Манастир „Св. Дух“ - Везник
Свети Дух (грчки: Ιερά Μονή Αγίου Πνεύματος) — манастир кај селото Везник, Серско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Серско-нигритската епархија на Цариградската патријаршија.[1][2] Манастирот се наоѓа на 2 км северно од Везник, на јужните падини на Сминица. Подигнат е во 1857 г. за време на митрополитот Јаков Серски (подоцна александриски патријарх),[3] крај изворот посветен на Светото Тројство.[1] Според месната легенда, везничките Турци решиле да го преземат изворот, кој го анрекувале Али Блема, за таму да изградат џамија и амам. Мухтарот на Везник повикал кадија од Сер, кој во присуство на христијаните и муслиманите решил дека изворот им припаѓа на муслиманите. Турците изградиле базен и свечено го отвориле, но на свеченоста една млада турска танчерка паднала во него и се удавила. Турците ги срушиле градбите и им дозволиле на христијаните да направат црква. Хамот е подигнат од жителите на Везник и околните села исклучително брзо, при што селаните направиле редица долга 2 км за пренесување на камења од Сминица од рака на рака. Поради оваа брзина, црквата е мала и има архитектонски недостатоци.[1] Храмот е камена базилика со дрвен покрив и ѕидови дебели 1,1 м. Има должина од 7,85 м и ширина од 4,70 м. Апсидата на исток однадвор е полукружна. Црквата има втора ниша — жртвеник. Под чесната трпеза е светата вода, која тука дотекува од извор неколку метри северозападно од храмот. Наосот е мал и затоа подоцна е проширен со притвор со димензии од 8,3 × 5,6 м и женска црква над него. Покривот на припратата е завршен во 1935 г. Подоцна женската црква е срушена.[1] За подигањето на храмот сведочат три натписи на мермерни плочи. Два се вградени во јужниот ѕид. Третиот натпис е над главниот влез. Овој натпис ги повторува информациите од претходните и додава дека храмот бил живописан, но дека фреските биле повредени и се одново пресликани во 1939 г. за време на митрополитот Константин Серски. Фреските во наосот и нартексот се конзервирани во 2001 г.[1] Црквата е живописана.[2] Во неа има неколку вредни икони: „Свети Архангел Михаил“, „Света Троица“ (дело на довишкиот зограф Георгиос Николау), втора икона на Света Троица, „Света Богородица Патеводителка“, „Успение на Пресвета Богородица“, „Исус Христос“, како и „Свети Јован Претеча“ на иконостасот лево од Христос датирана во 1859 г.[1] Конакот на манастирот е изграден или подновен во 1865 г. според гравираната плоча на него.[1] Во манастирскиот двор има многувековен чинар широк 11 м,[1] како и три чешми — од 1866, 1876 и 1878 г. Првоспоменатата чешма има вградена римска стела со тракиски коњаник, три женски и две машки глави.[2] ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia