Каба зурла

Зурлаџиско-тапанарска група од Тетово со каба зурли свирејќи во с. Шутово, Кичевија (2012)

Каба зурла — поим што се користи при опишување на најголемиот вид зурли што се изработувале. Во територијата на Македонија, се подразбира зурлата, која, според регионална класификација, се нарекува тетовска.

Градба и терминологија

Како и кај останатите зурли, каба зурлата е изградена од:

  • корпус – телото, односно главниот дел, во кој се вметнати 8 мелодиски отвори и 7 резонантни отвори. Проширениот дел на корпусот се нарекува „шапка
  • славец – во форма на „Т“, истиот се состои од глава (баш'лкот) и цевка (канел)
  • медник – составен од конусна цевка на која од потесната страна ѝ се вметнува кружна метална монета
  • писка – направена од трска, истата е таа која помага при создавање на звукот на инструментот

Истите термини, од страна на изработувачот Фариз Хајрула, имаат и дијалектни верзии, односно се нарекуваат каба (телото), слапец (славецот), пишталник (медникот) и писка (не постои дијалектна разлика, но Албанците ја нарекуваат пајпи, а турците камиш).

Материјали и начин на обработка

Материјали

При изработка на корпусот, најчесто се искористуваат цреша и круша, а зурли чиј корпус е изработен од кајсија не се толку барани. Истото мора да е суво, најчесто чувано да се суши во период од две-три години. За славецот, се искористува шимшир (зеленика), за кое Фариз вели дека не се суши, истото поседувајки лисја и во лето и во зима. Поради тоа, истото го суши за период од пет години. За набавување на трската која ја користи при изработка на писката, Фариз вели дека истата ја набавува од околијата на Кочани за време на Ѓурѓовден, кога нова зараснувала. Медникот го прави од не'рѓосувачки материјал „месинг“.

Обработка

За изработка на каба зурлата, Фариз ги користи димензиите од зурлата на поранешен мајстор по име Абди, велејки дека зурлата нема да штима (звучи) точно ако се изработи во други димензии. Каде Абди деловите од неговите зурли рачно ги правел, голем дел од алатките кои Фариз ги користи ги има направено сам и ги има прилагодено на неговите потреби. При изработката на каба зурлата, процесот се дели на:

  • грубо обработување – Фариз првично дрвото го дели на 4 дела, поради тоа што материјалот пукал ако зурлата беше изработена од средината. Надворешноста на истата се цепи и обработува преку сечење и бушење, а подоцна се изработува нејзината внатрешност.
  • конечно обработување – тогаш дрвото се става на дребанг, се обработува машински и додека дрвото се врти, постепено, внимателно се одзема со глето сѐ до формирањето на зурлата и добивањето на потребните димензии. За разлика од корпусот, славецот може да се стави директно на дребангот поради помалиот дијаметар на кој не му е потребно дополнително обработување. За заштита на дрвените делови од надворешна влага, и таа создадена при свирење, зурлите се мачкани со зејтин. Истиот му дава сјај на зурлата, со која се зголемува нејзината естетска вредност.
Фариз Хајрула со готово-изработен корпус и славец на тетовска каба зурла

За надворешната димензија на зурлата, Фариз вели дека не е секогаш иста и дека понекогаш ја прави според оној кој му ја порачува зурлата, односно може да биде и подебела и потенка, но внатрешните димензии се секогаш исти. По обликување на зурлата и внатрешното постигнување на потребните димензии, надворешната страна ја поминува со хартија за стругање со што зурлата станува мазна и е подготвена за дупчење на мелодиските и резонантните отвори. Иако можат дополнително да се украсуваат, свирачите тоа најчесто не го барале. Метални прстени кои се забележливи кај некои каба зурли се вметнуваат за спречување на понатамошно пукање.

Забелешка: при внесување во корпусот, надворешниот дијаметар на славецот мора да е идентичен со внатрешниот дијаметар од остатокот на зурлата, не дозволувајки простор за премин на воздух каде што не е потребно.

При изработка на медникот, се користи месинг со дебелина од 0,35 или 0,4 мм, кои се сметани за идеални, во спротивност од подебели димензии од истото. Медникот е изработен во форма на конус, каде помалиот дијаметар е 3,5 мм, а другиот е 10 мм. По конусното обликување откај потесната страна (страната во која влегува писката) вметнува метална монета која на средината е продупчена по што се навлекува за околу 15 мм во пишталникот. Карактеристично за свирачите на каба зурли е поседувањето на повеќе пишталници (медници) сврзани во вид на ѓердан, истиот служејки за лесна промена на пишталници при појава на проблеми со писката со која свиреле. За потпир на устите, се додава пластичен диск тн. „моска“.

Мелодиски карактеристики

Како нетемпериран инструмент, истата се јавува во повеќе штимови, но често се наоѓа штимот „це“ (C). Првата октава кај зурлата се добива со умерено дување, додека тоновите од втората октава се добиваат со посилно дување (предувување). Од тонската висина произлегува и тембарот кај зурлата кој кај овој вид зурла е мек, темен и не толку продорен како кај останатите видови зурли.

Распостранетост и корисници

Каба зурлите покрај во Тетово и Тетовско, денес се бараат и во Гостивар и Гостиварско што укажува на нејзината миграција од Тетовскиот кон Гостиварскиот регион. Оваа миграција пак, резултира со поттиснување на џура гостиварската зурла која во минатото била застапена во Гостиварско, а денес сосема малку се бара овој вид зурла. Се претпоставува дека тоа се должи на зголемената побарувачка на зурлаџиска музика во моменти кога населението имало потреба од повеќе зурлџиски групи во исто време, поради што се повикувале зурлаџии со каба зурли од Тетово. Ова веројатно се должи на близината меѓу Гостивар и Тетово. Во Р. Македонија каба зурлите се сконцентрирани во овие два региони од Западна Македонија, но истите зурли се свират и во Косово и во Јужна Србија (прешевско).

Фариз Хајрула (десно) и Ваљон Рамадани (лево) свирејки на каба зурли

Свирачи на каба зурли и тапани се исклучиво Роми што ни укажува на тоа дека носители на зурлаџиската традиција на каба зурли се Ромите. Овие свирачи ги опслужуваат потребите и на албанското и на ромското население и настапуваат во различни моменти од календарскиот и животниот циклус, настани како што се свадби, сунети, панаѓури. Според нашите сознанија, каба зурлата во Р. Македонија е прифатена и се бара само од албанското и од ромското население кое што живее во споменатите региони. Фариз Хајрула вели дека порано им се свирело и на Македонци, но не повеќе. Во Косово и Јужна Србија, на каба зурли свират Роми, а на тапан покрај Ромите има и Албанци.

Зурлаџиските тајфи се составени од две или три зурли и два тапани и поретко со еден тапан. Една зурла ја свири мелодијата, а една или две бордунираат на еден тон. Зурлаџијата што ја води мелодијата, се нарекува мајстор или уста, а зурлаџиајта што придружува, се нарекува чирак.

Поврзано

Користена литература

Надворешни врски

  • Изведба на две каба зурли и тарабука, снимено во 2022
  • Избедба на езгија на каба зурли во Тетово
  • Изведба на каба зурли под придружба на тапан
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya