Давид Шторл
Давид Шторл (роден на 27 јули 1990 г.) е германски атлетичар кој се натпреварува во дисциплината фрлање ѓуле. Тој бил успешен натпреварувач на кадетско и јуниорско ниво, освојувајќи златни медали и во двете категории на светските првенства. Својот прв медал во сениорска конкуренција, и тоа сребрен, Шторл го освоил на Европското првенство во сала 2011. Тој е сопственик на светскиот јуниорски рекорд од 22,73 метри со ѓуле од 6 кг. Негов најдобар резултат во кариерата со ѓуле за во сениорските конкуренции е 22,20 метри. Шторл го освоил златниот медал на Светското првенство 2011, а на натпреварувањето на Летните олимписки игри 2012 завршил второпласиран, освојувајќи го сребрениот медал. Шторл е еден од деветте атлетичари (заедно со Валери Адамс, Јусејн Болт, Вероника Кембел-Браун, Жак Фрајтаг, Елена Исинбаева, Кирани Џејмс, Јана Питман, и Дани Самуелс) кој бил светски шампион на кадетско, јуниорско и сениорско ниво во одредена дисциплина. КариераШторл за првпат почнал да се занимава со атлетика како дете кога неговиот дедо му предложил да се зачлени во локалниот клуб. Тој првично бил специјалист за десетобој, но откако неговиот тренер починал во 2006, тој се фокусирал на дисциплините фрлање ѓуле и фрлање кладиво.[1] На 16 години, тој освоил златен медал на Светското кадетско првенство во 2007 со личен рекорд и германски рекорд до 18 години од 21,40 метри (користејќи полесно ѓуле од 5 кг наменето за кадети).[2] Следната година користејќи ѓуле тешко 6 кг наменето за јуниори, Шторл победил на Светското јуниорско првенство со резултат од 21,08 метри, со што станал четвртиот најдобар јуниор во историјата.[1] Во 2009 во Манхајм, тој станал првиот јуниор во историјата кој фрлил преку 22 метри, поставувајќи последователни јуниорски светски рекорди од 22,18 метри а потоа и од 22,34 метри.[3] Еден месец подоцна, тој го подобрил својот јуниорски рекорд на 22,73 метри во Остероде[4] а потоа го освоил златниот медал на Европското јуниорско првенство со рекорд на првенствата од 22,40 метри.[5] Со пласманот на третото место на германското државно првенство со префрлените 20,43 метри, тој бил избран за Светското првенство 2009 во Берлин, каде завршил на 15 место во квалификациите.[6] Во 2010, Шторл за првпат се натпреварувал на сениорско ниво и бил второпласиран на германските државни првенства на отворено и во сала.[6] На Светското првенство во сала 2010 тој го освоил 7 место додека пак неговиот сограѓанин Ралф Бартелс го освоил бронзениот медал. Подоцна во годината тој настапил и на Европското првенство и завршил на 4 место. На државното првенство во сала во 2011, Шторл забележал победа над Бартелс и обезбедил учество на Европско првенство во сала, на кое го освоил својот прв медал, сребрен со префрлените 20,75 метри.[7][8] Тој ја надминал границата од 21 метар во јуни 2011 во Гетеборг префрлајќи должина од 21,03 метри. Тој завршил на подиумите на Европското екипно првенство и на Европското првенство до 23 години во 2011, поставувајќи нови рекорди на првенствата од 20,81 метри и 20,45 метри.[6][9] Помогнат од фактот што Барелс не настапувал, Шторл за првпат во кариерата победил на државното првенство на отворено.[10] На 2 септември 2011, Шторл станал светски шампион во фрлање ѓуле, освојувајќи го златниот медал на Светското првенство 2011, остварувајќи свој најдобар резултат од 21,78 метри. Шторл имал одлична сезона во 2012 година освојувајќи три медали на меѓународните натпревари. Најпрво, тој го освоил сребрениот медал на Светското првенство во сала и со префрлените 21,88 метри бил веднаш зад Рајан Витинг. Кон крајот на јуни, Германецот станал европски шампион, победувајќи убедливо во финалето на Европското првенство 2012 со префрлени 21,58 метри. На Летните олимписки игри 2012, Шторл го освоил сребрениот медал, откако неговиот резултат од 21,86 метри бил за 3 сантиметри послаб од резултатот на првопласираниот Томаш Мајевски. На Светското првенство 2013, Шторл успеал да го одбрани златниот медал освоен пред две години, и по вторпат станал светски шампион победувајќи во финалето со префрлени 21,78 метри. На светската титула, тој во 2014 ја придодал и европската и вторпат последователно станал европски шампион. Шторл ја надминал границата од 22 метри на 9 јули 2015 во Лозана, каде успеал да префрли 22,20 метри, резултат кој е моментално негов сопствен рекорд во кариерата.[11] На Светското атлетско првенство 2015 во Пекинг го освоил сребрениот медал со резултат од 21,74 метри. Лични рекорди
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia