Милчо Манчевски — македонски кинорежисер, сценарист, писател, фотограф. „Њујорк тајмс“ го вклучил неговиот филм „Пред дождот“ (1994) во списокот 1.000 најдобри филмови во историјата.[1] Манчевски е автор на три изложби на фотографии, проза и поезија, како и книги, есеи и уметнички изведби. Неговите шест играни филмови се распределени во повеќе од 50 земји.
Творештвото на Манчевски се изучува на студиските програми на бројни универзитети како и во средните училишта во Турција и во Италија, а исто така академски предмет е на две академски конференции (во Фиренца и Лајпциг). Манчевски има почесен докторат од московскиот ВГИК.[2] Тој предавал на постдипломските студии на Tisch School of the Arts at NYU, Feirstein Graduate School at Brooklyn Collegе, ВГИК во Москва, EICTV на Куба, Шангајскиот универзитет, итн.
Руската државна филмска школа ВГИК му доделува почесен докторат во 2013 година. Член е на Здружението на режисери на Америка, Европската филмска академија и PEN клубот. Член е на фестивалски жирија во Венеција, Шангај, Варшава, Локарно, Вилнус, Пула, Минхен, Ростов на Дон и др.
Творештво
Пред дождот
Манчевски е автор на повеќе од шеесет филмски дела: кратки, играни и документарни филмови, видеоспотови, рекламни и играни киносценарија.
Тој е сценарист и кинорежисер на играните филмови: Пред дождот (1994)[3], Прашина (2001)[4], Сенки (2007)[5], Мајки (2010)[6], Бикини Мун (2017)[7] и Врба (2019), краткиот филм Четврток (short film) (2013)[8], Крајот на времето (2017)[9] и на преку 50 кратки филмови, документарци, реклами и музички спотови. Исто така, Манчевски се појавува и како глумец во неколку кратки филмови, во два македонски играни филма и во една театарска претстава.
Летото2015 година, Манчевски е претседател на жири-комисијата за доделување на наградата „Леопарди на утрешнината“, во категорија на кратки и средни филмови од млади автори во состав на фестивалот Локарно, еден од најстарите кинофестивали.[10]
Филмографија
Кајмак — Премиера на Кинофестивалот во Токио, 26 октомври 2022 година
Четврток (2013) На 28 август2013 година, на отворањето на седумдесеттото издание на Кинофестивалот во Венеција, во рамки на специјалниот проект „Future Reloaded“ за првпат е прикажан краткиот филм на Манчевски под наслов „Четврток“, кој по премиерата е поставен на интернет-страницата на Манчевски, како и на „Јутјуб“, каде во првите три дена го видоа дури 15 000 гледачи. Исто така, по завршувањето на фестивалот во Венеција, филмот е поставен и на официјалното мрежно место на овoј фестивал. Најпосле, филмот е прикажан на италијанската радиотелевизија „РАИ“, на каналот посветен на кинематографијата, и тоа во рамки на емисијата за седумдесеттиот јубилеј на фестивалот во Венеција.[11] Инаку, филмот „Четврток“ е снимен според сценариото на Манчевски, а продуцент е Арон Левин. Во главната улога настапува Лора Ласи, директор на фотографијата е Уна Ли, монтажата е дело на Питер Мостерт, а музиката ја компонирал Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и претставува американска продукција.[12]
Манчевски е добитник на повеќе награди и признанија, и тоа: за филмот Пред дождот наградата „Златен лав“ за најдобар филм на Фестивалот во Венеција (1994), номинација за наградата „Оскар“ за најдобар филм од странско говорно подрачје (1995), наградата „Сребрен кондор“ за најдобар филм од странско говорно подрачје во Аргентина (1996); за 1.73 награда за најдобар експериментален филм; спотот Тенеси прогласен е за најдобар видео запис според американската музичка телевизија и вброен меѓу стоте најдобри видео записи од магазинот „Ролинг Стоун“.
Манчевски е добитник и на неколку државни признанија: награда „11 Октомври“ (1995), награда „Мајка Тереза“ за хуманитарна работа и Амбасадор на културата на Република Македонија (2007), што ја доделува Владата на Република Македонија.
На 11 март2014 година, на универзитетот „Браун“ во Род Ајленд, САД, започна ретроспектива на филмското творештво на Манчевски, под наслов: „Денови на Манчевски: Мајчин дожд“. Во рамките на ретроспективата се прикажани филмовите: „Прашина“, „Мајки“ и „Пред дождот.“[13]