Димче Тошев (професор)

Димче Тошев
Роден 20 декември 1919
Прилеп, Битолски Вилает, Отоманско Царство
Починал 3 октомври 2004
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Националност Македонец-Југословен
Народност Македонец
Занимање Универзитетски професор по хемија

Димче Тошев (Прилеп, 20 декември 1919Скопје, 3 октомври 2004) ― редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје.

Животопис

Димче Тошев е роден на 20 декември 1919 година во Прилеп. Средното образование го завршил во Битола, а во 1938 година се запишал на студии во Белград. дипломирал во 1943 година на Природно-математичкиот факултет во Софија, а докторирал во 1959 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во 1946 година бил избран за прв асистент на Катедрата за хемија на Филозофскиот факултет во Скопје, каде активно работел на изградба на материјалната база и библиотечниот фонд. Во 1947 година бил избран за предавач, во 1954 година за доцент, во 1961 година за вонреден професор, а во 1966 година за редовен професор по неорганска хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Паралелно, изведувал настава по хемија за студенти од различни области: хемичари, биолози, физичари, медицинари, стоматолози и студенти на Педагошката академија.

Научната работа на професор Тошев била од областа на неорганската и аналитичката хемија. Тој го истражувал влијанието на составот на растворувачот врз растворливоста на солите. Покрај тоа ги истражувал микроелементите во тутуни од Македонија, присуството на флуор во различни природни продукти и водите, како и својствата и составот на водите за пиење во населените места на Македонија. Работел и на полето на номенклатурата на неорганската хемија, терминологијата по хемија на македонски јазик и методско-педагошките прашања поврзани со наставата по хемија. Објавил повеќе од 40 научни трудови, од кои четири во меѓународни списанија, додека останатите се објавени во списанија во Република Македонија.

Професор Тошев напишал повеќе учебници за средните училишта, а исто така е автор на универзитетски учебник по неорганска хемија, кој долго се користел како основен учебник за студентите од различни струки во кои се изучува хемијата.

Професор Димче Тошев извршувал бројни значајни функции во академската и научната заедница. Бил претседател на Советот на ПМФ, Друштвото на природњаците на СРМ, Друштвото на хемичарите и технолозите на СРМ, како и на Издавачкиот одбор на „Просветно дело“ и библиотеката „Браќа Миладиновци“. Исто така, бил потпретседател на Унијата на хемиските друштва на СФРЈ, член на комисиите за изработка на номенклатура по неорганска хемија и терминологија по хемија. Покрај тоа, тој бил првиот шеф на Хемискиот институт, продекан и декан на ПМФ, како и првиот декан на Хемискиот факултет.

Професорот Димче Тошев одиграл клучна улога во изградбата и опремувањето на новата зграда на Хемискиот факултет, создавајќи поволни услови за современа настава и научноистражувачка работа. За својот труд бил повеќепати наградуван и одликуван. На 1 октомври 1985 година заминал во пензија, оставајќи длабок печат врз развојот на хемијата на Природно-математичкиот факултет. Со своето несебично залагање, тој стана најмаркантната фигура на Институтот за хемија и личност која трајно ја задолжи македонската хемија. Почина во 3 октомври 2004 година. Во негова чест, амфитеатарот на Институтот за хемија го носи неговото име, симболизирајќи ја трајната благодарност на институцијата и хемиската заедница во Македонија.[1]

Наводи

  1. „Институт за хемија, ПМФ“. ih.pmf.ukim.edu.mk. Посетено на 2025-02-20.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya