Џузепе Пјаци
Џузепе Пјаци (италијански: Giuseppe Piazzi; 16 јули 1746 – 22 јули 1826) — италијански свештеник, математичар и астроном. Ја основал опсерваторијата во Палермо.[1] Најпознат е по откривањето на џуџестата планета Церера. ЖивотРоден е во Понте ин Валтелина, Ломбардија. Познато е дека Пјаци учел во Торино, веројатно на предавањата на Џовани Батиста Бекарија. Од 1768 до 1770 г. живеел во Домот на Театинците при црквата „Св. Андреја дела Вале“ во Рим додека учел математика кај Франсоа Жакје. Во јули 1770 г. станал професор по математика на Малтешкиот универзитет. Во декември 1773 г. се преселил во Равена како префект на студентите и предавач по филозофија и математика на Школата на благородниците, каде се задржал до почетокот на 1779 г. По краток период во Кремона и Рим, во март 1781 г. Пјаци се преселил во Палермо и работел како предавач по математика на тамошниот универзитет. На тоа место се задржал до 19 јануари 1787 г. кога станал професор по астрономија. Во истиот период му било понудено да престојува во Париз и Лондон на практична обука по астрономија и да уреди изработка на инструменти за опсерваторијата во Палермо која се основала под негово раководство. Од 13 март 1787 до крајот на 1789 г. Пјаци се зближил со најзначајните француски и англиски астрономи. За него била изработена висинско-азимутска кружница од Џеси Рамсден, еден од највештите изработувачи на научни инструменти на XVIII век. Кружницата била најважниот инструмент на опсерваторијата во Палермо која биле свечено отворена на 1 јули 1790 г. Во 1817 г. кралот Фердинанд го задолжил да ја доврши опсерваторијата „Каподимонте“ во Неапол, назначувјќи го за генерален директор на Неаполската и Сицилиската опсерваторија. Астрономска кариераКаталогизација на ѕвездиПјаци бил задолжен да го надгледува составувањето на Палермскиот каталог на ѕвезди кој имал 7.646 ставки со досега невидена прецизност,[2] вклучувајќи имиња на ѕвезди како „Гранатна Ѕвезда“ од Хершел, како и старооткриените ѕвезди Ротанев (β Делфин) и Суалокин (α Делфин). Работел на методично набљудување на небото. Првото издание на каталогот излегло во 1803 а второто во 1814 г.[3] Ободрен од успехот во откривањео на Церера и каталошката програма, Пјаци ги изучувал сопствените движења на ѕвездите за да најде соодветни кандидати за мерење на паралаксата. Како особено добра се покажала 61 Лебед, и нејзината паралакса подоцна е изменера од Фридрих Вилхелм Бесел.[4] Ѕвездениот систем 61 Лебед понекогаш ги носи имињата Пјациева Летечка Ѕвезда и Беселова Ѕвезда. Церера![]() Пјаци ја открил Церера на 1 јануари 1801 г. како „ѕвездено тело“ чие движење било сопоставено со заднинските ѕвезди. Најпрвин имслел дека ова е неподвижна ѕвезда, но штом забележал дека се движи се уверил дека станува збор за планета, или како што тој ја нарекол, „нова ѕвезда“. Не сакајќи да избрза пред научната јавност, Пјаци козервативно ја прогласил за комета. Немал прилика да ја набљудува доволно долго таа бидејќи набргу се изгубила во сјајот на Сонцето. Неможејќи да ја пресмета орбитата на Церера со постоечките методи, математичарот Карл Фридрих Гаус разработил нов метод за пресметка на орбити, кој им овозможил на астрономите повторно да ја најдат. Откако била утврдена орбитата, станало јасно дека Пјаци добро претпоставил и дека телото не е комета, туку нешто послично на мала планета. Коинцитентно на тоа, точното место било предвиено од независно предложениот Тициус-Бодеов закон. Пјаци го нарекол телото „Фердинандова Церера“ (Ceres Ferdinandea), по римската и сицилиска божицата на житото и Фердинанд IV, крал на Двете Сицилии (Неапол и Сицилија). Подоцна делот „Фердинандова“ бил изоставен од политички причини. Се испоставило дека Церера е првиот и најголем астероиди во астероидниот појас. Таа денес се смета за џуџеста планета. Посмртни почестиСинот на британскиот офицер и астроном Вилијам Хенри Смит бил наречен Чарлс Пјаци Смит во чест на Џузепе Пјаци. Во 1871 г. Константино Корти изработил статуа на Пјаци и ја поставил на плоштадот во неговото родното место Понте. Во 1923 г. илјадитиот астероид по ред е наречен 1000 Пјација во негова чест.[5] По него во 1935 г. е наречен месечевиот кратер Пјаци. Во поново време албедната образба (веројатно кратер) на Церера, снимена од вселенскиот телескоп „Хабл“, го носи неформалното име Пјаци. Дела![]()
Наводи
Извори
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia