Премиер лига на Англија 2020-2021 била 29-тата сезона на Премиер лигата, највисокото ниво на професионалните фудбалски лиги на Англија, од нејзиното основање во 1992 година. Сезоната била планирана да започне на 8 август 2020,[1] но поради Пандемијата на КОВИД-19 и доцното завршување на претходната сезона, започнала на 12 септември 2020, а завршила на 23 мај 2021.[2]
На 11 мај 2021, Манчестер Сити станале шампиони по седми пат во клупската историја, после поразот на нивниот најголем конкурент во оваа сезона Манчестер Јунајтед од Лестер Сити.[3] Со тоа тие ја освоиле својата трета титула во последните четири сезони и избориле право да учествуваат во Лигата на шампионите за следната сезона. Манчестер Јунајтед завршиле втори со 12 бодови помалку од шампионот, и заедно со уште третопласираниот Ливерпул и четвртопласираниот Челси обезбедиле пласман во елитното европско натпреварување.
Најдобaр стрелец во оваа сезона бил Хари Кејн од Тотенхем со 23 постигнати гола.
Општо
Формула
Четврта последователна сезона, најдобрите четири екипи на крајот од сезоната влегуваат во групната фаза на Лигата на шампионите 2021-2022. Петто рангираната екипа и победникот на ФА Купот ќе изборат пласман во Лига Европа; победникот на Лига купот стекнува право на учество во новоформираната УЕФА Лига на конференции, третото континентално клупско натпреварување што ќе започне во сезоната 2021-2022. Во случај освојувачите на двата домашни купови веќе да имаат обезбедено пласман во европските купови преку првенството, наместо нив ќе се квалификуваат шестопласираната екипа во првенството во Лига Европа и седмопласираната екипа во Лигата на конференции. Трите последни екипи на крајот од сезоната испаѓаат во Чемпионшип.
Промена на екипи
Вкупно 20 клубови учествувале во Премиер лигата на Англија за сезоната 2020-2021, вклучувајќи ги 17-те екипи од претходната сезона 2019-2020, двата прво пласирани клуба од Чемпионшип лигата 2019-2020, и победникот на плејофот од истата лига. Новите екипи во оваа сезона биле Лидс Јунајтед, кои се вратиле во највисокото фудбалско ниво во Англија по цели шеснаесет години отсуство по нивното испаѓање во сезоната 2003-2004, потоа Вест Бромвич Албион, кои се вратиле по две години отсуство и испаѓањето во сезоната 2017-2018, и Фулам, кој како победник на плејофот се вратил во Премиер лигата по само една сезона играње во Чемпионшип. Тие ги замениле Борнмут, Вотфорд и Норич Сити.
Сезоната била планирана да започне на 8 август 2020,[1] но тоа не било можно поради прекинот настанат во претходната сезона заради Пандемијата на КОВИД-19 и завршувањето на истата околу два месеци подоцна од првично предвидениот крај. Така, Првенството започнало во сабота на ден 12 септември 2020 година, со натпреварите од првото коло (12-14 септември) во кое се одиграле 8 натпревари, наместо десетте закажани:[4] натпреварите Барнли - Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити - Астон Вила не се одиграле во вториот викенд од месец септември 2020, поради учеството на манчестерските екипи во завршницата од европските купови за претходната сезона каде што се задржале до средината на август.[5] Крајот на првенството бил регистриран на 23 мај недела, кога со почеток од 17:00 часот по средноевропско време биле одиграни сите натпревари од последното коло.
Предвидени биле пет вонредни кола кој требале да се одиграат во средината на седмицата (16 декември и 30 декември 2020 година, 20 јануари, 3 февруари и 12 мај 2021), две повеќе во однос на претходните сезони заради закаснетиот почеток на првенството и Европското првенство 2020 кое наместо мината година било одложено да се игра во јуни 2021.[6] Исто така, имало 3 паузи поради обврските на англиската фудбалска репрезентација во УЕФА Лигата на нации и квалификациите за Светското првенство 2022 закажани за 11 октомври и 15 ноември 2020 година и 28 март 2021 година. Натпреварите за божиќните празници популарно наречени Boxing Day, традиционално биле застапени и во оваа сезона, а се одиграле на 26 и 27 декември 2020 година, во склоп на 15-тото коло од сезоната. И во оваа сезона како и во претходните, се играло според асиметричен календар, односно натпреварите од вториот круг не биле по идентичен распоред со оние во првиот круг.
Во однос на времето на игра, новина била воведувањето на вечерни натпревари во сабота од 21:00 часот и недела од 20:15 часот. Исто така, многу често имало по два натпревари во понеделник (еден од 19:00 и вториот со почеток во 21:00 часот), додека преостанатите натпревари се играле во досега познатите термини од претходните сезони. Според тоа, распоредот на одигрување на натпреварите што го обезбедила лигата изгледал вака:
Сабота: 4 натпревари
1 натпревар во 13:30 часот
1 натпревар во 16:00 часот
1 натпревар во 18:30 часот
1 натпревар во 21:00 часот
Недела: 4 натпревари
1 натпревар во 13:00 часот
1 натпревар во 15:00 часот
1 натпревар во 17:30 часот
1 натпревар во 20:15 часот
Понеделник: 2 натпревари
1 натпревар во 19:00 часот
1 натпревар во 21:00 часот
Понекогаш натпревари се играле и во петок: 1 натпревар со почеток во 21:00 часот
Сезоната започнала кон средината на септември, со Ливерпул како актуелен шампион и главен фаворит за одбрана на титулата според прогнозерите, додека Манчестер Сити би требало да биде најголем конкурент, а Челси како фаворит по големите инвестиции во трансфер кампања. По 4 одиграни кола, Евертон на Карло Анчелоти останал сам на врвот од табелата, искористувајќи го поволниот распоред и сензационалните порази на фаворитите: Манчестер Сити бил поразен на домашен терен со 2-5 од Лестер Сити, додека Ливерпул загубил уште поубедливо со 7-2 од Астон Вила на Вила Парк. Како што Евертон почнува да губи бодови, Лестер и Тотенхем исто така се појавуваат и остануваат на врвот неколку кола пред да му го отстапат водството на Ливерпул, кои избиле на првото место во тринаесеттото коло иако со многу непостојани изведби поради повредите на неколку клучни играчи (пред се во одбраната како Вирџил ван Дајк и Џо Гомес). На крајот на 2020 година, Ливерпул останува прв и го командува пласманот следен од Манчестер Јунајтед, кој првенството го започнал лошо и бил елиминиран од Лигата на шампионите, но се текот на времето успева да најде одреден континуитет на резултатите во лигата. Лестер Сити, Евертон и Астон Вила се одржуваат високо борејќи се за позиции кој водат во континенталните натпреварувања заедно со екипите со големи осцилации како Манчестер Сити, Тотенхем и Челси. На дното, Шефилд Јунајтед изненадиле негативно бидејќи не успеале да победат во ниту еден натпревар до 18-тото коло (првиот тим во историјата на Премиер лигата, кој ја завршил календарската година без победа, и втор тим во историјата на најсилната англиска фудбалска лига по Болтон во сезоната 1902-1903); зоната за испаѓање ја комплетираат новопромовираните екипи Фулам и Вест Бромвич Албион. Брајтон е во безбедната зона, додека Арсенал пристигнал во Божиќниот период со големи тешкотии и поблиску до осумнаесеттата позиција отколку до првата половина на табелата. Промена на врвот на табелата дошло во 17-тото коло: тогаш Јунајтед ја победил Астон Вила, додека Ливерпул загубиле од Саутхемптон.
Со доаѓањето на 2021 година, се појавуваат големи потешкотии за Ливерпул: „црвените“ веќе не се во можност да го пронајдат патот до мрежата и по три и пол години неочекувано го бележат својот прв пораз на домашен терен, изненадувачки губејќи од Барнли, а потоа и од Брајтон, натпревари по кои ќе следат уште 4 последователни порази, со што негативната серија стигнала до 6 (негативен рекорд во историјата на клубот). Јунајтед на тој начин се нашол осамен на врвот, за првпат од крајот на ерата на Фергусон. Сепак, нивниот период на слава кратко траел затоа што градските соперници Сити уфрлиле во поголема брзина: тие нанижале серија на победи, заклучувајќи го во исто време својот гол за противниците. Сити ги добиле сите 6 нивни натпревари одиграни во јануари и веќе на почетокот на февруари се чини дека го ставаат првенството под своја контрола со победата на Анфилд над Ливерпул со 4-1, која ги води до 5 поени предност во однос на Јунајтед, и дури 10 во однос на Ливерпул. Во меѓувреме, Челси го отпуштиле тренерот Френк Лампард и се потпреле на германецот Томас Тухел, штотуку отпуштен од Париз-Сен Жермен, кој го започнал своето искуство во Лондон со реми и три последователни победи, примајќи само еден гол. Предноста на Манчестер Сити од тука натаму постојано се зголемува и покрај поразот на домашен терен од Јунајтед, на уште три кола до крајот небесно-синиот дел на Манчестер можел да ја прослави седмата титула шампион на Англија. Манчестер Јунајтед ја затвориле сезоната на второто место, додека и зоната за испаѓање исто така била решена многу однапред; Фулам, Вест Бромвич Албион и Шефилд Јунајтед биле трите екипи кои испаднале откако речиси целата сезона ја минале на последните три места.
Последното коло било одлучувачко за позициите кои водат во европските купови. Ливерпул, по одличниот кам-бек, ја затвориле комплицираната сезона на третото место и обезбедиле пласман во Лигата на шампионите (кој во еден момент се чинел невозможен) каде бил придружен од Челси: избраниците на Тухел биле поразени од Астон Вила, но останале во топ 4 благодарение на поразот на Лестер кој се распаднал во завршницата од натпреварот на домашен терен против Тотенхем, дозволувајќи од водство 2-1 на крајот да загуби со 2-4. Првиот од головите за Тотенхем во тој натпревар го постигнал Хари Кејн, негов 23-ти за сезоната, благодарение на кој станал осамен најдобар стрелец за сезоната оставајќи го зад себе Мохамед Салах од Ливерпул. Со тоа тој ја прославил својата трета Златна копачка на Премиер лигата во кариерата. Лестер и Вест Хем Јунајтед избориле пласман во УЕФА Лига Европа за следната сезона, додека Тотенхем обезбедил учество во новоформираното европско натпреварување УЕФА Лигата на конференции и биле првата англиска екипа која учествувала во ова натпреварување. Арсенал завршиле на осмото место и нема да учествуваат во европските натпреварувања за првпат од 1995 година.
Шампион на Англија и се квалификува за групната фаза на УЕФА Лигата на шампионите 2021-2022
Се квалификува за групната фаза на УЕФА Лигата на шампионите 2021-2022
Се квалификува за фазата по групи во УЕФА Лига Европа 2021-2022
Се квалификува за УЕФА Лига на конференции 2021-2022
Испаѓа во Фудбалска лига на Англија Чемпионшип 2021-2022
Нотес:
Три бода за победа, еден за нерешено, нула за пораз.
* Ако освојувачот на ФА Купот го заврши првенството во најдобрите 5, тогаш шестиот тим автоматски влегува во УЕФА Лига Европа.
* Ако освојувачот на Карабао купот го заврши првенството во најдобрите 5, тогаш седмиот тим автоматски влегува во УЕФА Лига на конференции.
Резултати
Табеларен приказ
Читањето хоризонтално ни ги покажува резултати на домашен терен на наведената екипа од првата колона, а читањето вертикално ни ги покажува резултатите во гости на наведената екипата од првиот ред.
Хари Кејн од Тотенхем бил најдобар стрелец за сезоната со 23 постигнати гола и со тоа тој ја освоил својата трета Златната копачка на Премиер лигата во својата кариера. Интересно е тоа што, тој станал првиот играч кој исто така успеал да ја освои и наградaта Плејмејкер на сезоната во истата сезона, завршувајќи на врвот на листата на асистентите со 14 асистенции.