Ајдар-кади џамија — отоманскаџамија во Битола. Таа е типична битолска џамија, со квадратна основа, голема единична купола и порта. Куполата, висока 20 метри, лежи на цилиндар кого од своја страна го држат дванаесеттоаголни столбови. Надворешноста е многу едноставна, единствениот украс се тулите кои ги опшиваат отворите. Оваа џамија е единствена во Македонија со две минариња.[1].
Местоположба
Се наоѓа во стариот „Овчи Пазар“, блиску до стариот амам „Дебој“ и до стариот пазар.
Историја
Била изградена во 1561-1563 година од кадијата Ајдар од Битола. Џамијата е градена од градители од школата на најголемиот османлиски градител Мимар Синан и е позната како џамија „Принцеза на Балканот“.[2] Впечатливата џамија била изградена од Ајдар-ефенди при неговото назначување за кадија во Битола. За издршка на храмот Ајдар-ефенди основал вакаф со продавници, анови, и куќи меѓу Чира Пазар и затворот Ченгел каракол. Во 1607 година се додадени и нови вакафи од везирот Ахмед-паша со годишен фонд од 60 000 акчиња и 9 000 акчиња приход. Кога во 1661 година Евлија Челебија ја посетил Битола кажал: „Ајдар-кади џамија е уметнички прекрасна градба за религиозна намена“[3] Кон комплексот на џамијата е додадена медреса, која е пет пати обновувана. За време на Првата балканска војна во 1912 година, џамијата била напуштена. За време на Првата светска војна минарето било погодено од артилериска граната и било срушено. По 1945 година џамијата била прогласена за споменик на културата. Меѓу 1960 и 1961 година била направена реставрација од архитектотКрум Томовски.[4][5] Долги години потоа храмот бил запоставен. Внатрешноста била доста оштетена, единствено михработ бил зачуван. Другите елементи биле изгубени пред реставрацијата извршена во 1960-1961 година. Муралите биле ретки и во многу лоша состојба.[1].
Реставрацијата, конзервацијата и реконструкцијата на Ајдар-кади џамијата започнала на 12 мај 2014 година (заедно со Исак џамијата) со поддршка на Турција.[6]. На 4 ноември 2016 година Ајдар-кади џамија е свечено отворена[7]
Архитектура
Натпис
Над главниот портал има добро зачувана мермерна плоча со размери 108 x 65 cm со натпис во три реда.[4]
Од најправедниот од кадиите, нашиот господар Ајдар-кади. Нека Семоќниот Бог го благослови и му даде прекрасен престој во Рајот, Рај со пролетен шадрван. Тој ја изгради оваа џамија и пријатно место за богослужба само од името на Семоќниот Господар и сакајќи да биде задоволен од неа (од џамијата). Тој беше дарежлив добродетел. Година 969.[4]
Молитвен простор
Храмот има голем квадратен молитвен простор 10,95 m на 10,98 m, покриен со 20-метарска купола која лежи на дванесетаголен цилиндар. Пропорцијата од 1:2 ја акцентира височината на куполата. Ѕидовите дебели меѓу 1,38 и 1,48 м се состојат од два реда тули и еден ред делкан камен, кои наизменично се менуваат што е многу слично со ѕидарската техника на Синановата школа. Како сврзен материјал користен е малтер. Сличности можат да се најдат со Синан-пашината џамија во Бешикташ и Кара Ахмед-паша килије во Топкапи во Истанбул од 1550 до 1560 година.[4]
Внатрешноста на Ајдар-кади џамијата е богато осветлена од 12 цилиндрични и странични прозорци - по осум на секој ѕид, освен на ѕидот кон портикот, каде има само четири. Иако внатрешноста е многу оштетена, зачуван е оригиналниот михраб украсен со пет реда сталактити, додека махвилот и минбарот скоро ги нема.[4]
Од сликаната декорација пред реставрацијата 2014-2016, во горните зони има само траги, а во долните зони таа е оштетена или целосно уништена. Околу прозорците, лаковите и тромпите има стилизирана сликана геометриска орнаментика. Како стил, тие припаѓаат на XIX век и се слични со декорацијата што се користи во Анадолија. Михработ и тромпите се извајани, а на портикот, главните капители и минбарот има декорација со низок релјеф.[8]
↑Pavlov, Zoran, Radmila Petkova (2008). Ottoman Monuments(PDF). Skopje: Macedonian Cultural Heritage, Ministry of Culture of the Republic of Macedonia. стр. 18. ISBN978-608-4549-03-01 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help). Архивирано од изворникот(PDF) на 2016-03-04.
↑Pavlov, Zoran, Radmila Petkova (2008). Ottoman Monuments(PDF). Skopje: Macedonian Cultural Heritage, Ministry of Culture of the Republic of Macedonia. стр. 20. ISBN978-608-4549-03-01 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help). Архивирано од изворникот(PDF) на 2016-03-04.