Карл Шлехтер
Карл Шлехтер (германски: Carl Schlechter; 2 март 1874, Виена - 27 декември 1918, Будимпешта) бил австриски шаховски мајстор, теоретичар и еден од најсилните шахисти на почетокот од 20. век. Основното занимање на Шлехтер било играњето шах, а тоа бил и неговиот единствен долгорочен извор на приходи. Во својата 25-годишна шаховска кареира одиграл повеќе од 50 меѓународни турнири, како и неколку мечеви против некои од најсилните шахисти во тоа време. Особен успех остварил на турнирот организиран од страна на Германскиот шаховски сојуз, на којшто победил трипат, и на меморијалниот турнир во чест на Леополд Требич, на којшто победил седум последователни пати. Во 1910 година, го предизвикал светскиот првак Емануел Ласкер на меч за титулата, којшто завршил без победник и на тој начин Ласкер останал светски првак. Во својот живот работел и како шаховски уредник во неколку весници, а дал свој придонес во обработката на делото „Handbuch des Schachspiels“. Голем придонес дал и во шаховската теорија, па во негова чест се именувани неколку варијанти во отворањата. ЖивотописРани годиниКарл Шлехтер се родил во католичко семејство во Виена. Некои сметаат дека бил Евреин,[1][2][3][4] иако други го оспоруваат ваквото мислење.[5] Научил да игра шах на 13-годишна возраст, а негов прв и единствен учител бил унгарскиот шаховски композитор Самуел Голд. За првпат на еден мајсторски шаховски турнир настапил во 1893 година. На турнирот, тој победил пред силните виенски шахисти: Марко и Цинкл. Со тоа, го предизвикал Марко на меѓусебен двобој истата година, во кој сите 10 партии завршиле реми. Во следните неколку години претежно играл шаховски мечеви, а најголемиот дел од нив завршувлае без победник. Така, повторно ремизирал против Марко во 1894 година, остварувајќи резултат од по 4 победи и порази и 3 партии реми, а идентично остварување имал и против Цинкл во меч одигран истата година. Ремизирал и против Јановски (+2, -2, =3) во 1896, Алапин (+1, -1, =4) во 1899, убедливо го победил Јановски во нивниот повторен меч во 1902 (+6, -1, =3), а нерешно одиграл и против Тајхман (+1, -1, =1) во 1904 година. Овој период од кариерата го надополнил и со три победи на мајсторскиот турнир организиран од страна на Германскиот шаховски сојуз: во Минхен во 1900 година, првото место го поделил со Пилзбери и Мароци; во Кобург во 1904 година со Свидерски и фон Барделебен; а самостојна победа остварил на турнирот во Хамбург во 1910 година. По постигнвуањето на својата трета победа на турнирот, станал почесен член на Германскиот шаховски сојуз. Во тој период, остварил победи и на турнирите во Остенде и Стокхолм во 1906, како и на силните шаховски турнири во Виена и во Прага во 1908 година. Имено, турнирот во Виена го завршил на делба на првото место со освоени 14 од 20 бода, заедно со Мароци и Дурас; додека на турнирот во Прага освоил 13½ од 20 бода и победничкото место го поделил со Дурас. Меч за светски првакВо 1910 година, Шлехтер го предизвикал светскиот првак Емануел Ласкер во меч за титулата светски првак. Мечиот се одиграл во Виена и во Берлин и се состоел од 10 партии, во кои Шлехтер морал да оствари позитивен резултат од +2 како би станал нов светски првак. Пред почетокот на последната десетта партија, тој бил во водство со еден бод и бил принуден да ја добие партијата за да му ја одземе титулата на својот противник. Но, откако се стекнал со добра предност на почетокот од партијата, направил грешка која го довела до позиција за реми, а потоа и уште една голема грешка по којашто ја загубил партијата. Поради своето спортско значење и возбудлив тек, оваа партија била анализирана од страна на голем број велемајстори, меѓу кои и Гари Каспаров во неговата серија на книги насловена „Моите големи претходници“. Конечниот резултат од мечот бил 5-5 (+1, -1, =8), со што Ласкер успеал да ја одбрани титулата. Во секој случај, ваквиот отпор го издвоил Шлехтер како единствениот шахист во 16 години, кој успеал толку сериозно да го загрози светскиот првак. Подоцнежна кариераПо неуспешниот обид во мечот за светски првак против Ласкер, Шлехтер одиграл меч против Зигберт Тараш во 1911 година, којшто завршил нерешено, со по 3 победи на двете страни и 10 партии коишто завршиле реми. Особено голем успех во тој период остварил на меморијалниот турнир во чест на Леополд Требич, на којшто победил на шест последователни изданија (1910/11, 1911/12, 1913, 1914, 1915, 1916/17). Следната година, не успеал да го повтори успехот од претходните неколку изданија на турнирот и завршил на третото место, зад победникот Видмар и второпласираниот Тартаковер. Истата година, загубил меч одигран против Акиба Рубинштајн (+1, -2, =3), зазел едно второ (зад победникот Видмар) и едно трето место (зад победникот Ласкер и Рубинштајн) на четирикружните турнири во Берлин, а завршил и на делба на третото место на турнир во Кашау. Починал од пневмонија и прегладнетост на 27 декември 1918 година во Будимпешта, каде што и бил погребан на 31 декември истата година.[6] Во 1995 година, во негова чест била именувана улицата „Карл Шлехтер“ во виенскиот округ Донауштат. Шаховско творештвоПочнувајќи од 1893 година, па сè до својата смрт, Шлехтер учествувал на повеќе од 50 меѓународни шаховски турнири. Неговиот највисок историски рејтинг изнесувал 2764 бода и бил достигнат во 1911 година. Познато е дека бил шахист по професија и освен шахот немал некој друг долгорочен извор на приходи. Покрај тоа, бил и воодушевен играч на домино. Карл Шлехтер, заедно со Артур Калифман и Хуго Фандрих, се залагал за промовирање на Виенската шаховска школа, основана од страна на Макс Вајс во 19. век. Тој бил препознатлив по својот љубезен однос и почит кон противникот за време на шаховските партии. Често се случувало да понуди реми, доколку неговиот противник не се чувствувал добро, а во случај на доцнење на противникот, се согласувал од неговото време да биде одземено и додадено на спротивната страна. Соработувал и со многу од неговите противници, меѓу кои и со Олдрих Дурас.
Шлехтеровата варијанта во Словенска одбрана Работел и како уредник во врска со шахот во неколку виенски весници. Во периодот од 1892 до 1918 година, тој бил уредник на шаховската рубрика во виенскиот весник „Allgemeinen Sportzeitung“, а од 1893 до 1914 и на шаховскиот оддел во весникот „Wiener Hausfrauen-Zeitung“. Свој придонес дал и во преработувањето на Билгеровото дело „Handbuch des Schachspiels“, а ги подготвил осмото и последното десетто издание од книгата. Делото било повторно издадено во 11 делови и вкупо 1040 страници во периодот од 1912 до 1916 година, а меѓу останатите придонесувачи биле и Рудолф Шпилман, Зигберт Тараш и Рихард Тајхман. Шлехтер бил активен и во збогатувањето на шаховската теорија, па во негова чест се именувани неколку варијанти во шаховските отворања. Најпознатата од нив е Шлехтеровата варијанта во Словенска одбрана, којашто за првпат ја одиграл во 10. партија од мечот за светски првак против Ласкер во 1910 година. Нејзината позиција настанува по потезите: 1. d4 d5 2. c4 c6 3. Sf3 Sf6 4. e3 g6 (или по 1. d4 Sf6 2. c4 g6 3. Sf6 d5 4. е3 c6 во Гринфелдова одбрама)[7]. Од останатите варијанти што го носат неговото име, Шпилмановата варијанта во Француска одбрана се јавува по: 1. е4 е6 2. d4 d5 3. Ld3;[8] а варијантата во Дански гамбит по: 1. е4 е5 2. d4 exd4 3. с3 dxc3 4. Lc4 cxb2 5. Lxb2 d5.[9] Шпилмановиот гамбит, пак, се јавува во Бердовиот гамбит и тоа по потезите: 1. f4 e5 2. fxe5 Sc6.[10] Компонирал повеќе од 40 шаховски композиции, претежно дво- или тропотезни. Во народната култураГлавниот лик во книгата „Карл Хафнеровата љубов за реми“, напишана од Томас Главиниц и издадена во 1998 година, е смислен врз основа на творештвото и делото на Карл Шлехтер. Всушност, во делото се прикажува измислен извештај од мечот за светски првак против Ласкер во 1910 година. Наводи
Литература
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia