Монетарно таргетирањеМонетарното таргетирање (англиски: monetary targeting) претставува стратегија на монетарната политика, во која контролата на инфлацијата се спроведува посредно, преку контрола на движењето на монетарните агрегати. Теоретска основа на монетарното таргетирањеСтратегијата на монетарно таргетирање се заснова врз основната поставка на монетаризмот - постоењето на прецизна и стабилна врска помеѓу парите и цените. Во продолжение, верувањето за стабилноста на оваа врска почива врз уште една монетаристичка поставка - постоењето на стабилна и предвидлива побарувачка на пари, односно константна брзина на оптек на парите. Притоа, постоењето на стабилна и предвидлива врска помеѓу парите и цените е потребен, но не и доволен услов за примена на монетарното таргетирање. За да може да се контролира инфлацијата со посредство на монетарните агрегати, потребно е да биде задоволен уште еден услов - централната банка да има цврста контрола врз движењето на монетарните агрегати. На тој начин, монетарното таргетирање е поврзано со уште една монетаристичка поставка - верувањето дека понудата на пари е целосно определена од централната банка. Ако се задоволени овие две претпоставки, таргетирањето на монетарните агрегати обезбедува прецизна контрола на инфлацијата. Тогаш, монетарното таргетирање се сведува на два чекора: прво, врз основа на посакуваната стапка на инфлација се проектира стапката на монетарен растеж и; второ, со помош на инструментите на монетарната политика се обезбедува потребниот монетарен растеж.[1] Стратегијата на монетарно таргетирање ги има следниве предности:
Монетарното таргетирање во праксатаМонетарното таргетирање се појавило во практичното водење на монетарната политика во 1970-тите, т.е. во времето кога монетаризмот го доживеал својот најголем подем. Така, примената на монетарното таргетирање во САД започнала во 1980, кога бил донесен Законот за монетарна контрола (The Monetary Control Act). Притоа, во 1980-тите, се контролирало движењето на монетарните агрегати М1, М2 и М3, а во 1987 се напуштило таргетирањето на М1. Сепак, монетарното таргетирање во САД се применувало на флексибилен начин: не се поставувале цврсти таргети за монетарниот растеж, туку биле поставувани одредени интервали за движењето на монетарните агрегати; понатаму, централната банка не се држела до поставените таргети на тековна, т.е. неделна или месечна основа и; најпосле, од 1976 до 1984, централната банка само двапати ги почитувала објавените монетарни таргети, кои најчесто се пробивале и се ревидирале.[4][5][6] Во Британија, монетарното таргетирање за првпат се применило во 1976, но поголемо значење добило во 1980-1981. И во оваа земја, монетарното таргетирање било применувано на флексибилен начин, т.е. со често менување на монетарните агрегати кои биле предмет на таргетирање, истовремено користење на еден ист агрегат како посредна цел и како индикатор на монетарната политика, а исто така, поставените таргети најчесто не биле почитувани.[7] Најголема традиција во примената на монетарното таргетирање има Бундесбанката. Монетарното таргетирање во Германија започнало во 1975 и до 1987 се таргетирал растежот на потесната дефиниција на парите, а од 1988 се таргетирал поширокиот агрегат М3. На почетокот, Бундесбанката поставувала фиксни таргети, а од 1979, таргетите се даваат како интервал со отстапување од 1 до 1,5 процентни бодови. Во средината на 1991, за првпат била извршена ревизија на таргетот во средината од тековната година, а во декември 1996, за првпат, бил објавен двогодишен таргет. Меѓутоа, и во Германија монетарното таргетирање се применува многу флексибилно: во целиот период на примената на монетарното таргетирање имало отстапувања од објавените таргети; приближувањето од среднорочната кон долгорочната цел за инфлацијата се вршело постепено; монетарната политика на кус рок реагирала и на други цели (реалниот производ и девизниот курс); клучен елемент во спроведувањето на стратегијата била транспарентноста, т.е. комуникацијата со јавноста итн.[8][9] Во првата половина на 1980-тите, како последица на нестабилната побарувачка на пари, развиените земји го напуштија монетарното таргетирање, а подоцна, само Германија и Швајцарија останаа верни кон оваа стратегија. Тоа не значи дека монетарните агрегати немаат никаква улога во водењето на монетарната политика, но сепак, нивната улога не е толку значајна како порано. Денес, монетарните агрегати се употребуваат само како еден од бројните индикатори кои ги следат централните банки, односно нивната улога е намалена од посредна цел на информациска променлива.[8][10][11][12] Примената на монетарното таргетирање воопшто не е ограничена само на развиените земји. Напротив, голем број земји во развој ги употребиле монетарните таргети како основа на стабилизационите програми,[13][14][15] а исто така, и некои земји во транзиција извршиле успешна дезинфлација со помош на монетарното таргетирање.[16][17][18][19] Притоа, од искуството на земјите кои применувале стабилизациони програми засновани врз парите (money-based stabilization), можат да се извлечат следниве емпириски факти:[20]
Недостатоци на монетарното таргетирањеУспехот на монетарно таргетирање пресудно зависи од двете основни претпоставки врз кои почива оваа стратегија: врската помеѓу парите и цените, како и контролата врз паричната маса. Критиките на оваа стратегија се насочени токму кон овие појдовни претпоставки: Најпрвин, на удар на критиката е претпоставката за постоење силна и прецизна врска помеѓу монетарните агрегати и инфлацијата. Денес, економистите се согласни дека на долг рок постои силна поврзаност помеѓу монетарниот растеж и стапката на инфлација. Меѓутоа, на кус рок, врската помеѓу монетарните агрегати и стапката на инфлација може да биде многу нестабилна и променлива, а тоа значително ја намалува употребливоста на монетарното таргетирање како стратегија на монетарната политика. Понатаму, употребливоста на оваа стратегија зависи од стабилноста на побарувачката на пари. Меѓутоа, постојат бројни причини (дерегулацијата и либерализацијата на финансиските пазари, технолошките иновации итн.), кои доведуваат до голема нестабилност на побарувачката на пари, со што целосно пропаѓа основата на монетарното таргетирање. Значењето на овој фактор е посебно потенцирано со неизвесноста околу карактерот на промените на побарувачката на пари, т.е. дали се работи само за привремена промена или пресврт во долгорочниот тренд.[21][22] Впрочем, напуштањето на монетарното таргетирање во развиените економии во 1980-тите се должи токму на големата нестабилност на побарувачката на пари и слабата врска помеѓу монетарните агрегати и инфлацијата.[10][23][24][25][26] Kритичарите на монетарното таргетирање ја напаѓаат и втората клучна поставка - можноста за контрола на паричната маса од страна на централната банка. Во таа смисла, се истакнува дека движењето на парите е под влијание на факторите врз кои централната банка нема никаква контрола (приватната побарувачка на кредити, финансиските инструменти, движењето на меѓународниот капитал, трансакциите на тековната сметка итн.). Оттука, централната банка не може да ги остварува поставените монетарни таргети, со соодветни негативни последици врз кредибилитетот на оваа стратегија[27][28][29] Монетарното таргетирање се критикува и како неефикасна стратегија во смисла на нејзината информациска основа. Имено, во оваа стратегија, монетарната политика реагира само врз основа на информациите за отстапувањето на паричната маса од поставените таргети. Притоа, целосно се игнорираат другите информации за променливите од кои, исто така, зависи инфлацијата, со што монетарното таргетирање се покажува како неефикасна и неоптимална стратегија[30][31] Монетарното таргетирање се критикува и од аспект на нестабилноста на инструментите на монетарната политика. Имено, доколку како инструмент на монетарната политика се употребуваат кусорочните каматни стапки, што е вообичаена пракса во развиените земји, тогаш придржувањето кон монетарните таргети бара премногу често менување на каматните стапки, а тоа предизвикува негативни последици врз финансиските пазари.[32][33] Најпосле, монетарното таргетирање се критикува од аспект на трошоците на дезинфлацијата. Во тој контекст, се наведува дека паралелно со дезинфлацијата (доколку таа има кредибилитет), обично се зголемува побарувачката на пари, додека монетарниот растеж е ограничен со поставените таргети и не може да се зголеми соодветно. На тој начин, оваа стратегија води кон премногу високи реални каматни стапки и предизвикува големи дезинфлациони трошоци.[34] Монетарното таргетирање во МакедонијаПримената на монетарното таргетирање во Македонија започна во април 1992, истовремено со монетарното осамостојување, а во рамките на стабилизационата програма, насочена кон соборување на високата инфлација. Притоа, монетарната политика беше насочена кон контрола на следниве монетарни агрегати: потесната дефиниција на паричната маса - М1, нето-домашната актива на банките и порастот на кредитите на банките. На почетокот, централната банка остро го намали монетарниот ратсеж: месечната стапка на пораст на потесната парична маса - М1 опадна од 73.3% во април на 13.9% во мај и само 6.7% во јуни. Но, веќе во јули, централната банка почна да отстапува од остриот курс и повторно беа забележани двоцифрени стапки на монетарен растеж. На тој начин, за целата 1992 беше остварен просечен месечен пораст на М1 од 18.9%. Притоа, во текот на целата година, паричната маса порасна за дури 704.5%, така што воопшто не можеше да стане збор за соборување на инфлацијата, која на крајот на 1992 достигна застрашувачки 1 965.3%.[35] Во раните 1990-ти, монетарното таргетирање во Македонија се спроведуваше во многу неповолни макроекономски, институционални и политички услови, поради што оваа стратегија беше однапред осудена на целосна неделотворност. На пример, државните претпријатија беа целосно зависни од монетарната инфузија како механизам за тековно опстојување. Во продолжение, заради непостоењето на пазар на пари и слабата капитална основа, банките беа постојано свртени кон кредитите од централната банка. Оттука, централната банка се најде во двојна, противречна улога: од една страна, таа мораше да ги финансира фирмите и банките, а од друга страна, требаше да обезбеди контрола на инфлацијата. Се разбира, поради катастрофалната позиција на банкарскиот сектор и економијата, централната банка не можеше да води остра монетарна политика, без да предизвика големи негативни ефекти врз економијата. Стратегијата на монетарно таргетирање беше ограничена и од фактот дека централната банка не беше способна технички да го контролира движењето на монетарните агрегати. Oсновната причина за неефективната монетарна контрола беше практиката на одобрување селективни кредити од примарната емисија за поддршка на земјоделието и извозот. Основниот проблем со селективните кредити беше тоа што иницијативата за нивното користење ја имаа самите претпријатија, така што централната банка немаше контрола врз примарните пари. Во продолжение, убедливо најважен тек на создавање пари во овој период беа девизните трансакции на централната банка, кои имаат карактер на автономни текови. Оттука, централната банка немаше контрола врз парите, што ја намалуваше делотворноста на монетарното таргетирање. Во исто време, индиректните инструменти на монетарна контрола не беа воведени, така што централната банка немаше ниту соодветни инструменти за контрола на монетарните агрегати. Најпосле, монетарното таргетирање беше тешко применливо и заради нестабилната побарувачка на пари.[36] Почнувајќи од мај 1993, постепено се напушташе системот на селективно кредитирање, што имаше исклучително големо значење за способноста на централната банка за поголема контрола врз движењето на паричната маса. Оттука, во текот на 1993, монетарната политика обезбеди далеку понизок монетарен растеж: потесната парична маса - М1 порасна за 239.7%, со просечна месечна стапка на раст од 11.3%. Секако, поцврстата монетарна политика доведе до драстично намалување на стапката на инфлација која беше сведена на 241.6%. Во март 1994, дефинитивно се напушти селективното кредитирање со што монетарната политика беше целосно насочена кон контрола на инфлацијата. Таа година, за првпат беше остварен годишен пораст на М1 од 83.2%, што доведе до големо намалување на стапката на инфлација која, за првпат по низа години, беше сведена на двоцифрено ниво од 55.4%. Во 1995, монетарната политика беше уште поодлучна во борбата против инфлацијата, намалувајќи го монетарниот растеж на само 19.3%. Сето тоа резултираше во успех така што на крајот од 1995, годишната инфлација беше сведена на 9% - прва едноцифрена стапка на инфлација забележана во Македонија по подолго време. Сепак, наспроти постепеното намалување на инфлацијата, периодот на примената на монетарното таргетирање беше обележан со опаѓање на бруто-домашниот производ, многу високи стапки на невработеност и нерамнотежа во билансот на меѓународните плаќања.[37] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia