Црква „Св. Петка“ - Сиричино
Света Петка е главната селска црква во тетовското село Сиричино. Главниот патрон се слави на Духовден.[2] Таа е главна парохиска црква на Сиричинско-раотинската парохија. ИсторијаЦрквата датира од XVI век или поточно од 1567 година. И покрај тешките услови под османлиско ропство во 1641 година црквата е обновена и од тогаш го носи името Света Петка. Таа е повторно реновирана во 1884 година и реновирањето траело до 1893 година. По Втората светска војна односно во 1958 година црквата е повторно реновирана и врз основа на законот на заштита на споменици на Културата и природните реткости[3] е ставена под заштита. Во 1963 година извршено е проширување на црквата од левата и десната страна а подоцна и на предниот дел, односно на влезот. Во 1978 година е извршена поравка на кровната конструкција, а во 1989 година била комплетно заменета со нова. Во 1990 година извршена е реконструкција на влезниот дел со изградба на нова канбанарија, истата година извршена е реконструкција на плафонскиот дел од доградбата. Во 1994 година извршена е доградба на скалите за приод до црквата. Во 2000 година поплочен е патот со бекатон од влезот па сè до излезот од црквата, истата година околу црквата е поставена нова ограда. Во 2003 година поплочен е со мермер олтарниот дел а во 2004 година поставени се врати на самиот приод на црквата , истата 2004 година поставен е и нов крст на камбанаријата со пропорции 180см x 150см на којшто е инсталирано неонско осветление, така да во ноќниот период светлината на крстот доминира во полупречник од неколку километри и комлетно е заменета и дополнета електричната инсталација. Архитектонски описЦрквата е еднокорабна со полукружен свод. Димензиите на црквата се 1196 x 500 см. Масивните ѕидови се со дебелина од 70 до 80 сантиметри. Иконостасот е со димензии 345 x 305 x 10 сантиметри и истиот поседува царски двери во резбата. Олтарот има полукружна апсида и две централни ниши. Таа денес има издолжена форма на еднокорабна засводна црква. На првобитната источна половина од црквата подоцна бил додаден западниот дел поради што денешниот изглед на издолжена форма го добила во XIX век или поточно во 1884 година. Градбата на постариот дел датира од XVII што се дознава благодарејќи на извесени остатоци на фрески во олтарната апсида. ЖивописЖивописот во црквата е од два периода.Првиот е од XVII, а вториот од XIX век. Живописот од XVII век се наоѓа во олтарот. Во ѓаконикот на олтарот е претставен архиѓаконот Стефан со модел на црква. На фреската доминираат зелени и кафеави тонови додека позадината е изработена од сина боја. На фреската има натпис кој гласи:свештеник Аврам, попадија(нечитко), свештеник Моме, ктитор Павле, (нечитко), Стано, Сретен, Стојан, Цветан, Петко, Станоја и Јован.Од овој натпис се дознава дека ктитор на црквата бил Павле, засега непозната личност веројатно поимотен селанин од Сиричино. Во втората зона лево од апсидата насликан е свети Архангел Михаил, а десно Пресвета Богородица во сцената Свето Благовестение. Во средината на апсидата насликана е Богородица Шишршаја која за жал е целосно ретуширана во XIX век. На северниот ѕид од олтарот претставени се пророци во медаљони. Во втората зона на северниот ѕид од олтарот претставени се старозаветните пророци во медаљони,во истата зона на северниот ѕид насликани се две фигури на светители и тоа свети Архиѓакон Стефан и свети Архиѓакон Роман. Наос живописот од XIX век е следен: На јужниот ѕид од наосот насликан е циклус од животот на Господ Исус Христос, Свето Благовестение, Рождество Христово, Крштевањето Христово и Цветници, а на западниот ѕид циклусот продолжува со сцените: Молитва на маслиновата гора, Предавството на Јуда, Господ Христос пред Пилат, Распнувањето, Воскресението и Вознесението. Во втората зона на јужниот ѕид се претставени: Свети Стефан, Цар Урош, Цар Лазар, Свети Мина и други светители. На северниот ѕид од втората зона се насликани: Свети пророк Илија, Свети Харалампиј, Свети Макариј, Свети Кирил и Методиј и Света Петка. Посебно внимание привлекува истакнатата претстава на сесловенските просветители и учители Свети Кирил и Методиј меѓу кои стои свиок со испишана црковно-словенска азбука и подолг текст со историска содржина:
Живописот од XIX век е со послаб квалитет поради тоа што зографот слабо ја познавал анатомијата на човековото тело, ликовите се доста грубо моделирани но сепак постои хронолошки распоред во раскажувањето со што се надополнува недостатокот на сликарската техника. Над портите има краток натпис којшто е доста оштетен но може да се прочита дека во градбата на црквата учествувале сите селани од селото како ктитори. Црквата поседува икони од XIX век и сите се нумерирани и евидентирани. На иконостасот во Чинот има 25 икони додека во втората зона се насликани престолните икони:Свети Архангел Михаил, Пресвета Богородица со Младенецот Исус Христос, Господ Исус Христос и Свети Јован Крстител. На царските двери вообичаено насликано е Светото Благовестение, додека лево и десно од царските двери насликани се сцени од стариот завет „Создавањето на Адам", „Создавањето на Ева", „Првородениот грев" и „Истерувањето од Рајот". Во јули 2004 година била извршена комплетна реставрација на живописот од дватат периода. Конзерватор бил Никола Кекеновски, инаку виш конзерватор, по вокација уметник и вработен во Музејот на Град Скопје. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia