Марија Спасовска
Марија Спасовска (5 октомври 2005, Скопје) — македонска поп-пејачка, текстописец и композитор, која ја претставувала Македонија на Детската Евровизија. Во 2018 година во Минск, Белорусија, настапила со песната „Дома“ и се пласирала на 12. место.[1] Марија станала популарна во јавноста преку нејзиното учество на мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески и проектот „Македонија во срце те носиме“, каде ја препеала песната „Ој, Вардаре Македонски“.[2] ЖивотописМарија е родена на 5 октомври 2005 година во Скопје, Македонија. Марија на музичката сцена се појавува на само четири годишна возраст на детскиот фестивал „Поточиња“ во Скопје, со песната „Моето Кукле“. На 12-годишна возраст има издадено ЦД со 7 детски песни кои ги пеела на различни фестивали во Македонија. Имала учество и награди на голем број музички фестивали во Македонија, но и надвор, како во Моска, Минск и Витебск, каде на фестивалот „Славјански базар“ ја добила наградата за трето место со изведбата на песната „Црно и Бело“ од Калиопи. Марија има освоено и други награди и признанија на европската музичка сцена за млади таленти, а настапувала и во неколку познати шоу програми за млади таленти во регионот каде постигнала забележителни успеси. Марија Спасовска била дел од глумците кои играле во мјузиклот посветен на Тоше Проески, „Тајно моја“. На 18 август 2018 година, се одржала аудицијата за избор на вокален интерпретатор кој ќе ја претставува Македонија на Детскиот избор за песна на Евровизија 2018, во организација на Македонската радио телевизија, а Марија била избрана едногласно од комисијата.[3] Марија настапила со песната „Дома“ од композиторот Дарко Димитров, додека текстот го напишал заедно со Елена Ристеска. „Дома“ визуелно ја дополнил и режисерот Чедо Поповски, а видео записот бил снимен во Македонската опера и балет. Режисер на сценскиот настап била Љупка Јакимовска. Марија го освоила 12 место од вкупно 20 натпреварувачи.[4] Во октомври 2022 година, Марија дебитирала на фестивалот Макфест во Штип, со песната „Омилен“ за која текстот и музиката сама ги напишала, а аранжманот го направил Роберт Билбилов. Настапила на првата вечер, а со гласовите на публиката се пласирала и во финалето.[5] Летото 2023 година учествувала во проектот „Македонија во срце те носиме“, каде биле преработени дванаесет патриотски македонски песни, а Марија ја препеала песната „Ој, Вардаре Македонски“ од Јонче Христовски.[2] Во октомври 2023 година, Марија по втор пат настапила на фестивалот Макфест во Штип, со песната „Темперамент“ за која, повторно како и минатата година, текстот и музиката сама ги напишала, а аранжманот го направил Иван Јованов.[6] На 7 мај 2024 година, Спасовска ја издава песната „Минато“, ар-ен-би балада која исто така преминува во побрз ритам. Самата таа е автор на стиховите и музиката, додека Никола Мицевски соработувал на аранжманот. Песната е промовирана и по пат на музичко видео. Во многу позитивна критика за Слободен печат, еден новинар ја пофалил нејзината емотивна вокална изведба со „несомнените вокални квалитети и впечатливата експресија во интерпретацијата“. Со цел да ја промовира песната, Спасовска има снимено и музичко видео чија режија ја потпишува Горан Симјаноски.[7] На 26 октомври 2024 година, Марија трета година по ред настапила на фестивалот Макфест во Штип, со песната „Страв“ за која, повторно како и минатите три години, текстот и музиката сама ги напишала, а аранжирана од Никола Мицевски.[8] СингловиСпотови
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia