Хамза-бегова џамија (Hamza Bey Camii), позната и како Џамија на три шеици – муслимански храм во Битола.[1]
Местоположба
Џамијата се наоѓа во западниот дел на градот, на улица „Пецо Божиновски“, меѓу Курдерес (кој повеќе не постои) и Зандан куле, во маалото Хамза-бег.[1]
Историја
Џамијата може да е од 16 век или пред 1634 година. Единствените писмени сведоци се датумот 1798, напишан на барабанот на куполата и мермерната плоча со натпис, според која џамијата е реновирана во 1273 година по хиџра (1857/1858 по Христа).[1] Можно е храмот да има врска со Хамза-беговата џамија во Солун, изградена во 1468 година од неговата ќерка Хафса и обновена во 1619 година.[1] Џамијата станува центар на дервишкиот ред суфиски Халвети во Битола. Вакафот на џамијата за првпат е споменат во 1633 година, а зградата во 1634 година како вакаф на Хамза-бег во судски документи во Битола. На јужната страна на куполата со црвено била напишана 1798 година, веројатно датумот на обновување. Во 1857/1858 година било завршено уште едно реновирање, бил додаден едноставен портик. Дарители на џамијата биле Дефтердар Али во 1853 година и Емир-паша во 1864 година и поради тоа во 19 век храмот бил познат и под тие имиња. Комплексот се состои од џамија, сибјан мектеб, медреса позната како „Тефикије“ , потоа едно халветиско теќе и турбе со гробови на другата страна на улицата.[2]
Имињата на трите шеика, според кои била крстена џамијата, се Ибрахим, Абдул Керим и Ахмед и тие биле припадници на дервишкиот ред Халвети од крајот на 18 век чиј центар бил во Охрид. Тие биле ученици на шеикот Мехмед Хајати, основач на Зејнел Абедеин-паша текето во Охрид. Централното теке имало ограноци во Костур, Лерин и Албанија.[2]
Архитектура
Џамијата од назадВлезната врата во дворот со мермерната плоча со натпис од 1857/1858 година
Молитвеното пространство е покриено со купола во форма на осумаголен барабан. По ѕидовите видливи се остатоци од шарени орнаменти и розети со штуко декорација. Ѕидаријата е од слоеви од по три до пет реда тули и делкан камен. Горниот дел завршува со назабен корниз од тули. Во долниот дел на ѕидовите има осум прозорци со крунисани со сталактитни ниши. Над нив има четири сводести прозорци.[3]
Минарето е многуаголно, изѕидано од камен и тули и е високо 23,40 m и е добро зачувано. Шерефето му е украсено со сталактити, а балконот има мермерен парапет.[3]
Додадениот трем има димензии 5 m x 10,25 m, со кос покрив. На вратата кон дворот има мермерна плоча 35 cm x 35 cm, која известува за обновувањето на градбата во 1273 година по хиџра (1857/1858).[3]