и за секс симбол на денешницата. Во 2000 година, Гинисовата Книга на Рекорди ја окарактеризирала Мадона како најуспешната женска музичка уметничка на сите времиња, со околу 120 милиони продадени албуми. „Ворнер Брос“, куќата која ги издава нејзините албуми, изјавила дека во 2005 биле продадени преку 200 милиони плочи на Мадона. Во 2005, на манифестацијата Најголем Американец, американската публика ја изгласала Мадона за една од шеснаесетте најзначајни жени во американската историја.
Животопис
Мадона Луиз Чиконе[1] е родена во Беј Сити, Мичиген. Таа е третото од шесте деца на Силвио „Тони“ П. Чиконе, инженер во „Крајслер“ од итало-американско потекло (таткото на Мадона води потекло од Пачентро, во регионот Абруцо, Италија) и Мадона Луиз Фортин, од франко-канадско потекло.[2] Мадона била одгледана во католичко семејство, во предградијата на Детроит - Понтијак и Рочестер Хилз. Мајката на Мадона починала од рак на дојката на триесетгодишна возраст, на 1 декември1963 година, кога Мадона имала пет години. Мадона често зборува за влијанието на смртта на мајка си врз нејзиниот живот, нарекувајќи го „една од најтешките работи со кои се имам соочено во мојот живот“. Подоцна, нејзиниот татко се оженил со Џоан Густафсон (семејната дадилка) и имал две деца со неа.[3][4]
Таткото на Мадона сакал сите негови деца да земаат музички часови, но, по неколку месеци на пијано часови, Мадона го убедила својот татко да ѝ дозволи да зема часови по балет.[5] Таа се покажала како надарена танчерка. По матурирањето во Rochester Adams High School во 1976, таа добила стипендија за танцување на Универзитетот во Мичиген, каде што го запознала учителот по танц Кристофер Флин. Освен што ја подучувал, тој за првпат ја изложил во геј-дискотеките, момент кој подоцна ќе има големо влијание во музиката и стилот на Мадона. Во 1977 година, со охрабрување од Флин, Мадона го напуштила колеџот на крајот на втората училишна година и се преселила во Њујорк за да оствари танцувачка кариера.[6] За нејзиното доаѓање во Њујорк, Мадона вели: „Кога дојдов во Њујорк, тоа беше првпат да патувам со авион, првпат да патувам со такси, првпат за сè. А дојдов тука со 35 долари во мојот џеб. Тоа беше најхраброто нешто кое сум го направила.“[7]
Мадона имала финансиски проблеми во ова време, живеејќи во беда и работејќи за ниска плата. Исто така, таа работела и како нудистички модел. За сето ова време, таа учела со Марта Грахам[8] и Перл Ланг,[9][10][11] а подоцна танцувала со неколку компании за модерен танц, вклучувајќи ги и Елвин Ејли и Валтер Никс танчерите. Додека работела како танчерка за францускиотдиско-уметник Патрик Ернандес (на неговата турнеја во 1979),[9] Мадона го запознала и станала романтично врзана за музичарот Дан Гилрој,[12] со кого ја формирала својата прва рок-група „Breakfast Club“. Освен како вокалист, таа била и тапанар и гитарист,[13] пред да ја формира групата „Еми“ во 1980 година со тапанарот и поранешен пријател Стефан Бреј.[14] Таа и Бреј напишале и продуцирале бројни диско и денс-песни кои го привлекле вниманието на њујоршките клубови, особено на ,,Денстерија" и ,,Канзас Канзас". Диџејот и продуцентот Марк Каминс бил доволно импресиониран од демото на Мадона за да го привлече вниманието и на основачот на Сер Рекордс - Сејмур Штејн.
Приватниот живот на Мадона бил многу бурен. Најпрвин, таа била во брак со глумецот Шон Пен.[15] Во 1995 година, Мадона започнала романтична врска со својот тренер по фитнес, Карлос Леон, со кого, една година подоцна, ја добила ќерката Лурдес Марија.[16] Набрзо по нејзиното раѓање, Мадона и Леон се разделиле.[17][18] Во 2011 година, Мадона стапила во врска со танчерот Брахим Заидбат, кој бил 30 години помлад од неа. Тој бил дел од тимот што ја придружувал Мадона на нејзината турнеја „МДНА“. Нивната врска се распаднала во 2014 година. Потоа, Мадона почнала да излегува со танчерот Тимор Стефен (кој, исто така, бил далеку помлад од неа, т.е. имал само 26 години), но врската се распаднала многу брзо, поради презафатеноста на Мадона.[19]