Во 2022 година, тој се оженил со својата долгогодишна девојка Изуте Мулато.[5]
Технички карактеристики
Офанзивен играч од средниот ред, кој исто така може да игра и на двете крила - иако почесто бил користен како лево крило - па дури и како централен играч за врска.[6][7] Има добро чувство за гол, одлична визија за играта, додавања, дриблинг и брзина, а со текот на времето се промовирал и како одличен изведувач на прекини.[8]
Клупска кариера
Почетоци
Езе ја започнал својата фудбалска кариера во Арсенал, пред да биде отпуштен кога имал тринаесет години, а потоа се приклучил на Фулам и на Рединг.[9][10] Потоа, Езе ја продолжил својата младинска кариера во Милвол, каде што потпишал двегодишна стипендија со клубот.[11] Таму тој брзо напредувал стигајќи до тимот под 18 години, а потоа и во резервниот тим,[12] но и покрај тоа, во април 2016, Милвол објавиле дека Езе ќе го напушти клубот, откако не му бил понуден професионален договор.[13][14]
Квинс Парк Ренџерс
На 3 август 2016, Езе му се приклучил на Квинс Парк Ренџерс.[15] На 7 јануари 2017 година, Езе го имал своето деби за првиот тим во натпреварот од ФА Купот против Блекбурн Роверс, играјќи 18 минути пред да се повреди и да биде заменет од Јени Нгбакото.[16] Натпреварот завршил со пораз на КПР на домашен терен од 1–2.[17] И покрај тоа, што тоа бил неговиот единствен настап за првиот тим во сезоната 2016–2017, на крајот на истата тој потпишал продолжување на договорот со клубот до 2019 година.[18]
На 30 август 2017 година, Езе бил позајмен на Викомб Вондерерс во четвртото ниво на англискиот фудбал до јануари 2018 година.[19][20] Своето деби за клубот го имал влегувајќи како замена во 79-тата минута, во ремито 0-0 против Њупорт Каунти на 9 септември 2017 година.[21] Откако го направил своето деби за клубот, Езе брзо станал стандарден играч во првиот тим, каде што бил ротиран на различни позиции во средниот ред.[22] Својот прв гол во сениорската кариера го постигнал во натпреварот против Кембриџ Јунајтед, на 7 октомври 2017 година, за само девет минути подоцна да постигне уште еден и да го турне Викомб кон победата.[23] Позајмицата се покажала како исклучително позитивна за младиот фудбалер, кој одиграл 20 натпревари и постигнал 5 гола за Викомб до јануари 2018,[24] пред да се врати во Квинс Парк Ренџерс.[25][26]
Откако се вратил во КПР, Езе редовно настапувал за првиот тим предводен од Ијан Холовеј,[26][27] завршувајќи ја сезоната 2017-2018 со 16 првенствени настапи во Чемпионшип и 2 гола; својот прв гол во дресот на „полицајците“ го постигнал во победата со 1-0 на домашен терен над Сандерленд на 10 март 2018.[28] Пред почетокот на сезоната 2018-2019, тренерската промена во КПР и доаѓањето на Стив Макларен на местото на Ијан Холовеј, на Езе му донела уште поголема улога во тимот и дресот со бројот 10 на неговиот грб.[29] Тој, исто така, го продолжил својот договор со КПР, обврзувајќи се на верност кон клубот до јуни 2021 година.[30] Тој одлично ја започнал сезоната постигнувајќи гол во вториот првенствен натпревар, поразот со 1-2 на Лофтус Роуд од Шефилд Јунајтед.[31] Езе постигнал уште два гола во месец септември, помагајќи му на клубот да излезе од кризата по катастрофалниот почеток на сезоната со четири последователни порази.[32] За неговите настапи тој бил пофален и од менаџерот Макларен, кој рекол: „Езе има голем талент, но одлично работи и без топка во поглед на помагањето на тимот во одбраната. Го молиме да продолжи да го прави тоа и важно е да го прави тоа, поради неговиот развој.“[33] На 24 ноември 2018, во натпреварот против Стоук Сити (2-2), тој асистирал за двата гола на КПР што ги постигнал Анхел Ранхел.[34] И покрај ипресивните перформанси во поголемиот дел од сезоната, во завршницата од истата тој се нашол на клупата за резерви.[35] Сезоната ја завршил со 46 натпревари во првенството и куповите во сезоната 2018–2019, постигнувајќи четири гола, сите во Чемпионшип.
Во сезоната 2019-2020, Езе бил „ударната игла“ на Квинс Парк Ренџерс, играјќи ги сите 46 натпревари и забележувајќи 14 гола и 8 асистенции во Чемпионшип. Сепак, ниту неговите исклучителни перформанси во текот на сезоната не му помогнале на клубот да се помести од средината на табелата. На 8 септември 2020 година, Езе бил избран во ПФА Тимот на годината на Чемпионшип 2019–2020.[36]
Кристал Палас
На 28 август 2020 година, Езе потпишал петгодишен договор со членот на Премиер лигата, Кристал Палас.[37] Вредноста на трансферот изнесувала околу 17 милиони фунти.[38][39] На 12 септември, тој го имаше своето деби за Палас, влегувајќи како замена во 81-вата минута на местото на Џефри Шлуп во победата од 1–0 против Саутемптон во првиот натпревар од сезоната.[40] Езе го постигнал својот прв гол за Палас на 7 ноември, од директен слободен удар, во победата од 4–1 на домашен терен над Лидс Јунајтед.[41]
Хронологија на репрезентативните настапи
Хронологија на настапи и постигнати голови за националната селекција ― Англија