Фитоценологија![]() Фитоценологија или геоботаника — оддел на биологијата кој се наоѓа на границата помеѓу ботаниката и екологијата. Таа е наука за растителноста (растителноста) на Земјата, за севкупноста на растителните заедници (фитоценози), нивниот состав, структура, динамика во просторот и времето на секоја територија и акваторија на Земјата. ТерминологијаВо руската научна литература, геоботаниката се смета за синоним на фитоценологијата. И двата термина се употребуваат паралелно и се нашироко распространети. Терминот "геоботаника" го нагласува значењето на животната средина (почва, клима и сл.) врз организацијата на фитоценозите, додека терминот "фитоценологија" произлегол од предметот на проучувањето на оваа наука — фитоценозата. Во европската традиција почесто се користи терминот "фитосоциологија", кој ги нагласува заемодејствата помеѓу растенијата како основа на организацијата на фитоценозата. Обично фитосоциологијата се дели на фитоценологија, фитогеографија (географија на растенијата) и историска геоботаника. Терминот "геоботаника" бил предложен во 1866 едновремено од страна на рускиот ботаничар и педолог Франц Иванович Рупрехт (1814—1870) и австрискиот ботаничар Август Рудолф Гризебах (1814—1879). Терминот "фитоценологија" е воведен во 1918 од страна на Австриецот Х. Гамс. Предмет на проучувањеНајопшто, предмет на проучување на фитоценологијата е растителниот покривач, кој ја претставува севкупноста на растенијата што ги образуваат растителните заедници во пределите од даден дел на Земјината топка. Растителниот покривач е расчленет на одделни просторни единици — фитоценози. Фитоценозата е растителна заедница, во рамките на која растителниот покривач има сличности во флористичкиот состав, структурата, заемодејствата помеѓу растенијата-сожители. Севкупноста на фитоценозите од одделните региони на Земјата се нарекува растителност (на пример, растителност на Европа, растителност на Општина Битола итн.). Како основна систематска единица во фитоценологијата се јавува растителната асоцијација. Според П. Ф. Лејсле (1966) "асоцијација претставува најмалата и највлијателната физиономска единица од растителниот покривач; таа се состои од делови на растителноста кои имаат иста физиономичност, структура, видов состав и се разместени во слични услови на стаништето". Според оваа дефиниција, асоцијацијата е слична со растителната заедница. Асоцијациите на фитоценози се одликуваат со неколку одлики — видов и флористички состав, катовност, бројност на видови, проективно покривање, броен сооднос на видовите. Асоцијациите се обединуваат во групи на асоцијации, тие во формации, класи од формации и типови на растителност. Другите синтаксономски единици се претставени на долните табели.
Концепции за организацијата на растителниот покривачРазвитокот на фитоценологијата во текот на XX век го карактеризираат две спротивставени концепции за природата на растителниот покривач. Тоа предизвикало различен пристап во проучувањето на растителноста. Првата — концепција на дискретноста на растителниот покривач — ги разгледува заедниците како реални, објективно постоечки и историски зависни единици, одделени една од друга со повеќе или помалку остри граници. Оваа концепција добила широка поддршка во почетните етапи од развитокот на фитоценологијата (1910, 1950) и е поврзана со имињата на видните геоботаничари од тие времиња — Фредерик Клементс (САД) и Владимир Николаевич Сукачев (Русија). Тие заедницата ја гледаат како некој аналог на организмот со исклучително сложена детерминирана структура и динамика. Втората — концепција на континуумот — ја разгледува фитоценозата како условна и вештачки одделена единица од растителниот континуум. Се заснова на индивидуалистичката хипотеза, формирана од рускиот научник Леонтиј Григоревич Раменски во 1910 година. Суштината на оваа хипотеза е дека секој вид е специфичен по своето однесување кон животната средина и поседува еколошка амплитуда која не се совпаѓа во целост со амплитудите на другите видови (односно секој вид е распореден "индивидуалистички"). Денес се смета дека растителниот покривал е единство на дискретност и континуитет. Во суббореалните и бореални шуми, степенот на дискретност се зголемува; на ливадите, во степите и тропските шуми тој се намалува и тука расте степенот на континуитет. Гранки на фитоценологијата
Литература (руски)Историја на фитоценологијата
Учебници и учебни помагала
Методика на фитоценолошките истражувања
Теоретска фитоценологија
Речници
|
Portal di Ensiklopedia Dunia