Бенчевско четвороевангелие

Бенчевско четворотевангелие
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“
Страница од ракописот
Година на изработкапочеток на XVI век
Материјалхартија
Големина360 листа
Писмокирилица

Бенчевско четириевангелиесредновековен илуминиран ракопис, копија на четвороевангелијата од почетокот на XVI век. Откриено е во 1988 година од археографот Михајло Георгиевски во поречкото село Бенче, Македонија, заедно со уште четири зачувани стари ракописни книги, датирани помеѓу XIV и XVI век. Денес се чуваат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, под инвентарните сигнатури Мс 17, 167, 168, 169 и 171.[1]

Опис

Големината на ракописот е 21,5 x 15 см и содржи 360 листа. Размерот на текстовното поле е 15 х 8,5 см. Тетратките се по осум листа, нумерирани со кирилски броеви во почетокот и на крајот од секоја свеска. Хартијата е дебела. Во 18 век оштетените листови се извадени и заштитени, направена е еден вид на примитивна конзервација. Водени знаци во ракописот се „кардиналска шапка“ од типот Бриќе бр. 3457 со контрамарка „V“ од 1504 година и „камбана“ од типот Бриќе бр. 3405 од 1518 година. Сочуван е изворниот повез. Две даски обложени со орнаментирана кожа. Се среќаваат правоаглести рамки со крукчиња на аглите. Во средината има орнаментиран крст со постамент. Има остатоци од копчиња за закачување.[2]

Писмото е убаво полууставно писмо, со 18 реда на полна страница, во една колона. Правописот е двоеров со ресавски принципи. Големиот ер обично се употребува во предлозите и претставките, а малиот ер на крајот. Употребена е фонемата ѕ. Од интерпукциските знаци употребена е точката и запирката. Застапени се доста напредни знаци како акцентот којшто е недоследен, потоа кендемата, паерокот и разни знаци за скратување. Насловите и почетните букви се напишани со црвено мастило, а останатиот текст со црно мастило.[2]

Ракописот е богато орнаментиран, пред секое евангелие се наоѓа минијатура на евангелистот, вметнати отпосле во ракописот. Така на листот бр. 7 се наоѓа минијатура на Матеј, на листот бр. 102 на Марко, на 163 на Лука и на 264 на Јован. Минијатурите се изработени со врвна мајсторска прецизност и имаат голема уметничка вредност. После листовите на коишто се застапени минијатурите има големи знаменца во неовизантиски и балкански стил. На листот бр. 8 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи што излегуваат надвор од правоаголната рамка. Знаменцето е нацртано со бледозелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „К“. На листот бр. 103 големо правоаголно знаменце со преплет и флорални елементи, како во рамка така и надвор од неа. Употребена е бледосина, црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „З“. На листот бр. 169 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи. Употребена е црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во сличен стил и колорит е нацртана и почетната буква „П“. На листот бр. 265 има големи правоаголни знаменца со преплети и флорални елементи. Употребена е бледозелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „В“. Освен четирите минијатури на листовите. 7, 102, 163 и 264, како и големите правоаголни знаменца, се среќаваат и помали знаменца нацртани со преплет и тоа на листот бр. 2, потоа на листот 9 тесно знаменце во балкански стил со кругови и преплет. Слично се среќаваат и на листовите 98, 100, 159, 161, 261 и 262.[2]

Наводи

  1. Велев, Илија (2013). Средновековната духовна и книжевна традиција во Поречието, во: Луческа, Ели, Звонко Димоски, уредници. Сто години од раѓањето на Јозеф Обрембски. Прилеп-Poznan: Институт за старословенска култура - Прилеп, Институт за словенска филологија УАМ - Познањ. стр. 74. Посетено на 25 октомври 2024.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Бенчевско четвороевангелие“. Средновековни словенски ракописи во Македонија. Архивирано од изворникот на 2014-03-07. Посетено на 25 октомври 2024.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya