Ослободителна војна на Бангладеш
Ослободителна војна на Бангладеш (бенгалски: মুক্তিযুদ্ধ, познатa и како Војна за независност на Бангладеш) — вооружен конфликт помеѓу вооружените сили и другите безбедносни сили на Пакистан од една страна и вооружените сили на бенгалските сепаратисти и вооружените сили на Индија од друга страна. Војната завршила со независност на Источен Пакистан - денешен Бангладеш. Конфликтот бил предизвикан од подемот на бенгалското националистичко чувство и движењето за самоопределување во Источен Пакистан. Војната започнала кога пакистанската воена хунта со седиште во Западен Пакистан - ноќта на 25 март 1971 година по наредба на Јахја Кан - против народот во Источен Пакистан ја започнала операцијата Рефлектор, и го иницирала геноцидот во Бангладеш. Цел на операцијата било масовно уништување на бенгалски националисти, студенти, интелектуалци, верски малцинства и вооружени лица. Како одговор на насилството, членовите на Мукти Бахини - герилско движење на отпорот чии членови биле бенгалски војници, паравојска и цивили - започнале масовна герилска војна против пакистанската војска, и во првите месеци од конфликтот ослободиле многу градови и паланки. На почетокот, за време на монсуните пакистанската војска го вратила ударот, но бенгалските герилци извршиле контранапад преку вршење саботажа, како и преку операцијата Џекпот против пакистанската морнарица, кога новоформираните воздушни сили на Бангладеш ги бомбардирале пакистанските воени бази.[13] На 3 декември 1971 година, во војната се приклучила Индија, по што Пакистан започнал превентивни воздушни напади врз северна Индија. Индиско-пакистанска војна која следела потоа се одвивала на два фронта; по воздушната надмоќ постигната на источното боиште и брзиот напредок на сојузничките сили на Мукти Бахини и индиската војска, Пакистан се предал во Дака на 16 декември 1971 година. Предавањето на Пакистан е најбројно предавање на вооружени сили по Втората светска војна.[14] Во руралните и урбаните области во Источен Пакистан имало обемни воени операции и бројни воздушни напади за да се потисне бранот на граѓанска непослушност откако Владата на Пакистан ги поништил резултатите од изборите во 1970 година и го уапсила шеикот Муџибур Рахман, мандатар за составување влада. Пакистанската армија, со поддршка од исламистите, создала радикални верски милиции - Разакари, Ал-Бадр и Ал-Шамс - за да ѝ помогнат за време на нападите врз месното население.[15][16][17][18][19] Припадниците на пакистанската војска и милициите кои ги придружувале биле вклучени во масовни убиства, депортација и силување, и спроведувале систематска кампања за уништување на националистичките бенгалски цивили, студенти, интелигенција, верски малцинства и вооружен персонал. Во главниот град, Дака имало бројни масакри, меѓу кои е и масакрот на Универзитетот во Дака. Меѓу Бенгалците и Бихарите кои зборуваат урду избувнало секташко насилство. Се проценува дека 10 милиони бенгалски бегалци избегале во соседна Индија, а 30 милиони биле внатрешно раселени.[20] Со појавата на Бангладеш како седма земја во светот по бројот на население, оваа војна ја променила геополитичката карта на Јужна Азија. Поради сложените регионални сојузи, војната била главна епизода во тензиите во Студената војна во кои биле вклучени САД, Советскиот Сојуз и Народна Република Кина. Мнозинството земји-членки во Обединетите нации го признале Бангладеш како суверена нација во 1972 година. Причини![]() Во август 1947 година, Британска Индија била поделена на две држави, Пакистан и Индија,[21] кои по заминувањето на Британците требало да бидат држави за муслиманите и хиндусите соодветно. Пакистан се состоел од два географски и културно одвоени региони на исток и запад, а Индија била меѓу нив.[22] Главниот град на земјата, Карачи, се наоѓал во западниот дел на земјата, од каде што потекнувале повеќето претставници на пакистанската политичка елита. Западен Пакистан отсекогаш доминирал во Источен Пакистан, економски и политички, иако имал помалубројно население[23] (според пописот од 1972 година, во Пакистан живееле 64,9 милиони луѓе; според пописот од 1974 година, во Бангладеш живееле 71,3 милиони луѓе). Многу помалку пари се вложувале за развој на источните територии. Почеток на војнатаНа 25 март 1971 година, откако на изборите победила источнопакистанската политичка партија (Авами лигата) владејачкиот (западнопакистански) естаблишмент ги поништила изборите. Ова предизвикало зголемено политичко незадоволство и културен национализам во Источен Пакистан на кои владејачката елита на власта во Западен Пакистан одговорил со брутална [24] и супресивна сила (Операција Рефлектор).[25] Насилното задушување на немирите од страна на пакистанската армија[26] на 26 март 1971 година го поттикнало водачот на Авами Лигата, Шеикот Муџибур Рахман да прогласи независност на Источен Пакистан како држава Бангладеш.[27] Повеќето Бенгалци го поддржале овој потег иако исламистите и Бихарите се спротивставиле и застанале на страната на пакистанската армија.[25] Пакистанскиот претседател Ага Мухамед Јахја Кан ѝ наредил на пакистанската војска да го врати авторитетот на пакистанската влада врз Бангладеш, по што започнала граѓанската војна.[27] Војната предизвикала бегалски бран (во тоа време се проценувале на околу 10 милиони) [28][29] во источните покраини на Индија.[30] Соочени со хуманитарна и економска криза, Индија започнала активно да ја помага и да ја организира армијата на отпорот на Бангладеш, позната како Мукти Бахини. Злосторства на пакистанската армијаГлавната фаза од операцијата „Рефлектор“ завршила со падот на последниот голем град кој бил во Бенгалски раце кон средината на мај. Западната пакистанска армија започнала брутална акција против населението во Бангладеш; според тековните проценки, до крајот на 1971 година биле убиени од 200 илјади до 3 милиони жители на земјата.[31] Војниците силувале најмалку 200.000 Бенгалски жени. Екстремно десничарските исламистички групи, дејствувајќи заедно со западнопакистанската армија, извршила масовна чистка на левичарската интелигенција која се залагала за независност на Бангладеш. Злосторствата се наведени како акти на геноцид .[32] За време на напад на Универзитетот во Дака, десетици наставници биле убиени, а стотици студенти исчезнале, а два дена пред ослободувањето на Бангладеш, на 14 декември 1971 година, 200 истакнати бенгалски интелектуалци биле киднапирани од нивните домови и погубени. Авами лигата била забранета, а Муџибур Рахман бил уапсен. Интервенција на Индија![]() Индиската премиерка Индира Ганди заклучила дека наместо да прими милиони бегалци, на Индија ќе ѝ биде економски поисплатливо да војува против Пакистан. Уште на 28 април 1971 година, индискиот кабинет побарал од генералот Манекшо (претседател на Комитетот на началниците на Генералштабот) да „оди во Источен Пакистан“.[33] Непријателските односи од минатото меѓу Индија и Пакистан придонеле во одлуката на Индија да интервенира во граѓанската војна во Пакистан.[34] На 3 декември 1971 година, Пакистанските воздухопловни сили започнале превентивен напад врз базите на индиските воздухопловни сили. Индија го сметала нападот како отворен чин на неиспровоцирана агресија, и го означил официјалниот почеток на Индиско-пакистанската војна. Како одговор на нападот, и Индија и Пакистан официјално признале „постоење на воена состојба меѓу двете земји“, но ниту една влада формално не објавила војна.[35] Три индиски корпуси биле вклучени во ослободувањето на Источен Пакистан. Тие биле поддржани од речиси три бригади на Мукти Бахини кои се бореле заедно со нив, и многу други кои се бореле нередовно. Тие биле далеку посупериорни од пакистанската армија од три дивизии.[36] Индијците брзо ја прегазиле земјата, селективно напаѓајќи или заобиколувајќи ги силно бранетите упоришта. Пакистанските сили не можеле ефикасно да се спротивстават на индискиот напад, затоа што биле распоредени во мали единици околу границата за да се спротивстават на герилските напади од страна на Мукти Бахини.[37] Не можејќи да ја одбранат Дака, Пакистанците се предале на 16 декември 1971 година. Предавање и последици![]() ![]() На 16 декември 1971 година, сојузничките сили на индиската армија и Мукти Бахини извојувале конечна победа над армијата на Западен Пакистан. Не гледајќи смисла за понатамошен отпор, командантот на пакистанските трупи во Бангладеш, генерал Амир Нијази, го потпишал чинот на предавање на неговите трупи. Се предале 93 илјади пакистански војници, што во тоа време било најголемо предавање по Втората светска војна.[38] Народна Република Бангладеш станала независна држава со социјалистичка ориентација, одржувајќи блиски врски со Индија и СССР. Бангладеш побарал прием во ОН и многу членки гласале во негова корист. Кина ставила вето на ова бидејќи Пакистан бил нејзин клучен сојузник.[39] Хималајското кралство Бутан станала првата држава во светот што официјално ја признала независноста на Бангладеш на 6 декември 1971 година. Соединетите Американски Држави, исто така клучен сојузник на Пакистан, биле една од последните држави кои го признале Бангладеш.[40] За да се обезбеди непречена транзиција, во 1972 година меѓу Индија и Пакистан бил потпишан Договорот од Симла. Договорот предвидувал Пакистан да ја признае независноста на Бангладеш во замена за ослободување на пакистанските воени затвореници.[41] Наводи
Дополнителна литература
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia