Ислахане (Битола)

Ислахане
Општи податоци
Видзанаетчиско училиште
ГрадБитола
ЗемјаОтоманско Царство
Почната1894

Ислаханезанаетчиско воено училиште во Битола за време на Османлиското Царство. Зградата била подигната од Абдул Керим-паша, се градела во периодот од 1894 до 1899 година. Задачата ѝ била да оспособува кадри за дрводелци, кондураџии, шивачи и за други, слични струки, наменети за потребите на војската. Училиштето работело до доаѓањето на српската власт во 1912 година. По затворањето објектот бил предвиден да биде царинарница.[1]

По Втората светска војна, објектот долг период служел како погон на Фабриката за кондиторски производи „Прогрес“.[2]

Градбата е запишана во Регистарот на недвижно културно наследство на Македонија под Уп. бр. 18-1009/2021 од 29.12.2022 како значајно културно наследство.[3]

Местоположба

Училиштето се наоѓало на влезот во Битола, од страната на Лерин, на левата страна од најистурениот дел од Јужниот воен комплекс. Плацот, веднаш под Тумбе Кафе, претходно им припаѓал на неколкумина Албанци од кои бил откупен.[1]

Опис на градбата

Проектот за градбата го изработил беледискиот (општинскиот) инженер Хараламбо, во соработка на Тодор Михајловиќ, негов стручен помошник. Претприемач, според личната изјава на Хараламбо, станал Михајло Поповиќ. Објектот се состоел од приземје и кат, со впечатлив влез од страната на патот, изведен со неколку столбови и балкон, а имал и простран, ограден двор.[1] Фасадата на објектот била симетрична со правилен ритам на прозорци со интересна обработка околу нив која делува потенцирачки. Влезниот портал бил поставен средишно.[4]

Наставна програма

Занаетчиското школо работело според прифатена програма, во која имало и теориски, но најмногу практични предмети, а како стручни учители биле ангажирани врвни мајстори од Битолската чаршија, во кои, не мал број биле и христијани. Еден бил и Петар Црномаровиќ, кој учениците ги подучувал во дрводелскиот занает, друг Коста Николиќ, исто така, дрводелски мајстор.[1]

Ученици

Училиштето почнало со работа во 1900 година и било финансирано од државни средства, а биле примани само машки деца. Во него се школувале деца кои биле јетими (сираци) или од сиромашни семејства, така што истовремено функционирало и како сиропиталиште и како училиште.

Состојба на градбата

Ислахането старо над 120 години денес е во руинирана состојба. Стара и неодржувана фасада, столбови и тераса во распаѓање, искршени прозорци, ништо не е обновено со децении. Иако е една од повпечатливите градби во Битола од отоманскиот период.[2]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Стерјовски, Александар (2020). Битола – Градби (PDF). Битола: Конзулат на Република Србија во Република Македонија. стр. 57-58. ISBN 978-608-65122-8-6.
  2. 2,0 2,1 Здравкова, Жанета (4 април 2021). „СЕ ПРОДАВА ТУРСКОТО ИСЛАХАНЕ ВО БИТОЛА СТАРО 120 ГОДИНИ, ГО НЕМА НА ЛИСТИТЕ НА ЗАШТИТЕНИ ОБЈЕКТИ“. СДК. Посетено на 11 април 2025.
  3. „Регистрирани недвижни добра по надлежност на националните установи“ (PDF). Управа за заштита на културното наследство на Македонија. февруари 2023. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-04-07. Посетено на 12 април 2025.
  4. Штериова, Мартина. „Ислахане, Битола / XVIII и XIX век“. МАРХ. Посетено на 11 април 2025.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya