Вирџинија Вулф
Вирџинија Вулф (25 јануари 1882 - 28 март 1941) — англиска писателка, критичарка, есеистка, и интелектуалка од првата половина на XX век. За време на периодот меѓу двете светски војни, Вулф била значајна фигура во лондонското литературно друштво и централна личност во влијателната Блумсбери група на интелектуалци. Таа се смета за еден од најистакнатите модернисти на 20 век, пионер во користењето на текот на свеста како наративно средство и еден од основачите на модерниот психолошки роман. Животопис![]() Вирџинија Вулф е родена во 1882 година, во Лондон, Велика Британија. Таа била ќерка на Лесли Стивен познат англиски книжевник од XIX век. Во својот дом, Вулф имала прилика да се стекне со врвно образование, бидејќи се среќавала со најголемите писатели од тоа време, како: Харди, Стивенсон, Раскин и Мередит. Во 1912 година, таа се омажила за книжевникот и политичар Леонард Вулф и двајцата живееле интензивен интелектуален живот. Со текот на времето, нивниот дом во лондонскиот кварт Блумсбери станал важен уметнички центар во кој се собирале голем број познати уметници и интелектуалци (Форстер, Онд, Спендер, Стречери итн.). Иако тие биле само група пријатели и соговорници, нивното влијание во општеството било толку големо, што биле познати како „Блумсбериската група“.[1] Животот на Вулф завршил трагично. По завршувањето на ракописот на последниот роман, „Помеѓу чиновите“, подоцна објавен посмртно, Вулф западнала во депресија од која и порано страдала. Почетокот на Втората светска војна, уништувањето на нејзиниот дом во Лондон за време на „Лондонскиот блиц“ и ладниот прием на биографијата што таа ја напишала за нејзиниот починат пријател Роџер Фрај дотолку ѝ ја влошиле состојбата што таа веќе не можела да работи.[2] На 28 март 1941 година, Вулф ги наполнала џебовите на елекот со камења и се фрлила во реката Уз во близина на нејзиниот дом. Телото ѝ го пронашле дури на 18 април 1941 година.[3] Нејзините кремирани остатоци биле закопани под една бреза во градината на нивниот дом во Сасекс. Во последното писмо до маж ѝ, таа напишала:
ТворештвоВулф започнала професионално да се занимава со пишување во 1900 година, кога објавила статија во книжевниот додаток на „Тајмс“ за селото Хаворт, домот на сестрите Бронте.[5] Во 1915 година го објавила првиот роман, „Крајот на патувањето“. Првичниот наслов на книгата бил „Мелимброзија“, но Вулф честопати го менувала текстот. Денес е достапна една постара верзија од романот со првичниот наслов, реконструирана од страна на Луиз де Салво, стручњак за делото на Вулф, која посочува дека Вулф го менувала текстот во согласност со промените во нејзиниот живот.[6] Нејзината сериозна книжевна кариера започнала во 1912 година, откако се омажила за Леонард Вулф. Двајцата, заради забава, во 1917 година, своерачно, со помош на рачна машина, објавиле три свои раскази и веднаш постигнале огромен успех. Потоа, брачниот пар Вулф продолжил со издавачката дејност, објавувајќи дела на млади писатели на кои им помогнале да се прослават (Кетрин Менсфилд, Томас Стернс Елиот итн.). Подоцна, нивната издавачка куќа „Хогарт прес“ се развила во една од најголемите англиски издавачки куќи.[1] ![]() Вулф е автор на повеќе романи, критики и три книги со есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од 50 јазици, и тоа од страна на писатели како Хорхе Луис Борхес и Маргерит Јурсенар. Таа се појавила на книжевната сцена околу првата деценија на XX век како претставник на новата генерација писатели кои настојувале да раскрстат со традиционалниот начин на пишување во кој писателот е семоќен творец кој владее со ликовите и настаните во своите дела. Наместо тоа, во своите дела, Вулф се свртела кон истражување на човековото јас и се задлабочила во психолошките случувања и односот на човекот со она што го опкружува. На тој начин, Вулф била еден од главните експериментатори во книжевноста меѓу двете светски војни и еден од творците на таканаречениот „роман на текот на свеста“.[7] Репутацијата на Вулф спласнала по Втората светска војна, но нејзиното дело повторно добило значење со појавата на феминистичката критика во 1970-те.[8] Денес, Вирџинија Вулф се слави како еден од најголемите писатели на XX век и еден од водечките модернисти.[9] Некои критичари сметаат дека делата на Вулф се олицетворение на ограничениот свет на богатите Англичани-интелектуалци. Други сметаат дека на делата им недостига универзалност и длабочина, и дека немаат моќ да искажат ништо од емоционална или етичка важност на обичниот читател, уморен од естетичарите од 1920-те. Сепак, најсилен аспект на делата на Вулф е нивната лиричност. Нејзините романи се експериментални – нарацијата, најчесто бездејствена и обична, се прекршува, се топи, се разложува во свеста на ликовите. Лиричноста и стилската виртуозност се соединуваат и создаваат свет натрупан со аудиовизуелни импресии.[10] ![]() Осврт кон романите на ВулфМоќната поетска визија на Вулф ги увеличува обичните и понекогаш банални амбиенти (многу често за време на војна). На пример, главниот лик во „Г-ѓа Далавеј“ (1925), Клариса Даловеј, средовечна Англичанка од високата класа, се обидува да направи забава. Вулф врши паралела на нејзиниот живот со животот на Септимус Смит, воен ветеран од работничката класа, кој има длабоки психолошки лузни од Првата светска војна.[11] „Кон светилникот“ опишува два дена – вториот по десет години од првиот. Се работи за исчекувањето и сеќавањето на семејството Ремзи на посетата на светилникот и семејните тензии. Една од главните теми во романот е напорот на уметничката Лили Бриско да слика покрај сите семејни препирки. Романот претставува и медитација на животот на населението на една нација во време на војна. Исто така, Вулф го истражува минувањето на времето и тоа како општеството ги присилува жените да им дозволат на мажите да им ја земат емоционалната сила.[12] „Орландо“ (1928) е еден од највеселите романи на Вирџинија Вулф. Романот е пародична биографија на еден млад благородник кој живее три века без речиси воопшто да остари повеќе од 30 години (но кој одеднаш ќе се претвори во жена), а е делумно портрет на љубовничката на Вирџинија, Вита Секвил-Вест. Романот бил наменет да ја утеши Вита за загубата на родниот дом, но тој претставува и сатиричен поглед на Вита и нејзиното дело. Во „Орландо“, Вулф ги исмева техниките на историските биографи.[13] Во романот „Бранови“ (1931) се претставени шест пријатели чии мисли (кои повеќе наликуваат на рецитативи отколку на внатрешни монолози) создаваат една брановидна атмосфера која повеќе наликува на прозаична поема отколку на роман со класично дејство.[14] Последниот нејзин роман „Помеѓу чиновите“ (1941) ги сумира и увеличува главните преокупации на Вулф: трансформацијата на животот преку делото, сексуална амбивалентност, медитации за текот на времето и животот, претставен како корозија и подмладување едновремено – сето ова сместено во доста креативна и симболична нарација која ја опфаќа речиси целокупната историја на Англија. Оваа книга ѝ е најлирична од сите, пред сѐ од стилска гледна точка, бидејќи најголемиот дел е напишан во стихови.[15] Ставови кон јудаизмот, христијанството и фашизмотНекои ја критикуваат дека била антисемитист, и покрај тоа што била среќно мажена за Евреин. Овие критичари се потпираат на некои ликови Евреи од делата на Вулф, кои таа ги прикажала на генерализиран и стереотипен начин и ги опишала како одвратни и валкани.[16] Раширениот антисемитизам во 1920-те и 1930-те веројатно имал влијание врз Вулф. Во нејзиниот дневник, таа напишала: „Не ми се допаѓа гласот на Евреите; не ми се допаѓа нивното смеење“. Но, во писмо до композиторката Етел Смит во 1930 година, цитирано во биографијата на Вулф на Најџел Николсон, таа пишува: „Колку ми пречеше што се омажив за Евреин – каков сноб сум била. Тие имаат голем елан“.[17] Во друго писмо до Етел, Вулф со презир ја осудува христијанската религија, опишувајќи ја како „себична“ и тврдејќи дека „мојот Евреин има повеќе религија во еден нокт на ногата – повеќе љубов во едно влакно од косата“.[18] Вирџинија и маж ѝ Леонард го мразеле и се плашеле од фашизмот во 1930-те поради ширењето на антисемитизмот, и пред да знаеле дека се наоѓаат на црната список на Хитлер. На пример, во книгата „Три гвинеи“, објавена во 1938 година, таа го обвинува фашизмот.[10] Вулф и феминизмотОд неодамна, студиите на Вирџинија Вулф се фокусираат на феминистичките и лезбејски теми во нејзините дела, како во збирката на критички есеи од 1997 година, „Вирџинија Вулф: Лезбејски четива“, уредена од Елен Барет и Патриција Крамер. Најпознатите нефикционални дела на Вулф, „Нечија сопствена соба“ (1929) и „Три гвинеи“ (1938), ги испитуваат тешкотиите со кои писателките и интелектуалките се соочувааат бидејќи мажите имаат непропорционално правна и економска моќ и иднината на жените во образованието и општеството во своите раце. Во „Вториот Пол“ (1949), Симон де Бовоар набројува, од сите жени кои живееле, само три жени авторки —Емили Бронте, Вулф и „понекогаш“ Кетрин Менсфилд— кои го истражиле „даденото“.[19] БиблиографијаРомани
Збирки раскази
„Биографии“
Есеи
Драми
Автобиографии
Писма
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia