Колаж[1][2] (француски: coller — лепи[3]) — сликарска техника што вклучува лепење на различни материјали на избрана површина. На таа површина се прицврстуваат многу различни материјали. Обично се работи за хартија, но се користат и ткаенини, жица, дрвја, лисја, хартија за весници, кеси, разни пластични делови итн. Колажот почнал да се користи во кубизмот[4][5] на почетокот на 20 век. Оттогаш го користеле претставници на различни уметнички струи и понатаму го развивале (дадаизам, надреализам, футуризам, поп-арт).[6] Со ширењето на колажот, бил создаден и асамблажот.[7] Делумна елиминирање односно измени на монтираните елементи доведува до деколаж.[8]
Значајни облици низ историјата
Потеклото на оваа техника може да се пронајде во минатото, стотици години оддалечено од 20 век, меѓутоа нејзиното враќање во 20 век внесува новина во дотогашниот свет на уметноста. Колажната техника првпат била употребена во времето на откривањето на хартија во Кина, околу 200 г. пр. н. е. Примената на оваа техника не била особено застапена сè до 10 век во кој во рамките на калиграфијата во Јапонија почнала да се користи лепена хартија на чија површина биле пишувани поеми. Кога е во прашање Европа оваа техника се појавува околу 13 век. Примената на златних ливчиња со кои се облагале подлоги за постигнување на ефект на позлатено, присутна е во готските катедрали во 15 и 16 век. Скапоцени камења и благородни метали почнале да се применуваат при изработката на верски слики, икони и грбови. Во 18 век декупажот може да се пронајде во делата на Мари Делани, додека во 19 век употребата на оваа техника во врска со изработка на сувенири или книги (на пр. Ханс Кристијан Андерсен, Карл Шпицвег).[9] Оваа техника исто така е применувана во раните 1860-ти години во рамките на Викториините фотоколажи. Најпрепознатлив облик техниката добива од 1912 година во делата на Жорж Брак и Пабло Пикасо, кои го осмислуваат поимот колаж и ја прават оваа техника препознатливо обележје на модерната уметност.[10]
Во рамките на кубизмот, самиот назив колаж го создале творците и најважните претставници на оваа насока, шпанскиот сликар Пабло Пикасо и францускиот сликар Жорж Брак.[6] Соработката помеѓу Пикасо и Брак започнала во 1907 година кога Брак го посетил студиото на Пикасо и го видел неговото дело „Госпоѓиците од Авињон“.[11]
Од 1909 до 1914 година Пикасо и Брак заедно ги решавале проблемите на сè посложеното уметничко изразување на кубизмот. Постигнувајќи ја, со кршење на обликот, границата на апстракција од 1912 година Пикасо и Брак се свртуваат кон реалноста, не во непосредно претставување на стварноста, туку со користење на одредени елементи како весници, парчиња тапети, дрво, текстил и врвка.[12] Со експериментирање со обоени и печатени парчиња хартија, биле створени Пикасовото дело „Мртва природа на плетена столица“ и Браковото дело „Сад со овошје и чаша“, што е пример за техниката на папје коле, која вклучува употреба само на хартија, додека колажот се однесува на употребата на други материјали.[11]
Дадаизам
Колажната техника во дадаизмот почнала да се користи од 1920 година. Особено обележје на колажната техника во ова движење е употребата на материјали кои претходно немале толкаво значење, како што се билети, исечоци од списанија, обвивки за бонбони, па дури и тридимензионални ситници.[6]
Надреализам
Надреалистите ја прилагодуваат колажната техника на нивните сопствени теми, потпирајќи се на потсвеста за да создадат единствена група фотографии, илустрации, обоена хартија и бои. Употребата на колаж при прикажување на теми својствени за дадаизмот е изразена во делата на Јозеф Корнел и Андре Бретон.[6]
Декупаж и фотомонтажа како подвидови на колажот
Декупаж
Декупаж е еден вид колаж кој вклучува користење на слика за украсување на објект. Може да вклучи додавање на повеќе копии од истата слика, исечени или слоевити на одредена подлога. Меѓу уметниците од 20 век кои создавале со техниката на декупаж се Пабло Пикасо и Анри Матис .[13]
Фотомонтажа
Фотомонтажата опфаќа правење композитни фотографии со сечење и спојување на неколку други фотографии. Основата на композитната слика понекогаш се фотографира така што вклучува додавање елементи од други фотографии и конечната верзија се постигнува слично како со користење на софтвер за уредување слики.[14]
Колажот, кој најчесто се нарекува визуелна уметност, особено применуван во сликарството, го нашол својот израз и во архитектурата, музиката, илустрацијата, филмот или дизајнот. Присутен е и во дигитален облик.[15]
Adamowicz, Elza (1998). Surrealist collade in Text and Image: Dissecting the Exquisite Corpse. Cambridge University Press. ISBN978-0-521-59204-8.CS1-одржување: ref=harv (link)
Brommer, Gerald (1978). The Art of Collage. Worcester, MA, Davis Publications
Adamowicz, Elza (1998). Surrealist Collage in Text and Image: Dissecting the Exquisite Corpse. Cambridge University Press. ISBN0-521-59204-6.
Ruddick Bloom, Susan (2006). Digital Collage and Painting: Using Photoshop and Painter to Create Fine Art. Focal Press. ISBN0-240-80705-7.
Mark Jarzombek, "Bernhard Hoesli Collages/Civitas", Bernhard Hoesli: Collages, exh. cat., Christina Betanzos Pint, editor (Knoxville: University of Tennessee, September 2001), 3-11.
Taylor, Brandon. Urban walls: a generation of collage in Europe & America: Burhan Dogançay with François Dufrêne, Raymond Hains, Robert Rauschenberg, Mimmo Rotella, Jacques Villeglé, Wolf Vostell. ISBN9781555952884; OCLC191318119 (New York: Hudson Hills Press; [Lanham, MD]: Distributed in the United States by National Book Network, 2008)
Excavations (Ontological Museum Acquisitions) by Richard Misiano-Genovese