Моќта на кучето (филм)
Моќта на кучето (англиски: The Power of the Dog) — меѓународно продуциран филм од 2021 година во режија на Џејн Кемпион, заснован на истоимениот роман од 1967 година на Томас Севиџ. Во главните улоги се појавуваат Бенедикт Камбербач, Кирстен Данст, Џеси Племенс и Коди Смит-Мекфи. Снимен претежно низ руралните средини на Отаго, филмот е меѓународна ко-продукција помеѓу Нов Зеланд, Грција, Обединетото Кралство, САД и Австралија. Моќта на кучето покрива теми како љубов, тага, огорченост, љубомора, мажественост и сексуалност. Филмот премиерно бил прикажан на 78. издание на венецијанскиот филмски фестивал на 2 септември 2021 година каде што Кемпион ја добила наградата Сребрен лав за најдобра режија. Филмот имал ограничено прикажување низ кино салите во ноември 2021 година и бил издаден во светски рамки на Нетфликс на 1 декември 2021 година. Моќта на кучето се здобил со универзално признание од критичарите, кои ја пофалиле режијата и сценариото на Кемпион, кинематографијата, музиката и изведбите на четирите главни глумци. Оценет како еден од најдобрите филмови за 2021 година, Моќта на кучето бил вброен меѓу најдобрите 10 десет филмови на годината од страна на голем број на критичари. Моќта на кучето заработил бројни номинации и награди, вклучително водечки 12 номинации на 94. доделување на наградите Оскар, меѓу кои за најдобар филм, најдобар режисер за Кемпион, најдобар глумец за Камбербач, најдобар глумец во споредна улога за Племенс и за Смит-Мекфи и најдобра глумица во споредна улога за Данст. Филмот заработил седум номинации на 79. доделување на наградите Златен Глобус, победувајќи во категориите најдобар филм – драма, најдобар спореден глумец (Смит-Мекфи) и најдобар режисер (Кемпион). Моќта на кучето бил вброен во најдобрите десет филмови за 2021 година од страна на американскиот филмски институт. Улоги
ПродукцијаЗаднинаНа почетокот на 2017 година, режисерот и сценарист Џејн Кемпион, штотуку завршувајќи го снимањето на втората сезона од серијата На врвот на езерото, добила примерок од романот на Томас Севиџ, Моќта на кучето од 1967 година од нејзината маќеа, Џудит. Кемпион била воодушевена од книгата и започнала да ги бара филмските права. Таа и продуцентката Тања Сегачјан на крајот ги добиле правата од канадскиот продуцент Роџер Фрапиер откако се сретнале со него на канскиот филмски фестивал во 2017 година.[6][7] Според Кемпион, за романот пет пати претходно се размислувало да биде екранизиран, но тоа никогаш не се случило.[7] Пол Њуман бил меѓу оние кои се обиделе да ја адаптираат книгата.[8] Додека работела на сценариото, Кемпион комуницирала со авторката Ени Пру, која го напишала поговорот во изданието од 2001 година на романот на Севиџ.[9][10] По завршувањето на првиот нацрт, Кемпион го посетила ранчот на Севиџ во Монтана, се сретнала со членови на неговото семејство и се консултирала со експерт за Севиџ од Универзитетот Монтана Вестерн во Дилон.[6] Кемпион не била во можност да снима во Монтана поради проблеми со буџетот, и наместо тоа одлучила да снима во нејзиниот роден Нов Зеланд.[7] Кинематографот Ари Вегнер и сценографот Грант Мејџор на крајот се одлучила за локација во Отаго на новозеландскиот Јужен Остров, неколку месеци пред почетокот на снимањето на филмот во 2020 година.[6] Развој и поделба на улогиВо мај 2019 година било објавено дека Кемпион ќе биде сценарист и режисер на филмот со Бенедикт Камбербач и Елизабет Мос во главните улоги.[11] Пол Дејно започнал преговори да се приклучи на филмот во септември.[12] Тој бил потврден дека ќе глуми следниот месец, додека пак Кирстен Данст ја заменила Мос за нејзината улога.[13] Сепак, до ноември, Дејно исто така се откажал поради конфликти во распоредот со Бетмен. Џеси Племонс, на кого му било првично понудена улогата пред Дејно, бил избран да го замени него.[14] Во февруари 2020 година, Коди Смит-Мекфи, Томасин Мекензи, Кит Карадин, Франсес Конрој, Питер Керол и Адам Бич биле потврдени дека ќе глумат во филмот.[15] Кемпион го имала во умот Бенедикт Камбербач за улогата на Фил Бурбанк.[7] Тој најпрво го привлекол вниманието на Кемпион во телевизиската серија Крај на парадата.[10] За да се подготви за улогата, Камбербач направил истражување на експедицијата на Луис и Кларк и извесно време работел на ранч со добиток близу националниот парк Глејшер во Монтана.[6] Тој присуствувал на тринеделна обука за јавање коњи, фрлање јаже, кастрирање бикови и свирење бенџо.[10][16] СнимањеСнимањето на филмот започнало во Нов Зеланд во јануари 2020 година во Маниотото во Отаго, а исто така се одвивало во крајбрежниот град Данедин и во градот Оамару.[17][18][19] Снимањето на филмот било прекинато во март 2020 година поради пандемијата на КОВИД-19.[6] Откако бил направен исклучок за глумците и екипата, снимањето продолжило во јуни 2020 година.[20] Сите сцени на затворено во филмот биле снимени на филмски сет во Оукленд за време на последните недели од снимањето. Снимањето на филмот било завршено во јули 2020 година.[6] ИздавањеМоќта на кучето својата светска премиера ја имал на 78. издание на венецијанскиот филмски фестивал на 2 септември 2021 година, и исто така бил специјално прикажан на филмските фестивали во Торонто и Телјурајд истиот месец.[21][22] До крајот на неговото прикажување, филмот бил прикажан на филмските фестивали во Шарлотсвил,[23] Лондон,[24] Мидлбург,[25] Мил Вали,[26] Монтклер,[27] Њујорк,[28] Сан Диего,[29] Сан Себастијан,[30] Савана,[31] и Цирих.[32] Филмот бил прикажан на 78. издание на меѓународниот филмски фестивал на Индија во ноември.[33] Филмот имал ограничено прикажување во кината во Австралија и Нов Зеланд, почнувајќи на 11 ноември, со кино дистрибуција во двете земји управувана од Transmission Films.[34] Филмот започнал со ограничено прикажување низ кината во САД и Обединетото Кралство на 17 ноември 2021 година.[35][36] Моќта на кучето бил издаден во светски рамки на Нетфликс на 1 декември 2021 година[36] Документарниот филм Зад сцените со Џејн Кемпион бил исто така издаден на Нетфликс во светски рамки на 27 јануари 2022 година.[37] Наводи
Надворешни врски |
Portal di Ensiklopedia Dunia